НЕДЕЛА НА БЛУДНИОТ СИН
Недела во која се чита од свештеното и свето Евангелие – параболата за блудниот син
Свето евангелие според светиот апостол Лука
15:11-32
11. И рече: „Еден човек имаше два сина.
12. Помладиот од нив му рече на татка си: »Татко, дај ми го делот што ми припаѓа од имотот!« И таткото им го раздели имотот.
13. По неколку дена, помладиот син, кога собра сe, отиде во далечна земја и таму го потроши својот дел, живеејќи блудно.
14. И откако потроши сe, настана голем глад во таа земја и тој се најде во мака;
15. па отиде при еден човек во таа земја и се погоди, и тој го прати во своето поле да пасе свињи.
16. И страден беше да го наполни својот стомак со рокчиња што ги јадеа свињите, но никој не му ги даваше.
17. А кога дојде на себеси, рече: Колку наемници при татка ми имаат леб во изобилие, а јас, пак, умирам од глад.
18. Ќе станам и ќе отидам при татка си и ќе му речам: »Татко, згрешив против небото и пред тебе,
19. и не сум веќе достоен да се наречам твој син; но прими ме како еден од своите наемници«.
20. Па стана и отиде при татка си. И кога беше уште далеку, го виде таткото негов и се сожали на него, па потрча, го прегрна и го целива.
21. И синот му рече: »Татко, згрешив против небото и пред тебе, и не сум веќе достоен да се наречам твој син!«
22. А таткото им рече на слугите свои: »Изнесете најубава промена и облечете го, и дајте му прстен на раката негова и обувки на нозете;
23. Па дотерајте и заколете угоено теле: да јадеме и да се веселиме,
24. оти овој мој син мртов беше и оживе, изгубен беше и се најде«. И почнаа да се веселат.
25. А постариот негов син беше в поле; и на враќање, кога се приближи до куќата, чу песни и извици.
26. Па, како повика еден од слугите, го праша: »Што е ова?«
27. А тој му рече: »Брат ти си дојде и татко ти закла угоено теле, оти го виде здрав.«
28. Тој се налути и нејќеше да влезе. Тогаш излезе татко му и го молеше.
29. А тој му одговори на татка си и му рече: »Еве, те служам толку години и никогаш не ја прекршив твојата заповед; и мене не си ми дал ни едно јаре, за да се провеселам со моите пријатели;
30. а кога дојде овој твој син, што го упропасти својот имот со блудници, за него ти закла угоено теле.«
31. А он му рече: »Синко, ти си секогаш со мене и сe мое е твое;
32. но требаше да се зарадуваме и развеселиме, оти овој твој брат беше мртов и оживе, изгубен беше и се најде.«“
ВЕЧЕРНА
На Господи, повикав, стихири. Глас 1.
Во земја безгрешна и животна се предадов, откако посеав грев, со српот на мрзливоста ожнеав класје на мрзливост, и со ракатка ги врзав сноповите на делата мои, и ги распослав по гумното на покајаниетоː
но, Те молам, предвечен наш Господару и Боже, со ветрот на Твоето милосрдие, развеј ја плевата на делата мои, храни ја душата моја со милост и простување, затворајќи ме во Твојата небеска житница и спаси ме.
Да ја сознаеме, браќа, силата на тајната, зашто предобриот татко, кога го сретна блудниот син кој, покајан за гревот трчаше кон татковскиот дом, го целива и пак го дарува со познание на својата слава, и му приреди таинствена веселба, колејќи го угоеното теле, та и ние да земеме удел во Неговата радост – онаа на човекољубивиот Отец Кој жртвува, и славната жртва, Спасителот на душите наши.
Славаː глас 2ː Од колку ли добра јас бедниот се лишив! Од какво ли царство отпаднав, јас страсниот!
Богатството што го примив го потрошив, заповедта ја прекршив; тешко мене, страсна душо! На вечен оган ќе се осудиш, затоа, пред крајот, повикај кон Христа Богаː Прими ме, Боже, како блудниот син и помилуј ме.
И сегаː прв богородичен од редовниот глас (догматик).
Входː Светлино тивка.
Прокименː Господ се зацари, во убавина се облече.
На литија вообичаените стихири на храмот.
Славаː глас 4ː Како блудниот син дојдов и јас, Штедар, кој сиот живот го потрошив во туѓина. Го потрошив богатството што ми го даде, Очеː прими ме, кој се каам, Боже и помилуј ме.
И сегаː богородичен на истиот глас.
Стиховни стихири од Осмогласникот.
Славаː самогласен, глас 6.
Откако го потрошив богатството што ми го даде таткото, живеев со неразумни животни, јас бедниот, посакувајќи ја нивната храна, не можев ни со неа да се наситам; но кога се вратив при милостивиот Отец, со солзи викамː Прими ме како наемник што моли за Твоето човекољубие и спаси ме.
И сегаː богородиченː Творецот и избавител мојː
Отпустителенː Богородице Девоː (3-пати).
