АНГЕЛИТЕ ПЕАТ, АРХАНГЕЛИТЕ ВОСПЕВААТ,
ХЕРУВИМИТЕ ПЕСНОСЛОВАТ,
СЕРАФИМИТЕ СЛАВОСЛОВАТ И СИТЕ ПРАЗНУВААТ, ГЛЕДАЈЌИ ГО БОГА НА ЗЕМЈАТА И ЧОВЕКОТ НА НЕБЕСАТА

Слово за Рождеството на нашиот Спасител Исус Христос од светиот отец наш Јован Златоуст, Патријарх Константинополски

+++

Гледам необична и чудесна тајна. Ги слушам пастирите кои не свират напразно, но пеат небесна химна.

Ангелите пеат, архангелите воспеваат,

херувимите песнословат,

серафимите славословат и сите празнуваат, гледајќи Го Бога на земјата и човекот на небесата.

Вишниот долу од икономија (снисходење), а долниот гope пo човекољубие.

Денес Витлеем приличи на небото.

Зашто, наместо ѕвезди, ги прими ангелите кои пеат, а наместо сонце, неописливо Го смести Сонцето на правдата.

И не прашувај како, зашто каде што сака Бог, се победува природниот чин.

Зашто посака, смогна, слезе и го спаси човекот. Сите My служат на Бога во ова дело.

Денес ОНОЈ КОЈ Е се раѓа, и ОНОЈ КОЈ Е станува она што не беше.

ОНОЈ КОЈ Е Бог, станува Човек, не отстапувајќи од Божеството. Ниту преку отстапување од Божеството стана човек, ниту пак, преку напредок, од човек стана Бог. Бивајки Бог Слово, бестрастно стана плот, оставајќи ја Својата природа непроменета.

Бидејќи сите се веселат од радост, и јас сакам да се веселам, сакам да играм, сакам да торжествувам.

Ho, играм без да свирам гитара, без да носам гранки од бршлен, без да држам флејта, без да палам ламби, но наместо музички инструменти, ги носам пелените
Христови.

Зашто тие ми се надеж, тие ми се живот, тие ми се спасение, тие ми се флејта, тие ми се гитара.

Затоа и доаѓам нив носејки ги, та преку нивната сила да добијам крепко слово и да речам, заедно co ангелите:

“слава на Бога во височините,” a co пастирите: “на земјата мир, меѓу луѓето добра волја”.

Денес, Оној Кој неизречиво се роди од Отецот, од Дева се раѓа, за мене неискажливо.

Но, тогаш пo природа се роди предвечно од Отецот, како што знае Родителот.

Денес, пак, повторно натприродно се роди, на начин каков што знае благодатта на Светиот Дух.

И горното Негово раѓање е вистинско, и долното раѓање е нелажно, и навистина Бог од Бога се роди, и навистина Истиот како човек од Дева се роди.

Горе од Единствениот, Единствен Единороден, а долу Единствен од единствена Дева. Истиот е Единороден.

Зашто, како што е нечесно да се замисли мајка при горното раѓање, така е хулно да претпоставиме дека има татко при долното раѓање.

Отецот роди без да се намали Неговата Божествена природа, и Дева неизменливо се породи.

Ниту Бог се намали кога роди, зашто богоподобно роди, ниту Дева претрпе промена кога се породи, зашто натприродно се породи.

Ниту небесното раѓање може да се објасни, ниту вочовечувањето може да се испита.

Тоа дека денес Дева Го роди го знам.

Тоа дека предвечно од Отецот се роди – верувам.

И научив молкум да го почитувам Неговото раѓање, без чудни испитувања и бесполезни расправии.

Зашто, за сѐ што се однесува на Бога, не треба да се настојува на природниот происход на работите, но да се верува во силата на Оној Кој управува co cѐ.

Што има понормално од тоа мзжена жена да роди?

Но, исто така, што има почудно од тоа да роди дете девица, без маж, и да остане девица?

Затоа, можеме да го истражуваме тоа што станува согласно природните закони,

Но, тоа што станува на начин натприроден, да го почитуваме молкум. He зашто е опасно, но зашто е необјасниво.

Како што умешниот мајстор, наоѓајќи корисна граѓа, прави прекрасен сад, така и Христос, наоѓајќи ги свети телото и душата на Дева, Си украси Себеси одушевен храм и на начин на кој сакаше, создаде човек во Дева, се облече во него (уште од зачнувањето) и денес доаѓа, без да се срами од човечката природа.

Зашто не го чувствуваше како навреда тоа што го носи сопственото дело, додека пак, на тварта ѝ се дарува најголема слава, зашто стана облека на Творецот.

Но, што да кажам, што да проговорам?

Зашто ме восхитува чудото.

Старецот на деновите стана дете,

Оној Кој седи на висок и возвишен престол се полага во јасли, недопирливиот, едноставниот, несложениот и бестелесниот co раце човечки се повива.

Оној Кој ги крши оковите на гревот, co пелени се повива, зашто тоа го сака.

Зашто сака бесчестието да го направи чест, неславноста да ја облече co слава и земајќи ja грубоста, да ја покаже доблест.

Затоа и го зема моето тело, за да Го примам и јас Неговото Слово.

И, Оној Кој го зема моето тело, ми Го дава Својот Дух, та давајќи и зeмajќи да ми се даде ризницата на животот.

Но, што да кажам, што да проговорам?

Зашто ме восхитува чудото.

Старецот на деновите стана дете, Оној Кој седи на висок и возвишен престол се полага во јасли, недопирливиот, едноставниот, несложениот и бестелесниот co раце човечки се повива.

Оној Кој ги крши оковите на гревот, co пелени се повива зашто тоа го сака.

Зашто сака бесчестието да го направи чест,

неславноста да ја облече со слава и земајќи ја грубоста, да ја покаже доблест.

Затоа и го зема моето тело, за да Го примам и јас Неговото Слово.

И, Оној Кој го зема моето тело, ми Го дава Својот Дух, та давајќи и земајќи, да ми се даде ризницата на животот.

 

  1. Но, што да кажам, што да проговорам?

“Ете, Дева ќе зачне во утробата” – повеќе не го кажуваме како да ќе се случи, но се восхитуваме како на она што веќе стана стварност.

Ha Ова Слово Божјо и Син на Дева, Кој го отвори патот во место непроодно, слава My вознесуваме, co Отецот и Светиот Дух во вечни векови. Амин.

Превод од грчки: Антонио Лазески

Пренесено од списанието ПРЕМИН ноември/декември 2012,

Претходна статија29. Недела по Педесетница (Да благодариме!)
Следна статијаВелики Петок – денес човекот Го суди Бога! Архимандрит Јустин (Поповиќ)