Кондак 1.
Избран од древните времиња да бидеш Претеча и Крстител на Спасителот на светот – Христос Бог, тебе – Јоване Богославен, кој го прослави Оној што тебе те прослави, ти принесуваме пофалбени песни како најголем меѓу сите од жена родени, како ангел во тело, како проповедник на покајанието; а ти бидејќи имаш голема слобода пред Господа, избавувај не од секакви непријатности и поттикнувај не на покајание нас кои со љубов ти воскликнуваме:
Радувај се, Велики Јоване – Пророку, Претечо и Крстителу Господов!
Икос 1.
Кога свештеникот Захариј, служејќи по својот ред пред Бога влезе во храмот Господов да кади, при него беше испратен Архангелот Гаврил кој пред Бога стои, и застанувајќи од десната страна на кадениот олтар благовестуваше за твоето раѓање, Велики Јоване, објавувајќи на Захариј радост и веселба, и дека мнозина ќе бидат израдувани со твоето раѓање. Затоа и ние, воодушевени и израдувани од благоволението Божјо кон тебе, со стравопочит во пофалба ти воскликнуваме:
Радувај се, зашто ти била поверена неискажливата одлука Божја!
Радувај се, исполнување на Неговата прекрасна промисла за светот!
Радувај се, зашто многу години порано Исаија со пророштво те објави!
Радувај се, одамна предскажан веснику пред лицето Господово!
Радувај се, зашто си бил предодреден да бидеш пророк на Севишниот!
Радувај се, роден по ветувањето на ангел!
Радувај се, уште во утробата на својата мајка, со Дух Свет исполнет!
Радувај се, пред своето раѓање за голема служба осветен!
Радувај се, ослободување од неплодност на родителите!
Радувај се, радост и веселбо на свештениците!
Радувај се, потомок на ќерка Аронова!
Радувај се, од Бога подарен плоду на молитвата!
Радувај се, Велики Јоване – Пророку, Претечо и Крстителу Господов!
Кондак 2.
Кога го виде ангелот кој му се јави, Захариј се збуни и страв го обзеде и не поверува на зборовите на неговото благовестување за твоето раѓање. А кога за неверието беше поразен со онемување, воодушевувајќи се од преславното чудо, од сесрце на Бога Му воскликнуваше: Алилуја!
Икос 2.
Во исчекување да го разберат несфатливото збиднување, луѓето се чудеа зошто Захариј се задржа во храмот, а кога тој излезе, не можеше да зборува, но само им покажуваше знаци и тогаш сите разбраа дека имал видение во храмот. Ние пак, прославувајќи Го прекрасниот Чудотворец – Господ Бог, ова ти го воскликнуваме:
Радувај се, добар причинителу за татковото онемување!
Радувај се, зашто солзите на својата мајка ги замени со радост!
Радувај се, зашто ти ја избави од прекорувањата на луѓето!
Радувај се, голема утехо на оние кои те родија!
Радувај се, зашто во шестиот месец, за твоето раѓање, од ангел беше известена Пресвета Дева Марија во Назарет!
Радувај се, зашто со твоето раѓање мнозина си израдувал!
Радувај се, зашто си добил блажено име, од ангел одредено!
Радувај се, зашто со твоето раѓање се ослободи од онемувањето твојот татко Захариј!
Радувај се, зашто заради тебе твојот татко го благослови името на Бога!
Радувај се, зашто твоето чудесно раѓање внесе страв и воодушевување кај соседите!
Радувај се, зашто по целата Јудејска земја се слушна за твоето чудесно раѓање!
Радувај се, зашто преку тебе на мнозина им се јави спасение во овој свет!
Радувај се, Велики Јоване – Пророку, Претечо и Крстителу Господов!
Кондак 3.
Силата на Севишниот ја ослободи од неплодност остарената праведна Елисавета, зашто те зачна славен Претечо Господов и таеше пет месеци говорејќи: така ми направи Господ во овие денови во кои погледна на мене за да ме избави од прекорите на луѓето. А кога Ја прими Онаа Која Го носеше Христа во утробата, Елисавета се исполна со Дух Свети и извика гласно: Откаде со мене ова – при мене да дојде Мајката на мојот Господ? И радувајќи се со Неа, на Бога му воскликнуваше: Алилуја!
Икос 3.
