ЧУДАТА НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА
Епископ Велички Гаврил Светогорец
ЧУДО 19.
За еден несторијанец што воскреснал
Во Сирија живеел еден испосник, кој бил добродетелен и свет, по име Партениј. Тој имал обичај честопати да оди на гората Синај на поклонение на Неопаливата капина и мислел на чудото што се случило при неа како праобраз на пречиста Дева Марија.
Кога одел кон Црвеното Море, тој го пеел Дамаскиновиот тропар:
,,В Чермњем Мори неискусобрачнија невести, образ написасја…”
Одејќи така често, се случило еднаш покрај морето да најде труп на умрен човек и од сожаление зел да го мие и да Му се моли на Бога и на Мајката Божја да му се спаси душата.
Така молејќи се, умрениот оживел, му се поклонил на старецот и му рекол:
„Ти благодарам крајно, Божји угодниче. Преголема е твојата љубов и вера кон Бога и кон пресвета Богородица затоа што не само тебе што ти помага туку и други ослободува од душевна смрт, па и мене недостојниот ме избави и ме оживеа”.
Партениј го прашал:
„Те заколнувам во пречиста Дева, да ми кажеш кој си ти и што се случило со тебе?”
Тогаш тој му одговорил:
„О Божји слуго, треба да се раскаже овој случај по целиот свет, а најмногу за чудата што ги прави света Богородица. Слушај сега”.
„Јас бев прелаган и голем верник на Несториј и кога ќе чуев некој да зборува за Богородица, многу се лутев и мислев дека е голем грев жена да се именува „Богородица”.
Меѓутоа, кога патував за Ерусалим по море, во коработ имаше еден Божји човек кој ме позна дека сум несторијанец и ме советуваше да ја оставам таа хулна ерес.
Но, јас му се лутев многу, мислејќи дека мојата вера е вистинска. И толку многу се препиравме, што веќе не можеа да не трпат другите патници и почнаа да не разделуваат еден од друг за да биде мир во коработ.
Еднаш кога седевме на палубата, почнавме пак да се препираме и се грабнавме, така што и двајцата паднавме во морето. Тогаш видов една достоинствена жена, која го фати него за рака и му рече:
„Ти си мој пријател, се бориш за мене и јас не те оставам да се удавиш, но ќе те водам да се поклониш на гробот на Мојот Син, а по три години ќе отидеш во небесното живеалиште”.
Мене, пак, ми рече:
„Оди несреќниче во вечната мака при твојот учител Нестор”.
И така ме покри морето и темните ѓаволи ми ја зедоа душата и ја однесоа во пеколот. Таму видов мнозина како се измачуваат и го проколнуваат Нестора, кој со својата лажна наука ги одвел таму каде што бев и јас до овој момент.
Кога почна ти да се молиш за мојата душа, онаа преславна жена дојде и ми рече:
„Излези одовде, оти за тебе се моли мојот слуга Партениј и кажи му понатаму да не се моли за моите непријатели; а ти да кажуваш во каква мака се несторијанците”.
Тоа кога го чув, веднаш ми се врати душата во телото. „Ти благодарам и те молам да ме помажеш со твоето свето миро, оти веќе го оставам Несториевото лажно и проклето верување, а исповедувам дека приснодева Марија е вистинска Богородица, и молам Нејзината милост да ме прими и мене недостојниот таму каде што се оние што нејзе и служат”.
Кога го чул тоа старецот, многу се зарадувал и Му благодарил на Бога. Потоа отишле во Ерусалим и таму го нашле споменатиот христијанин. Откако се поклониле на Божјиот гроб, тројцата се вратиле во пустината и живееле заедно, угодувајќи Му на Бога и отпосле се преселиле во вечниот живот.
Амин.
5 „Некогаш Црвеното Море стана слика на неискусобрачната невеста: таму Мојсеј разделител на водата, овде Гаврил служител на чудото: тогаш Израил длабочината ја мина по суво, сега Христа бессемено Го роди Дева; морето, по преминот на Израилците стана непроодно, а непорочната, по раѓањето на Емануила, остана нетлена:
Ти Кој Си, и од секогаш постоиш, Кој се јави како човек, Боже, смилувај се на нас” – догматик на 5- ти глас.