Добро е што се вежбаш во Исусовата молитва. Светите отци молитвата ја нарекувале Царица на христијанските добродетели, бидејќи таа ги привлекува и останатите добродетели. Но, колку е молитвата возвишена, толку и труд бара.
Преподобниот Агатон вели:
„Молитвата до последниот здив е поврзана со напорот на тешката борба“.
Правиш по сто молитви наутро и навечер; тоа за тебе е доволно, само потруди се да се молиш со внимание; немој да се вознемируваш што при молитвата на срцето имаш некаква сувост, сепак, присилувај се себеси, само вниманието задржувај го, како што ти кажував, на горниот дел од градите.
На работа и меѓу луѓето труди се со умот да стоиш пред Бога, т.е. да се сеќаваш на Бога, т.е. Свест дека Тој е тука со тебе. Ако душата повеќе ти ја допираат псалмите или акатистите – читај ги, ако имаш време.
„За постојана и умносрдечна молитва, кон која инаку тежнееш, нема да Го молиме Господа – таква состојба имаат малкумина, едвај во илјада да најдеш еден“, рекол св. Исак Сирин „и до тој духовен степен се достига по Божја благодат поради духовно смирение.“
Не стреми се кон топлина на срцето, таа доаѓа без наше барање и очекување. Во молитвата треба да биде вложен наш труд, а успехот зависи од благодатта, од тоа повеќе не барај и не распламтувај се. Во духовниот живот трката е неумесна, а потребна е стрплива постепеност. Ти се` уште си телесно и духовно млада.
Свети Јован Лествичник вели:
„Отвори ја душата на новоначалниот (почетникот) и ќе видиш неправилност; тој има желба за постојана молитва, секојдневно сеќавање на смртта и потполно безгневие; тоа е состојба само на совршените“.
Знаци на молитвата се топлината и скрушеност на срцето, така постануваш свесен за својата ништожност и повикуваш кон Господа:
„Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме мене грешната“.
Да се молиш може и со други зборови, онака како што ти е најдобро.
Ти не сакаш да грешиш, а грешиш тешко. Што да се прави? Луѓе сме, кои тело носат, подложни на ѓаволски искушенија. И тогаш кога ќе се поколебаш во добродетелта, не трепери и не паѓај со духот; стани, исправи се и понатаму оди напред.
Знај дека за да истраеш во добродетелта, не зависи од нас, туку од благодатта Божја. Имај смирение и не верувај на себе, се` додека не легнеш во гроб, а другите за ништо не осудувај ги. Ако човек ги осуди другите во нешто, тој и самиот во исти гревови ќе падне, поинаку и не може.
Ако некогаш се случи да излажеш поради осаменост за да се задржиш дома, тоа не е погрешно!
Труди се, се` што правиш да биде заради Бога!
Бог нека те измудри!
(преземено од книгата „Писмата на Валаамскиот Старец“)