Бидејќи требаше да одиш пред Господа во духот и силата на Илија, ти уште во мајчината утроба се исполна со Дух Свети и се покажа како необичен пророк кога при доаѓањето на Мајката Господова, препознавајќи дека Благодатната Го носи во Својата утроба Бога, радосно заигра во утробата на својата мајка и со нејзиниот глас искажа проповед, зашто требаше почетокот на божествените дела да биде преславен. Ние, побожно восхитувајќи се од тоа, со радост ти воскликнуваме:
Радувај се, зашто уште во утробата на својата мајка со чудесна радост го објави Господа Кој пред Себе те испрати!
Радувај се, зашто поради тебе овоплотувањето Христово и се откри и на твојата мајка!
Радувај се, зашто и таа се исполни со Дух Свети!
Радувај се, зашто и таа се покажа како прекрасен пророк!
Радувај се, зашто од неа Пресвета Богородица беше наречена Благословена меѓу жените!
Радувај се, зашто и Нејзиниот бессемен плод однапред се нарече Благословен.
Радувај се, предходнику на Божјата Премудрост.
Радувај се, благослове на светото сопружништво!
Радувај се, прекрасен цвету на неплодната утроба!
Радувај се, зашто со своето раѓање ги воодушеви луѓето!
Радувај се, светол гласу на Словото!
Радувај се, Велики Јоване – Пророку, Претечо и Крстителу Господов!
Кондак 4.
Попречен од бура на сомнежи, јерејот Захариј, по зборовите на Архангелот, не можеше да прозборува. А кога по раѓањето твое, Претечо Господов, тој го напиша благодатното име твое, веднаш му се одврзаа устата и јазикот и зборуваше, благословувајќи го Бога и пророкуваше велејќи: Благословен е Господ, Бог Израилев, што го посети и избави народот Свој; а ти, дете, пророк на Севишниот ќе се наречеш, пеејќи Му: Алилуја!
Икос 4.
Кога слушнаа за твоето преславно и чудесно раѓање, сите што околу живееја со чудење зборуваа меѓу себе: Што ли ќе стане од ова дете? А ние, преславен Претечо Господов, достојно почитувајќи те како најголем меѓу сите од жена родени, вака те прославуваме:
Радувај се, зашто од зачнувањето свое со благодетни знаци си исполнет!
Радувај се, зашто во своето раѓање од Бога си прославен!
Радувај се, зашто како доенче твојот татко те нарече Пророк на Севишниот!
Радувај се, во детството свое од Светиот Дух просветен и поткрепен!
Радувај се, сроднику по тело на овоплотениот Бог!
Радувај се, зашто од Бога си добил висока титула на Претеча и Крстител!
Радувај се, зоро која Светлоста на светот ја најави!
Радувај се, ѕвездо која го осветли патот што води кон Христа!
Радувај се, утринска ѕвездо на Сонцето што не заоѓа!
Радувај се, факелу на неизгасливата Светлина!
Радувај се, зашто го приготвуваш патот за Христа Кој доаѓа!
Радувај се, зашто ангел и човек во себе покажуваш!
Радувај се, Велики Јоване – Пророку, Претечо и Крстителу Господов!
Кондак 5.
Против-божната наредба на беззакониот детеубиец Ирод те протера Претечо Господов, носен од твојата мајка, од татковиот дом во непроодна пустина, каде што остана се додека не му се покажа на Израилот, јадејќи корења и див мед и воскликнувајќи Му на Бога: Алилуја!
Икос 5.
Ја гледаме чудесната Божја промисла за тебе, Јоване Богославен. Зашто уште од пелени се покажа љубител на испосничкиот живот и оттука, по волјата на Севишниот, беше испратен да им го проповедаш на луѓето спасението кое преку Христа доаѓа. Затоа со восхит и љубов ти воскликнуваме:
Радувај се, зашто уште како доенче царот Ирод си го исплашил!
Радувај се, зашто десницата на Севишниот те сочува да не те убие Ирод изненадно!
Радувај се, благо-миризлива розо на пустината!
Радувај се, зашто со висината на твоите подвизи сите ги восхити!
Радувај се, верен патоказу на правиот пат!
Радувај се, прекрасен чувару на чистотата и целомудреноста!
Радувај се, совршен примеру на Евангелското самоодрекување!
Радувај се, покровителу и утврдувачу на монасите!
Радувај се, умствено просветување на богословите!
Радувај се, зашто на грешниците им ја отвораш вратата на на Божјата милост!
Радувај се, зашто им даваш од Господа прошка на покајаните грешници!
Радувај се, зашто помагаш да се раѓаат плодови на покајание!
Радувај се, Велики Јоване – Пророку, Претечо и Крстителу Господов!
Кондак 6.
