`Родена е во Рим од родители христијани. Од детството научена на верата во Христа. Најусрдно ревнуваше да ги делотвори сите Божји заповеди.
Со сведоштвото на нејзиниот вистински благочестив живот и вера упатуваше на патот на спасението и други. Кога ѝ умреа родителите, го раздаде имотот на сиромасите, а самата се замонаши.
Како монахиња со уште поголем жар и ревност ја проповедаше верата во Христа не криејќи ја од никого, иако во тоа време римските власти крваво ја гонеа христијанската вера.
Први за проповедање на забранетата вера Света Параскева ја обвинија зли Евреи. Ја изведоа на суд пред царот Антонин. Сите ласкања на царот не помогнаа ни најмалку да ја поколебаат Божјата слугинка во вистинитата вера.
Тогаш ја подложија на огнени маки и ѝ ставија усвитен шлем на главата. Но Господ чудесно ја спаси и таа се избави и се оддалечи од Рим.
Тргна од град во град да го обраќа тогашниот незнабожечки народ кон христијанското благочестие. Уште во два града беше изведувана пред кнезови и судии и истизавана за Господ, но притоа вршеше големи чуда со силата Божја и брзо се опоравуваше од маките.
Како и секогаш, незнабожците нејзините чуда ги припишуваа на магии, а нејзиното опоравување на силата и милоста на нивните богови.
Еднаш на кнезот мачител Света Параскева му рече:
„Не ме исцелија твоите богови кнезу, туку мојот Христос, вистинскиот Бог“. Најпосле некој кнез Тарасиј ја уби со меч.
Тоа беше славниот крај на многуплодниот живот на оваа светителка. Нејзините мошти подоцна беа пренесени во Цариград. Чесно пострада за Христа во 2 век.
Сакајќи душата своја за Христа да ја положиш и откако заради Него многубројни мачења претрпе, нечестивиот мачител Тарасиј главата ти ја отсече, но од Христа нетлен венец на главата своја прими, а со душата своја кон возвишените рајски живеалишта поита, кадешто со ангелите и сите свети на Бога слатко му пееш: Алилуја!
Икос 7:
Новиот вечен живот си го попримила, богофална, кога, со мачен крај од телото разделувајќи се, на брак со Небесниот Жених си се вознела. Него непрестано моли Го за нас грешните, кои со љубов твоите страданија ги почитуваме и постојано глаголаме:
Радувај се, маченичкиот живот свој со мачен крај си го овенчала; радувај се, зашто така главата на невидливата змија си ја сотрела.
Радувај се, кон гласот на ангелската песна на небото душата своја си ја вознела; радувај се, соборот на мачениците на небото си го возвеселила.
Радувај се, зашто полкот на испосниците си го зарадувала; радувај се, зашто девствениците со веселба си ги украсила.
Радувај се, на животот испоснички крај маченички си му придодала; радувај се, и нас кон добродетелна ревност си нé поттикнала.
Радувај се, ти што свето и непорочно на земјата поживеа; радувај се, ти што идолската лага ја разурна.
Радувај се, ти што демоните ги посрами; радувај се, во мачителот мисла покајна побуди.
Радувај се, преподобномаченице Христова, Параскево, сеславна!
Кондак 8:
Чудно им е на неверните кога гледаат, како од еден молитвен повик кон твоето свето име, Параскево многустрадална, на болните исцеление им се дарува и нечистите духови од човекот се изгонуваат; од нас грешните кои кон тебе за помош повикуваме и на Бога Му пееме:
Алилуја!…
МОЛИТВА кон светата преподобномаченица Параскева:
О, света и многустрадална преподобномаченице Параскево!
Кон тебе, како топла молителка за нас кон Бога ти припаѓаме и усрдно ти се молиме, моли Го нашиот Господ и Владика да ја излее милоста Своја врз нас, недостојните слуги Негови, да ни дарува душевно и телесно здравје, плодност на земјата, благорастворение на воздухот, преуспевање во христијанското благочестие, насушното за привемениот живот и сé што е потребно за спасение, та откако ќе поживееме мирно и благочестиво, да се удостоиме да примиме добар христијански крај и наследство на Царството Небесно.
Да, добра наша застапничке!
Не ги изневерувај нашите надежи, зашто по Бога и Пресветата Богородица цврсто на тебе се надеваме, затоа биди ни покровителка на спасението, та со тебе и со сите свети да се удостоиме со радоста на вечното блаженство, за да ја славиме во твоето заземање големата милост на нашиот Бог, Отецот и Синот, и светиот Дух; сега и секогаш, и во сите векови.
Амин!
Подготви: Светланка Трајчева