СВЕТИОТ И СЛАВЕН ВЕЛИКОМАЧЕНИК ДИМИТРИЈ МИРОТОЧИВ СОЛУНСКИ
УТРЕНА
Тропар, глас 3.
Целиот свет најде во тебе заштитник, страдалнику, кој ги победуваш незнабожците. И, како што си ја победил горделивоста Лиева, и за борба си го охрабрил Нестора, така свети Димитрие, моли се на Христа Бога, да ни дарува милост голема.
Седален, глас 4.
Денес набожно го славиме празникот на страдалникот Димитрија, кој непрестајно Му се моли на Христа, мир и милост на сите да им дарува.
Седален, глас 4.
Твојот спомен, славен маченику Димитрие, денес ја осветли Црквата Христова, и сите нѐ собра со песни достојно да те восфалиме, богомудри, како вистински воин и уништувач на вразите. Затоа, со твоите молитви, избави нѐ од искушенија.
Седален, глас 8.
Како зраци болскаш со сјајот на чудесата, и сите краишта на светот ги просветлуваш како ѕвезда пресветла, и весело испушташ благопријатен мирис како втор рај, и душите ги веселиш, и запираш болести. Затоа, себлажен страдалнику Димитрие, прилежно ти пееме и твојот чесен спомен со љубов го почитуваме: Моли Го Христа Бога, да им дарува прошка на гревовите на оние што со љубов го почитуваат твојот свет спомен.
По 50-от псалм, стихира глас 6.
Денес нѐ собира сесветското торжество на страдалникот. Затоа дојдете, празникољупци, светло да го празнуваме неговиот спомен, говорејќи:
Радувај се, ти кој со вера ја раздра облеката на нечестието, откако се обложи со духот на храброста! Радувај се, ти кој ги уништи замките на непријателот, со крепкоста што од единствениот Бог ти е дадена!
Радувај се ти, кој со прободените делови (од телото), блаженото страдање Христово духовно ни го живописа! Него моли Го, украсу на страдалниците, Димитрие, да се избавиме од видливите и невидливите врази, и да се спасат душите наши.
Канон на светиот, глас 8, од Георгиј Скилица, чиј акростих е:
Ја чествувам благодатта на мироточивиот Димитриј.
Песна 1.
Ирмос: Фараонот кој беше на чело на борбените коли, Мојсеевиот жезол, во она време, на чудесен начин го потопи, кога (Мојсеј) со него направи крст и ја раздели водата, а го спаси Израилот кој одеше пеш и на Бога песна Му пееше.
Димитрие, отворен извору на благомирисно и чесно миро, срцето мое очисти го од нечистотијата на страстите и, откако со правење добри дела ќе ме направиш Христов добар мирис, умот мој облагодати го, за да ги пеам твоите божествени милости.
Словото Божјо вели: Од утробата на верните ќе потечат реки од жива вода. Затоа од тебе се излеваат непресушни извори на миро, од кои се весели градот Божји, кој ја слави твојата храброст маченичка.
Некогаш Мојсеј, откако со жезолот удри по карпата во пустинската земја, пушти изобилна вода; а телото твое, Димитрие, со копје прободено, се покажа извор на миро, кое го освежува новиот Израил.
Наградите што ги имаш за твоите маченички рани, Димитрие, ниту око ги видело ниту уво ги слушнало; сега, пак, како награди за чистота, излеваш море од миро, кое ги очистува страстите на душата, дури до краиштата на вселената.
Богородичен: Откако Словото Божјо те најде како најнеосквернето засолниште, Сечиста, се всели во твојата утроба, и применото од тебе го помаза со Своето божество. Од двете излезе едно, и испразнетото се нарече миро, бидејќи Христос е Бог и човек.
Катавасија: Ќе ја отворам устата моја, и со Дух ќе се исполни, и збор ќе ѝ кажам на Мајката Царица, и ќе се покажам светло торжествувајќи и, радувајќи се, ќе ги воспеам нејзините чудеса.
Песна 3.
Ирмос: Господи, Творецу на небесниот круг, и на Црквата Градителу, Ти мене утврди ме во Твојата љубов, посакуван крају, тврдино на верните, единствен Човекољупче.
Откако се роди на небесата од Бога, си станал наследник на небесните блага, Димитрие. Ти си нарекуван син и сонаследник Христов, зашто образ Негов е мирото.