Божествен Претечо, ти се покажа како славен проповедник во Јорданската пустина во деновите кога Христос Бог му се јави на светот, зашто си го покажал Него на народот, велејќи: Еве Го Јагнето Божјо Кое ги зеде врз Себе гревовите на светот! А ние, препознавајќи Го со вера, му пееме: Алилуја!
Икос 6.
Си заблескал со светлоста на вистината, Јоване Богопросветен, објавувајќи им ја на сите блескавата слава на Отецот, Кој заради нас се јави во тело. Зашто гласно си му зборувал на народот во пустината: Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно! Принесете плодови на покајание. Зашто еве, по мене доаѓа Оној Кој ќе ве крсти со вода и Дух! Затоа пофалбено ти воскликнуваме:
Радувај се, веснику на доаѓањето на Месијата!
Радувај се, приготвителу на патиштата Господови!
Радувај се, посреднику помеѓу старите и новите благодети!
Радувај се, зашто го означи крајот на пророците и почетокот на апостолите!
Радувај се, славен гласу на Словото!
Радувај се, громогласен проповеднику на покајанието!
Радувај се, зашто многу синови Израилеви кон Господа си обратил!
Радувај се, зашто совршен народ за Господа си подготвувал!
Радувај се, зашто фарисеите и садукеите храбро си ги изобличувал!
Радувај се, зашто си научил да раѓаш родови достојни за покајание!
Радувај се, укажувачу на духовната просвета!
Радувај се, буден застапнику на оние кои го бараат твоето посредување!
Радувај се, Велики Јоване – Пророку, Претечо и Крстителу Господов!
Кондак 7.
Кога Господ Исус сакаше да Го крстиш, Јоване Богоблажен, ти Му одговори: Ти треба мене да ме крстиш. Но, сепак, Му се покори кога Тој ти рече: Остави сега. Ти ја стави својата десница на Неговата глава и Го крсти Оној Кому очистување не Му беше потребно, воскликнувајќи: Алилуја!
Икос 7.
Дарувајќи нова благодат, Господ Кој благоволи да се крсти од тебе, те удостои да го видиш слегувањето на Светиот Дух и да го слушнеш гласот на Отецот од небесата, Кој сведочеше дека тоа е Неговиот Син. Оттука и нас си не научил да се Му поклонуваме на Единиот Бог во Три Лица. Прославувајќи Го Него со земни усти, Тебе пофалбено ова ти го принесуваме:
Радувај се, прв проповеднику за јавувањето на Бога во Светата Троица!
Радувај се, вистински поклонику на Единиот Бог претставен во Три лица!
Радувај се, очевидецу на Светиот Дух јавен во вид на гулаб!
Радувај се, сведоку на Неговото слегување од Отецот на Синот!
Радувај се, слушателу на гласот од небото кој од Бога Оца доаѓаше!
Радувај се, гледачу на изливањето на љубовта Таткова кон Синот!
Радувај се, избран крстителу на Синот Божји!
Радувај се, исполнувачу на Неговата света волја!
Радувај се, ревносен љубителу на славната служба за спасение на човечкиот род!
Радувај се, прв извршителу на големата тајна – Крштевање!
Радувај се, гласнику на божествената радост!
Радувај се, прв учителу на Новиот Завет!
Радувај се, Велики Јоване – Пророку, Претечо и Крстителу Господов!
Кондак 8.
Богоблажен Крстителу, гледајќи го необичното и неискажано смирение на овоплотениот Бог – Слово, Кој ја приклони кон Тебе Својата Божја глава и прими крштевање како слуга, ти и сам целиот се исполни со големо смирение. Испроси ни ја и нам, од гордост обземените, оваа богоугодна добродетел, за да можеме од своите смирени срца Нему да Му воскликнуваме: Алилуја!
Икос 8.
Целиот исполнет со благодатни дарови, Јоване Богопрославен, ти при крајот на својот временски живот сите си ги поучувал да Му угодуваат на Бога исполнувајќи го Неговиот Закон и принесувајќи покајание. За тоа тебе – големиот учител на вистината, ти принесуваме благодарна пофалба:
Радувај се, ти кој си го засадил законот и заповедите Господови!
Радувај се, ти кој си го изобличил Иродовото беззаконие!
Радувај се, зашто заради правдата си претрпел темница и окови!
Радувај се, зашто заради вистината ти беше отсечена главата !
Радувај се, зашто учениците твои чесно го погребаа твоето тело!
Радувај се, зашто по Божјата промисла, твојата глава остана нетрулежна!
Радувај се, зашто им беше дадена на Христијаните за утеха, осветување и исцеление!
Радувај се, зашто верниците побожно се поклонуваат на твојата десница со која Господа си Го крстил!