УТРЕНА
Седален, глас 1.
Побрзај да ми ги отвориш прегратките на Отецот, зашто блудно го потрошив сиот мој живот, јас што го гледам неисцрпното богатство на Твоите добрини, Спасителуː не презирај го сега моето осиромашено срце, зашто кон Тебе, Господи, умилно викамː Згрешив, Оче, на небото и пред Тебе.
Кондак, глас 3.
Од Твојата татковска слава се оддалечив безумно, на зло го потрошив богатството што ми го предаде. Затоа како блудниот ( син ) Ти се обраќам:
Згрешив пред Тебе, Оче Штедар, мене покајникот прими ме и, како еден од Твоите наемници, направи ме.
Икосː Секој ден Спасителот ни зборува, за да нѐ научи со Својот сопствен глас. Да слушнеме што вели Писмото (свето) за блудниот (син), и со вера да го подражаваме неговото добро покајание.
На Оној што ги знае тајните на сите, со смиреност на срцето да извикамеː Ти згрешивме, Оче Штедар, и никогаш не сме достојни да се наречеме чеда како порано.
Но, бидејќи си човек по природа, прими ме Ти и направи ме како еден од Твоите наемници.
СИНАКСАР
Стиховиː
Ако си блудник како мене, биди храбар, оди,
Зашто вратата на Божјите добрини се отвори за сите.
Во овој ден го празнуваме враќањето на блудниот син. Божествените отци ова го направија од следниве причини: бидејќи има некои што во себе мислат многу неумесни работи, кои живеат мошне блудно уште од рана возраст, се пијанат, прават нечисти работи и, кога вака ќе пропаднат во бездната на злото, паѓаат во очајание, кое е плод на горделивоста.
Не сакајќи повеќе да се вратат на патот на добродетелите, тие понатаму прават уште полоши работи.
Светите отци, имајќи љубов и кон таквите луѓе и, сакајќи да ги извлечат од очајанието, определија оваа парабола да се чита на овој ден, со цел: страста на очајанието да ја истргнат од корен и човекот да го приведат на патот на добродетелите, покажувајќи им ја човекољубивата и предобра Божја милост и на оние што многу згрешиле; покажувајќи со оваа Христова парабола дека нема ниту еден грев кој со Неговото човекољубие нема да биде победен.
Двата синови од параболата се два човека – праведен и грешен. Постариот син живее според заповедите Божји, и секогаш ги ужива Неговите добра и никогаш од Него не отстапува.
Помладиот, пак, кој го возљуби гревот, и со срамни дела се одрече да живее со Бога, се оддалечи од Него и живееше блудно, како роб на страстите и на демонот.
Гревот е нечиста работа. Оној што греши, тоа го прави заради привремена наслада.
Далеку од Бога, се храни со рокчиња, како свиња. Во почетокот рокчињата му се чинат како нешто слатко, а на крајот како нешто горчливо.
Кога блудниот син си дошол на себе, кога се отрезнил, се враќа при таткото, велејќи:
Татко, згрешив на небото и пред тебе, и не сум достоен да се наречам твој син.
Тој го прима покајникот, без да го срамоти, прегрнувајќи го со татковска љубов, и му дава облека, односно, свето крштение, печат и прстен, односно благодатта на Сесветиот Дух.
Покрај тоа, му дава и обувки, за да не ги каснат змии и скорпии неговите нозе, но да може да ги сотре нивните глави. А потоа, од голема радост, го коле заради него и угоеното теле, односно Отецот го дава телото и крвта на Својот Единороден Син, за да се причести.
Кога постариот син се чудеше на неговото неизмерно човекољубие, како што е кажано во параболата, Човекољубецот и него го замолчи со тивки, кротки и љубезни зборови, велејќи:
Ти секогаш си со мене и требаше да ја споделиш радоста со мене, зашто овој мој син беше мртов поради гревот и оживеа, откако се покаја за своите лоши постапки; беше загубен, и се најде.
Оваа парабола може да се однесува и на еврејскиот народ, а и на нас, бидејќи ги поттикнува на покајание оние што згрешиле како блудниот син. Таа е и силно оружје за одбивање на стрелите на непријателот, и крепка помош.
Со Твоето неискажливо човекољубие, Христе Боже наш, смилувај се и на нас. Амин.
Егзапостилар.
Богатството на благодат што ми го даде кога заминав, јас несреќниот, непотребно лошо го потрошив, Спасителу; блудно живеев, на демоните лажно го раздадовː затоа мене, кој се обраќам како блудниот, прими ме, Оче Штедар, и спаси ме.
Друг, подобенː Твоето богатство го потрошив, Господи, и на лукавите демони им се покорив; но семилостив Спасителу, мене блудниот помилувај ме, и осквернетиот очисти ме, и првата облека од Твоето Царство дај ми ја.
Изворː ПОСЕН ТРИОД
Подготви Светланка Трајчева