Откако се вкорени како дрво засадено при извор на вода, како што вели Давид, ти си дал голем плод на мачеништвото. И сега се покажуваш извор на миро, кој ги обиколува краиштата на земјата.
Откако нацрпе благодат од реброто Христово, од кое потече крв и вода, ти ја пролеа крвта своја, уподобувајќи Му се Нему. И сега на срцата им излеваш благомирисно миро, Димитрие.
Богородичен: Твоите свети и душевни садови, полни се со аромати и со миро на Духот Божји, Кој слезе на Тебе, кога Го роди Бога, Пречиста, и верните ги ослободи од лошиот мирис на страстите.
Седален, глас 4.
Како доблесен страдалник и крепок воин на Христа – Царот на сите, псаломски викаме: Радувај се, украсу и убавино на мачениците! Радувај се, светла ѕвездо на Црквата, и бедему и пристаниште на тие што прибегнуваат кон тебе, славен великомаченику Димитрие!
Спасувај ги сите оние што ти пеат, од секаква необична штета и несреќа.
Песна 4.
Ирмос: Ти си моја крепост, Господи, Ти си моја и сила. Ти си мој Бог и радост моја. Без да ги оставиш прегратките на Отецот, ја посети нашата сиромаштија.
Затоа со пророк Авакум Ти викам: Слава ѝ на Твојата сила, Човекољупче!
Откако отфрли секаква нечистота од раѓањето, до крајот на животот ја сочува чистотата од бањата на повторното раѓање. Затоа тебе, Димитрие, кој по природа си влага, Христос те претвори во миро, како што водата ја претвори во вино.
Како што природата на огнот се дава на сѐ, и пак си ја запазува цела својата сила, така и твоето миро, страдалнику, го црпат сите, а сепак останува несмалено. Затоа сега ние набожно се поклонуваме и Го воспеваме Бога, Кој ти ја даде благодатта.
Кој ќе направи да се слушнат Твоите пофалби, Христе Слове, гледајќи ги Твоите милости што си им ги дал на Твоите страдалници? Зашто, ете, мирото на маченикот Димитрија тече како извор и испушта благопријатна миризба, и мракот на злото го разорува.
Пред да падне дождот, изворот што излегуваше од земјата го напојуваше сето нејзино лице; а ти, маченику Димитрие, откако се скри под земјата, се покажа извор на миро благопријатно, бидејќи мноштвото копја ти ги отворија изворите, и сега ги напојуваш краиштата на вселената.
Богородичен: Ние те знаеме за Невеста Божја и Мајка Богородице, бидејќи Словото Божјо, откако те најде како благомирисна роза која цвета во долината на смиреното човештво, ја посака твојата добрина и, откако низ тебе мина со тело, верните со благ мирис ги исполни.
Песна 5.
Ирмос: Зошто ме отфрли од Твоето лице, Светлино незаодна, и мене бедниот ме покри необична темнина! Но, се молам, обрати ме и, кон светлината на Твоите заповеди, патиштата мои насочи ги.
Ти си бил засолниште, кој од милост слезе од небото, како дожд или капки што капат кротко, и напојуваш со таинствени дарови. И сега од гробот точиш извор на миро, Димитрие.
Како закон на страдалниците, маченику, откако се ослободи од секаква љубов светска, се нахрани со благодатниот елеј на Духот. А кога ги победи началствата на темнината, прими награда да точиш миро слаткомирисно, Димитрие.
Се јави како роза која процвета во тревникот на Господа, Димитрие, обоен со крвта маченичка и со раните сечени, и со болки страдални, и со ‘ржењето на печката. И сега испушташ миро кое тече постојано.
Ете, пак се гледа божествениот ковчег, храмот на маченикот, во којшто внатре има свешник – гроб што носи миро и масло; околу него да заиграме духовно и, ликувајќи, да го прославиме великиот Димитрија.
Како нов Илија, ранет со ревноста на љубовта Христова, го изобличуваш царот, и самиот себе на смрт се предаваш. Но сепак живееш, и гробот како извор на миро го покажуваш, како неисцрпен сад за масло.
Богородичен: Пеејќи во она време, твојот прататко, Дево, ја напиша твојата тајна: Царева ќерка, сета одвнатре исполнета со слава, кој те прослави како блажена меѓу луѓето: Радувај се, Марие, која за сите си повторно враќање.
