„Возљуби Го Господа, својот Бог. Тоа е прва и најголема заповед.”
Втората зависи од неа и произлегува од неа. Но зар љубовта може да биде по наредба?
He, не. Но, за жал, заповедта за љубовта морала да дојде, бидејќи потемнетото човечко срце ја заборавило природната љубов на човекот кон Оној кој најповеќе го љуби човекот.
И мајката не го предупредува своето дете на љубов кон неа сѐ додека нејзиното дете толку не се заборави што ќе ја презре и ќе ја натажи својата мајка и ќе тргне низ лизгавите лоши патишта на светската љубов.
Тогаш љубовта кон мајката станува заповед, и тоа не толку поради мајката, колку поради детето.
Ha ангелите Бог не им дава никаква заповед, бидејќи ангелите не се оддалечени од Бога и тие според својата природа го љубат Бога.
Општо земено, срам е за човечкиот род што ја предизвикал заповедта за љубовта.
Оти колку заповедта за љубовта кон Бога е заповед, толку е и укор за човечкиот род.
И секој оној што барем малку знае што сѐ Бог прави за него и што сѐ му е должен на Бога, навистина мора да почувствува најдлабок срам што co грев затруениот човек дал повод за ваква заповед.
Ете, љубовта на човекот кон Бога е поприродна, отколку љубовта на детето кон мајката.
Затоа љубовта на човекот кон Бога треба, и без некоја заповед, да биде поочигледна од љубовта на детето кон мајката.
Извадок од книгата “Омилии” Недела петнаесетта по Духовден