Радувај се, зашто преку нив правиш многу чуда!
Радувај се, зашто преку тебе верниците се ослободуваат од срамни страсти!
Радувај се, зашто ги поттикнуваш грешниците на покајание!
Радувај се, Велики Јоване – Пророку, Претечо и Крстителу Господов!
Кондак 9.
Сите ангели се восхитија од возвишеноста на твојата служба и Црквата побожно те прославува како Христов пријател, кој во духот и силата на Илија беше испратен пред Него. Ревнувајќи за вистината, ти храбро си ги изобличувал фарисеите и беззакониот Ирод, поради кого и маченички си го завршил својот живот. А ние, поклонувајќи и се на чесната твоја глава, ти се молиме: избави не од срамни страсти за да можеме со чисто срце и чиста уста да пееме: Алилуја!
Икос 9.
Никакви пофалбени зборови на луѓето не се доволни достојно да те пофалат, Јоване Богославен, зашто тебе устата Христова те пофали и рече дека си поголем од пророците и најголем меѓу сите од жена родени. И ние, не знаејќи да ти принесеме достојна пофалба, вака кон тебе воскликнуваме:
Радувај се, голема славо на црквата Христова!
Радувај се, необично чудо на ангелите!
Радувај се, радост и прославување на прародителите!
Радувај се, висока пофалбо на пророците!
Радувај се, Богопросветен венец на апостолите!
Радувај се, велелепна красото на светитителите!
Радувај се, почетоку на мачениците во новата благодат!
Радувај се, совршенство на преподобните!
Радувај се, темелу на девствениците и испосниците!
Радувај се, голема утехо на сите Христијани!
Радувај се, зашто твоето име е прославувано од сите Христијански народи!
Радувај се, Велики Јоване – Пророку, Претечо и Крстителу Господов!
Кондак 10.
Ти на оние во адот си им Го благовестувал Христос Бог, Кој дојде во тело за да го спаси светот, зашто како ѕвезда – утреница која му претходи на сонцето си ги осветлил оние што седат во темница и смртна сенка. Наскоро, со сите од памтивек праведници беше оттаму изведен од Господа, пеејќи Му како на Избавител и Победник над смртта: Алилуја!
Икос 10.
Божествен Јоване, ти си засолниште и спасоносно прибежиште на сите што молитвено кон тебе прибегнуваат. Затоа, со пофалбени песни вака те славиме:
Радувај се, наш моќен заштитнику и верен чувару од опасности!
Радувај се, брз помошнику и избавителу на оние кои патат од лоши духови!
Радувај се, зашто на бездетните од Бога благослов им праќаш!
Радувај се, зашто ги избавуваш од бурата на страстите оние што со вера кон тебе прибегнуваат!
Радувај се, зашто брзо ги измируваш оние што се во непријателски односи!
Радувај се, зашто веднаш им укажуваш помош на оние што во било каква неволја и тага усрдно ти приоѓаат!
Радувај се, зашто ги избавуваш од самозалажување и заблуда оние што побожно живеат!
Радувај се, зашто им помагаш на оние што во смртниот час на твоето застапништво му се препуштаат!
Радувај се, зашто со своето посредување ги ослободуваш од воздушните митарства оние што те сакаат!
Радувај се, зашто преку твоите молитви ги удостојуваш со живот вечен оние што го почитуват твојот славен спомен!
Радувај се, заштито на сиромасите, вдовиците и сирачињата!
Радувај се, по Бога и Богородица прибежиште и утехо на Христијаните!
Радувај се, Велики Јоване – Пророку, Претечо и Крстителу Господов!
Кондак 11.
Никакво славопеење Крстителу Господов, не може да те возвеличи онака како што ти со своите добродетели заслужуваш. Сепак ние, од љубов поттикнати, се осмелуваме да ја славиме твојата возвишеност. Прими го тоа милостиво од нас, ти кој прв стоиш пред престолот на Пресветата Троица, и моли се да се ослободи ме од секаква гревовна нечистотија, за да можеме со чисти срца и усти да Му пееме на Бога: Алилуја!
Икос 11.
Знаејќи дека си факел на Непристапната Светлина, Јоване Богоосветлен, и дека си преполн со благодатни дарови, ние радосно ова ти го принесуваме:
Радувај се, очевидецу на Светлината која те огреа одозгора!
Радувај се, зашто со светлината на твоите добродетели Го прослави Бога!
Радувај се, зашто си ја објавил велелепната слава на Пресветата Троица!
Радувај се, зашто си го покажал правиот и прекрасен пат кон небото!