Песна 6.
Ирмос: Очисти ме, Спасе, од многуте мои беззаконија и, се молам, од бездната на злото изведи ме. Кон Тебе повикав, и услиши ме, Боже на моето спасение.
Духовно си процветал како плодородна маслина, и со раце што носат копје принудно се исцеди. Верните, пак, ги утешуваш, точејќи миро од твојот божествен гроб, Димитрие.
Ти се покажа исполнител на секоја добродетел како пчела, запазувајќи ја душата непорочна како чисти сотови. И сега точиш миро, насладувајќи ги душите.
Ти Го возљуби Христа со сета душа, го следеше Неговото благопријатно миро и со Него се соедини совршено. И сега од тебе течат извори на миро, Димитрие.
Капките на твојата маченичка крв, кои капат на земјата, станаа извор на миро благомирисно. И сега, Димитрие, им точиш на оние што црпат непрестајно.
Облеан со потта од крвта твоја, мудар (Димитрие), како друг нов речен извор богато им го даваш твоето миро на оние што ти приоѓаат со вера, за нивно исцеление, блажени.
Богородичен: Гледајќи го златовидниот неизгаслив свешник на Светлината, да пристапиме кон него ние што своите души ги помрачивме со мноштво гревови, бидејќи тој дава просвештение, и изгонува секакво помрачување.
Кондак на свети Димитриј, глас 2. Самогласен.
Со потоците на твојата крв, Димитрие, Црквата ја обои Бог, Кој ти даде сила непобедлива и твојот град неоштетен го запази, зашто ти си негова поткрепа.
Икос: Сите заедно собрани, со вера да го воспееме Христовиот воин и маченик Димитрија, со песни молитвени да Му се обратиме на Господарот и Создателот на вселената:
Избави нѐ од земјотрес и опасност, Човекољупче, по молитвите на Богородица и на сите Твои маченици, бидејќи сите се надеваме на Тебе, да се избавиме од маки и неволи, зашто Ти си нашата поткрепа.
Песна 7.
Ирмос: Еврејските момчиња во печката пламенот смело го изгаснаа и огнот во роса го претворија, викајќи: Благословен си, Господи Боже, во вековите.
Исаија им вика на жедните да нацрпат вода: а кога би го видел твојот гроб, Димитрие, сигурно би повикал: Доаѓајте при изворот на миро, и нацрпете спасение.
Ти си бил рожба на земјата, и си се вселил во земјата на кротките, каде што е водата на сладоста. Откако се напи до ситост од неа, сега излеваш непрестаен извор на миро, Димитрие.
Си израснал како прачка на лоза, Димитрие, останувајќи неотсечен во заедница со Бога и, откако се наполни со неискажлив сок од Него, сега на сите им точиш миро како потоци.
О нови твои подвизи! О необични страдања маченички! Оти Христос, откако ја прими твојата пот, за Него пролеана, те покажа извор на миро, блажени.
Излевајќи река од твоето миро, си пружил море од чудеса и ги потопуваш болестите и на душите и на телата, смирувајќи секаква бура, Димитрие.
Богородичен: Со млеко си Го хранела, Дево, од тебе родениот Бог по тело, за да му ја олесни во адот болката на Адама, кој јадеше од дрвото на познавањето, и ги прекрши заповедите.
Песна 8.
Ирмос: Халдејскиот мачител, седумпати повеќе од обично, ја разгоре печката за благочестивите момчиња, но кога ги виде спасени од некоја повисока сила, на Творецот и Избавител Му викаше: Благословен си, Господи Боже, во вековите.
За да те открие пред светот тебе, Димитрие, кој духовната свеќа ја чуваш неизгасната, секогаш дополнувана со маслото на добрите дела, и како вратите на царската одаја ти се отворија, Бог те покажува како непрестаен извор на божествено миро, давајќи ти ја оваа благодат како награда за чистотата.
Како што рече чесното Евангелие, не од крвта ниту од похотта на телото се роди од Бога, почитувајќи Го воплотениот Бог. А кога усрдно заради Него ја пролеа својата крв, од небото прими чудесна благодат и точиш божествено миро, кое ги миросува душите.
Ти се покажа како духовна скала, на земјата утврдена со стапалата на телото, а ги допира небесата, бидејќи се збогати со Бога Кој се утврдил во тебе. А откако се покажа како столб, помазан со елејот на маченичките подвизи, и сега точиш извор од божествено миро, за оние што пристапуваат со вера.
