ПРОМИСЛАТА БОЖЈА

• Над времето, општествените случувања и поединечните судбини се гледа Бог, Создател на сите созданија и нивни безграничен Владика, Кој се’ гледа, со се’ управува, на се’ му ја одредува целта и намената.

Бог му дозволува на човекот да го набљудува Неговото управување. Но причините за судбините и вистинските причини за Господовите одлуки познати му се единствено на Бог:

„Оти, кој ја позна мислата на Господа? Или, кој му бил советник? (Рим. 11, 34).

И тоа што му се дозволува на човекот да Го набљудува Бога преку Неговата Промисла и преку Неговото управување, претставува најголемо богатство за човекот, и му донесува обилна душевна корист.

Набљудувањето на Создателот и Господ на сите видливи и невидливи созданија го облекува набљудувачот во натприродна сила: со тоа набљудување е соединето признавањето на неограничената власт на Семоќниот Цар на се’ создадено над Неговите созданија.

Влакната од косата, кои според човечкото мислење се толку неважни, изброени се во таа неограничена и сеопфатна Премудрост и се чуваат во неа (Мат. 10, 30; Лука 21, 18).

Уште повеќе, без Неа не може да се случи никаков значаен настан, никаков пресврт во човековиот живот. Христијанинот, кој непоколебливо гледа на Божјата Промисла, среде најстрашните зла, останува храбар и непоколебливо цврст.

Тој со светиот псалмопејач и пророк вели:

„Ceкогаш Го гледав пред Себе Господа, зашто Он е од мојата десна страна, за да не се поколебам (Псал. 15,8). Господ е мој помошник; нема да се плашам од никакви несреки, нема да се предавам на униние, ниту ќе се потопам во длабокото море на тагата.

Слава на Бога за се’!

Co набљудувањето на Божјата Промисла човекот се учи на безгранична покорност на Бог. Го опкружуваат ли слугата Божји од сите страни разни неволји?

Тој своето рането срце, вака го теши:

„Бог се’ гледа. Кога од причини, кои Му се познати на Него Премудриот, на мене тие неволји не би ми биле корисни и потребни, Он, Семоќниот би ги тргнал од мене. Но не ги одвраќа: значи, по Неговата сесвета волја е тие неволји да ме мачат.

Мене таа волја ми е поскапоцена и од животот! За созданието е подобро да умре, отколку да ја отфрли волјата на Создателот!

Во таа волја е вистинскиот живот! Кој ќе умре заради исполнување на волјата Божја, почнува да живее вистински живот. Слава на Бога за се’!”

Од набљудувањето на Божјата Промисла во душата се формира длабока кроткост и непроменлива љубов кон ближниот, која никакви ветрови не можат да ja вознемират и разбрануваат.

За таквата душа нема навреда, нема злостор: сите созданија се однесуваат според заповедите на Создателот, бидејќи созданието е само слепо орудие. Во таквата душа се разлева гласот на смирението, кој ја обвинува за безбројните прегрешенија и ги оправдува ближните како орудија на праведната Промисла.

Тој глас се разлева во текот на страданијата, донесувајќи спокојство и утеха; тој тивко вели:

„Јас го добивам она што го заслужив со своите дела. Подобро да пострадам во текот на овој краткотраен живот, отколку вечно да страдам во вечните адски маки. Моите гревови не можат да бидат неказнети:

бидејќи тоа го бара Божјата правда. Во тоа што тие се казнети во текот на краткотрајниот земен живот, jac го гледам неискажливото Божјо милосрдие”.

Слава на Бога!

Видението на Божјата Промисла ја чува и ја зацврстува верата во Бог. Оној кој ја гледа невидливата, семоќна рака која управува со светот останува непоматен среде страшните бури кои го брануваат морето на животот: тој верува дека семоќната и премудpa Божја десница го држи кормилото на Црквата, дека управува со животот на општеството и со судбината на секој човек.

Гледајќи ги суровите бранови, мрачните облаци и грозните бури, тој се задоволува и се смирува со мислата дека Бог гледа се’ што се случува. На човекот, слабо создание, му доликува тивка и смирена покорност, едно побожно познание и созерцување на Божјите судови.

Тој во се’ треба да се насочува кон патиштата кои му се покажани, кон целите кои му се одредени одозгора! Слава на Бога за се’!

Co согледување на Божествената Промисла нема да опстанат не само минливите неволји, туку и оние кои го очекуваат човекот за време на стапувањето во вечноста, зад границата на гробот.

Нив ги отапува и уништува благодатната утеха, која секогаш се спушта во душата, Koja се откажала од себе заради покорност на Бог. Со самоотфрлање и предаденост на волјата Божја, ниту смртта не е страшна: верниот Христов слуга ги предава својата душа и вечната судбина во рацете Христови, ги предава со цврста надеж во Христа, со непоколеблива надеж во Неговата благост и моќ.

Кога душата ќе се раздели од телото и кога дрско и бргу ќе и’ се приближат отфрлените ангели, таа тие мрачни и злобни ангели ке ги порази со своето самоодрекување и ќе ги натера во бегство.

„Земете ме, земете ме – храбро ќе им рече таа – фрлете ме во мрачна провалија, огнена провалија, фрлете ме во провалијата на адот, ако е тоа волја на мојот Бог, ако Он го одредил тоа за мене: подобро да бидам лишена од рајските сладости, полесно ми е да го поднесам адскиот пламен, отколку да jа нарушам волјата и одредбата на великиот Бог.

Нему My се предадов и Му се предавам! Он е судија на моите слабости и прегрешенија, а не вие! Вие и преку својата безумна непокорност само ги извршувате Неговите одлуки”.

Слугите на кнезот на овој свет ќе се најдат во недоумица кога ке го видат храброто и кротко самоодрекување и целосната предаденост на волјата Божја! Отфрлајќи ја таа блажена покорност, тие од светли и добри ангели станале мрачни и сезлобни демони.

Тие ќе отстапат со срам, а душата без пречки ќе го продолжи својот пат, таму каде што е нејзиното богатство – Бог.

Таму лице в лице ке Го гледа Оној, Кого овде Го гледа со вера во Неговата Промисла и вечно ќе воскликнува: слава на Бога!

Себлагост на Промислата

• Христијанинот никогаш и за ништо не треба да се вознемирува, бидејќи Божјата Промисла го носи на Своите раце. Нашата грижа треба да се состои во тоа да Му останеме верни на Господа.

• Божествената Промисла е во состојба се’ да исправи, и од навидум неповолни околности да преточи спасоносни последици, како водата од каменот- со молитва и со надеж зачувајте го душевниот мир, а она што не е во наша моќ – препуштете Му го на Бог.

• Немоќниот човек сака да дејствува и таму каде што тоа не е возможно, тој би сакал секаде да пружи својатат „моќна” рака, секаде би сакал да дејствува, во зависност на своите „мудри” сфаќања.

И никако нема Бог да Го признае за доволно мокен и разумен дејственик, и поради тоа на молитвата постојано да се обраќа кон Него. Меѓутоа, штом ќе My се обрати на Бог со смирена молитва, а не со телесна и нервна, со распламтена крв – предавајќи се себе и своите ближни на милоста и волјата Божја, веднаш наоѓа мир.

Пренесено од книгата “Енциклопедија на православниот духовен живот” од Свети Игнатиј Брјанчанинов

Подготви Мина Даниловска

Претходна статијаВечност — нема крај! Од тоа ме полазуваат морници!…
Следна статијаДа бидеш епископ на срцето?