Радувај се, благовеснику на оние во адот за нашиот Бог Кој во тело се јави!
Радувај се, зашто си ги израдувал праведните души, од памтивек чувани во преисподната!
Радувај се, близок пријателу на нашиот Господ – Христос Бог!
Радувај се, зашто си му ја покажал на светот Вистинската Светлина!
Радувај се, светлозрачен сјају на евангелската вистина!
Радувај се, прославување на Христијанскиот род!
Радувај се, исполнување на Божјата одлука!
Радувај се, зашто твоето име се слави од исток до запад!
Радувај се, Велики Јоване – Пророку, Претечо и Крстителу Господов!
Кондак 12.
Ти си истоименик на благодатта, Крстителу Господов, и обогатувајќи се со неа, се покажа како преславен победоносец, зашто ги победи непријателите и секое зло , и својата голема служба ја запечати со маченички подвиг. Сега пак, стоејќи пред престолот на Царот над Царевите, моли Го Него да му подари на нашиот благоверен народ победа над непријателите и напредок во се, а во добродетелите благодатно поткрепување на сите верни кои Му пеат:Алилуја!
Икос 12.
Славејќи Го Бога Кој прекрасно во тебе се прослави, ние, Богоблажен Јоване те фалиме како секогаш близок пријател на Христа; ги славиме твоите големи подвизи, го величаме твојот маченички крај и радосно ти воскликнуваме:
Радувај се, вселенски апостоле и првомаченику на Новиот Завет!
Радувај се, прв проповеднику на Царството Небесно, кое се отвори со Христовото доаѓање на земјата!
Радувај се, зашто си го прорекол боженственото повикување на незнабошците!
Радувај се, зашто си му ја објавил на светот непознатата и тајна Божја Премудрост!
Радувај се, зашто од други поплодороден во божји дела се покажа!
Радувај се, зашто во светлоста на твоите дела се покажа Отецот Небесен!
Радувај се, зашто со својот спомен неискажливо ја радуваш Христовата Црква!
Радувај се, зашто сега богато се насладуваш со вечна радост!
Радувај се, зашто те осветлуваат божествените зраци на Трисолнечната Светлина!
Радувај се, зашто со Бестелесните Сили немолчеливо Му ја пееш на Бога Трисветата песна!
Радувај се, зашто сега непосредно Ја гледаш Светата Троица!
Радувај се, Велики Јоване – Пророку, Претечо и Крстителу Господов!
Кондак 13.
О, Велики и преславен Претечо и Крстителу Господов Јоване, прими го сега од нас ова мало молење што ти го принесуваме и со твоите богоугодни молитви кон Бога избави не од секое зло, спаси не од вечните маки и направи не наследници на Царството Небесно, за да можеме вечно на Бога да Му пееме : Алилуја!
(Овој кондак се чита 3 пати, а потоа повторно се читаат Икос 1 и Кондак 1).
Молитва кон Свети Јован Крстител
Крстителу Христов, проповеднику на покајанието, немој да ме презреш мене, покајникот, но заедно со небесните војски, моли се на Господа за мене недостојниот, потиштениот, немоќниот и тажниот, западнат во многу неволји, измачен од бурните мисли на мојот ум, зашто сум пештера на лоши дела и нема крај на моите гревовни навики. Мојот ум е прикован за земни работи. Што ќе правам – не знам. И кому да прибегнам за да биде спасена душата моја? Само тебе, Свети Јоване, кој си истоименик на благодатта, зашто знам дека си по Богородица најголем меѓу родените од жена бидејќи си се удостоил да ја допреш главата на Царот Христос, Јагнето Божјо Кое ги зема гревовите на светот.
Моли Го Него за мојата грешна душа, да можам барем од сега – во единаесеттиот час, да го понесам благиот товар и да примам плата со последните. О Крстителу Господов, чесен Претечо, последен пророку, прв маченику, наставнику на посниците и пустиножителите, учителу на чистотата и секогаш ближен на Христа пријателу, тебе те молам, кон тебе прибегнувам, не одбивај да ми помогнеш, туку подигни ме паднатиот поради многу гревови, обнови ми ја душата со покајание како со второ крштевање, зашто си зачнувач и на едното и на другото: преку крштевањето – перејќи го прародителскиот грев, а преку покајанието – очистувајќи секакво лошо дело; очисти ме, осквернетиот од гревови и воведи ме таму каде што ништо нечисто не влегува – во Царството Небесно. Амин!
Сите реакции:
28Maja Petrusheva, Zaklina Kozarovska и 26 други