Пеејќи како пророк, Давид те претскажа тебе, Димитрие, како река Божја излеана, зашто, твоето миро се излева неисцрпно; затоа се излева и мноштво потоци, ги издигнуваат своите гласови, и ракоплескаат со сите оние што Го слават Бога, Кој тебе те прослави.
Страдалникот Димитриј, кој богословствува за единствениот трисвет Бог и Господ, во темница се затвора и, откако со мудрата скорпија ја усмрти духовната змија, и горделивоста Лиева ја порази преку божествениот Нестор, со копје се прободува, и сега од гробот миро наточува.
Богородичен: За Адама – Господ; за Ева – ти – Сечиста; за лажливата змија – Гаврил; за дрвото – Крстот; наместо рајот – гробната градина; наместо жалоста – радувај се; наместо пламеното оружје – копјето; и, наместо смоквиното лисје – багреницата. Затоа ние те воспеваме тебе, како причина за сѐ, Богородице
Песна 9.
Ирмос: Небото се исплаши и краиштата на земјата се зачудија, кога Бог им се јави на луѓето во тело, а твојата утроба стана поширока од небесата: затоа, Богородице, ангелите и луѓето заедно те величаат.
Откако Христос го прими твојот духовен сад за миро, исполнет со божественото миро на добродетели, Он ти ја преклони главата, маченику, и твојот живот се успокои во чистата светлина. Затоа се прослави и со благодат се исполни, за да ѝ точиш миро на вселената.
Ете ги светлите примери на неискажливи награди кои те чекаат тебе, страдалнику! Ете го изворот на миро, кој непрестајно тече! Затоа стоејќи пред Бога со смелост маченичка, испроси од Бога мир за нашиот народ и победа над враговите.
По примерот на Крстот кој победува, си ја победил свирепоста Лиева, и Нестора го направи победник и сострадалник. И сега, свети Димитрие, помогни му на нашиот народ и поткрепи го, да се заштити од сите варварски напади.
Верните кои со топла љубов и од срце приоѓаат кон твојот чесен ковчег, од кој течат реки на миро, Христов маченику, со твоите молитви избави ги од душетлени дела и од потопување од одвратни страсти, и покажи ги како најблагопријатен мирис пред Господа.
Славиме ден на духовна радост, Димитрие, гледајќи како изворрот на твоето миро тече непрестајно. Затоа ти, разорувајќи го мракот на страстите, а исполнет со божествена светлина, давај ни да одиме набожно како дење, и да ја видиме непристапната Божја светлина.
Богородичен: Ти си златна гулабица, Сечиста, која го носиш Словото Божјо како маслинова гранка, Кој Своето тело го помаза со елејот на божеството. А страдалникот Димитриј, откако во своето срце Го прими како ковчег, од гробот точи миро, и ги помазува лицата на верните.
Светилен.
Со крстот си го вооружил Нестора, преку кого на борилиштето си ја разорил горделивоста Лиева; како Христос, со копје ги отвораш ребрата твои, со кои пази го стадото твое.
Хвалитни стихири, глас 4.
Преподобен со твоите копја си го ранил и си го умртвил борецот и си го направил недејствителен; од неговата злоба избави нѐ, Димитрие, правејќи нѐ крепки секогаш против страстите што нѐ мачат, преку твоите свети молитви, смирувајќи ги со божествениот страв срцата и душите наши, светителу.
Знаејќи дека си река исполнета со духовни води, светителу, те молиме, со милоста твоја голема, свештено пороси ги душите наши, овенати од гревовните страсти, и измиј ги оние што се осквернети, и избави ги од бројните неволи, и од вечните маки.
Со сјајот на чудесата, на земјата се покажа како најсветла ѕвезда и секогаш ги просветлуваш тие што живеат под сонцето, славен Димитрие, со твоите молитви изгонувајќи ги маглите на мракот од душите наши. Излекувај ги и болестите на оние што со љубов го слават твојот спомен, славо и пофалбо на мачениците.
Изворː ИЗБОР на месечни и празнични богослужби. Прв том, Септември – јануари (препев и превод од црковнословенски јазик протојереј – ставрофор Јован Таковски).
– Битолаː Преспанско-пелагониска епархија, 2008.
Подготви: Светланка Трајчева