1. Не судете, за да не бидете судени;
2. оти, со каков суд судите, со таков ќе бидете судени; со каква мерка мерите, со таква и ќе ви се мери.
3. Зошто ја гледаш раската во окото на брата си, а гредата во своето око не ја чувствуваш?
4. Или, како ќе кажеш на брата си – чекај да ти ја извадам раската од окото; а, пак, ете, во твоето око има греда?
5. Лицемере, извади ја прво гредата од твоето око, па тогаш ќе видиш како да ја извадиш раската од окото на брата си.
6. Светињата не ја давајте на кучињата, и не си го фрлајте бисерот пред свињите, за да не го изгазат со своите нозе, и откако се повратат, да не ве раскинат.
7. Сакајте и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори;
8. зашто секој што сака, добива, и кој бара, наоѓа, и на оној што чука, ќе му се отвори.
9. Има ли меѓу вас човек, кој, ако му посака неговиот син леб, да му даде камен,
10. и кога посака риба, да му даде змија?
11. И така, ако вие, бидејќи лоши, умеете да им давате на своите чеда добри дарови, колку повеќе вашиот Отец небесен ќе им даде добра на оние што Му бараат?
12. Сè она што сакате да ви прават луѓето, правете им го и вие; оти тоа се Законот и Пророците.
13. Влезете низ тесната врата; оти широки се вратите и широк е патот што води кон пропаст, и мнозина минуваат низ нив;
14. а тесни се вратите и тесен е патот што водат кон животот, и малцина го наоѓаат.
15. Пазете се од лажните пророци, кои доаѓаат во овча кожа, а однатре се волци грабливи.
16. По нивните плодови ќе ги познаете. Се бере ли грозје од трње, или смокви од чичка?
17. Па така, секое добро дрво дава добри плодови, а лошо дрво дава лоши плодови;
18. не може добро дрво да дава лоши плодови, нити лошо дрво да дава добри плодови.
19. Секое дрво, што не дава добар плод, го сечат и го фрлаат во оган.
20. И така, по нивните плодови ќе ги познаете.
21. Не секој што Ми вели: »Господи, Господи«, ќе влезе во царството небесно, а оној што ја исполнува волјата на Мојот Отец небесен.
22. Мнозина ќе ми речат во оној ден: »Господи, Господи, не во Твое ли име пророкувавме? И зар во Твое име бесови не изгонувавме? И не во Твое ли име многу чуда правевме?
23. И тогаш Јас ќе им кажам: »Никогаш не сум ве познавал; бегајте од Мене вие што правите незаконски дела!«
24. И така, секој, што ги слуша и исполнува овие Мои зборови, ќе биде како благоразумен маж, кој си направил куќа на камен.
25. И заврна дожд и надојдоа реки, и дувнаа ветрови, и навалија на таа куќа, но таа не падна, оти беше изградена од камен.
26. А секој, што ги слуша овие Мои зборови и не ги исполнува, прилега на човек глупав, кој си направил куќа од песок.
27. И заврна дожд, и надојдоа реки, и дувнаа ветрови, и навалија на таа куќа, и таа падна, а паѓањето ѝ беше страшно.”
28. И кога ги заврши овие зборови, народот се чудеше на Неговото учење,
29. зашто Он ги поучуваше како Оној, Кој има власт, а не како книжниците.

Претходна статијаПО 3-ТА КАТИЗМА, ТРИСВЕТО
Следна статијаЕВАНГЕЛИЕ ПО МАТЕЈ – Беседа на Гората