„Над децата кои често се причестуваат нема дејство дури ниту законот

на лошиот наследен фактор“

Оставете ги децата да приоѓаат кај Мене. (Мк. 10,14.)

Ние знаеме колку Господ ги љубеше децата.

Тој заповеда на Своите Апостоли да не им бранат на децата да доаѓаат при Него.

Да не бидеме и ние пречка нашите деца да добијат вечна Божја благодат. Да ги носиме што е можно почесто кон Христа.

Според обичајот на црквата, прв пат кон Бога ги принесуваме во осмиот ден по раѓањето. Во Светата Тајна Крштение Господ ги чисти од првородениот грев, симнувајќи го од нив проклетството, коешто се заканува да го истреби паднатиот човечки род.

Во Светата Тајна Миропомазание, којашто следува непосредно по Крштението, Господ го восиновува детето, дарувајќи му благодат, којашто според зборовите на апостолот Петар (1. Пет. 2, 9), ги вбројува во „избраниот род „царско свештенство, свет народ“.

Во Стариот Завет миропомазанието е извршувано само над царевите и пророците; во Новиот „царско свештенство“ му е дарено на секој еден Христијанин.

За да опстојува животот потребна му е храна.

Таа е потребна и во духовниот живот на детето, којшто се зачна со крштението.

Таа храна Господ ја дарува во Светата Тајна Причест.

Колку често е потребно да го причестуваме детето?

Господ на тоа призива на секоја литургија: „примете, јадете…

„Ако ние возрасните, заради својата недостојност и неподготвеност, и не се осмелуваме често да се причестуваме со Телото и Крвта Христови, невините дечиња немаат за тоа никаква пречка.

“Колку што е можно почесто причестувајте ги децата со Светите Христови Тајни“, советува епископот Теофан Затворник.

Затоа, децата треба да ги причестуваме на СЕКОЈА Литургија на која родителите можат да присуствуваат и по можност, секоја недела и секој празник.“

Старецот Партениј Киевски еднаш, во боговдахната огнена љубов Божја, долго во себе ја повторуваше молитвата:

„Исусе, живеј во мене и дај и јас во Тебе да живеам!“ кога слушна тивок и сладок глас:

„Оној кој го јаде Моето Тело и ја пие Мојата Крв, во Мене пребива и Јас во него.“

Благодатта на причестувањето со Телото и Крвта Господова е сечудесна:

таа го крепи и го исцелува детето и духовно и физички.

Затоа, честото причестување на детето е залог на неговото духовно и телесно здравје.

Како што сведочеше еден доктор, ретки беа случаите кога мораше да препише лекови на оние деца кои редовно се причестувале.

Над децата кои често се причестуваат нема дејство дури ниту законот на лошиот наследен фактор.

Ј. Поселанин зборува за родителите кои имале сериозна причина да се плашат за лошиот наследен фактор на детето.

За да го избегнат, тие, според советот на еден духовен татко, го причестувале своето малечко секоја недела.

И тоа пораснало потполно здраво.

Со Светото Причестување се поврзани и случаите со чудесното исцелување на децата.

Така, Свети Андреј Критски, познатиот учител на Црквата, во детството долго не можел да проговори.

По усрдната молитва на родителите за негово исцелување, уздите на неговиот јазик се разрешиле за време на Причестувањето со Светите Тајни.

Според забележувањето на епископот Теофан Затворник, „оној ден кога детето ќе се причести, тоа тоне во длабок мир…

Понекогаш детето се исполнува со радост и со разигран дух и спремно е секого да прегрне како свој.“

По обичајот на Црквата, по седмата година детето не треба повеќе наутро да зема храна или пијалак пред Светата Причест.

Во возраста од седум до осум години детето е веќе формирано момче или девојка и почнува да се смета за одговорно за своите постапки.

Од таа возраст неговата духовна одежда почнува да се покрива со дамки на гревот.

Ние се трудиме детето да го воспитаме да ја одржува телесната чистота.

Неспоредливо поголемо значење има воспитувањето во детето на чувството за духовна чистота – на потребата за очистување од секој грев, од секоја дамка на својата духовна одежда преку Светата Тајна Покајание и Исповед, која претходи на Светата Причест.

Добрата навика е духовен капитал од чијашто камата може да се живее цел живот. И ако детето уште од детството научи да моли за прошка за вина, најнапред од родителите и блиските, а од седмата година и на исповед, тоа во текот на целиот живот ќе умее да ја чува душата чиста.

Од моментот кога детето ќе научи да пишува, треба да се навикнува да ги запишува своите гревови за исповедта да биде смислена и содржајна.

Децата уште од возраст на момчиња и девојчиња може да се причестуваат (и исповедаат) поретко, но, ако е тоа можно, не поретко од еднаш месечно, како и на големите празници. Ова правило преподобниот Серафим Саровски им го оставил на дивеевските сестри.

Треба да се сеќаваме на зборовите на преподобниот Макарие Велики, упатени кон една болна жена:

„Те снашла неволја, зашто веќе пет недели не си се причестувала со Светите Тајни“.

Даденото правило на причестување (еднаш месечно) може да се измени во согласност со духовниот отец на детето во насока на почесто причестување.

Секако, децата кои пристапуваат на Светите Тајни треба да ја разбираат нивната суштина и благодатта која преку нив се предава.

За тоа треба со детето да се разговара, и како што расте детето, да се продлабочува неговото разбирае на смислата на Светите Тајни.

Како што пишува о. Валентин Свенцицки:

“Светите Тајни се светло небо на грешната земја. Тие се ветување кое се исполнува.

Тие се она што нашата вера ја облекува во тело и крв, што као оган го грее студенилото на душата наша и ја омекнува скаменетата бесчувствителност на срцето наше.

Тие се онаа “невечерна светлина”, која го осветлува мракот што нè засолнува.

Каква ли мудрост е во нив, каква вистина, каква радост!

На нас (преку нив) навистина се симнува Духот Утешител, за Кого што Господ им зборувал на Своите ученици”.

Во Светите Тајни на Црквата децата општат со Самиот Господ.

Ограничувајќи го нивното учество во Светите Тајни, ние ја кршиме Спасителовата заповед. Да се сеќаваме на Неговите зборови: “

Оставете ги децата да приоѓаат кај Мене и не пречете им, зашто на такви е Царството Божјо” (Мк. 10,14).

Превод : М. Даниловска Мина

Претходна статијаЗОШТО НА ПРАЗНИКОТ НА СВ. ВАСИЛИЈ СЕ СТАВА ЗЛАТНИК ИЛИ ПАРИЧКА, А НЕ НА БАДНИК
Следна статијаСобор на Пресвета Богородица (Величај ја, душо моја, Дева Пречиста Богородица…)