Господ Исус Христос дојде на светот да ja скрши и да ја искорени верата на луѓето во злото и во нивната душа да всади вера во добро, во семоќ на доброто и во непобедливоста и неминливоста на доброто.

Прастарото и сеопштото верување во духовите Христос не го порекна, туку го потврди.

Но Тој го откри сиот духовен свет таков каков што е, а не како што им се причинуваше на луѓето според ѓаволското дошепнување.

Еден добар, мудар и семоќен Бог е господар на духовниот и физичниот свет, на видливиот и невидливиот.

Добри духови се ангелите и нивниот број е неискажлив.

Добрите духови, или ангелите, неспоредливо се помоќни од злите духови.

Всушност, злите духови и немаат никаква моќ да сторат нешто, доколку Севишниот Господ Бог тоа не им го позволи.

Но и бројот на злите духови е многу голем.

Bo еден единствен безумен човек во Гадара, кого Господ го исцели, престојуваше цел еден легион, односно неколку илјади зли духови.

Овие зли духови во она време измамуваа и поединци и цели народи, како што и денес измамуваат многу грешници, дека тие се семоќни, дека тие се единствени богови и дека други богови освен нив нема, како и тоа дека добри духови не постојат.

Ho секаде каде што се појавувал Господ Исус Христос, тие во ужас бегаа од него.

Тие во него го познаваа властодржецот и судијата кој може да ги разобличи да ги протера од овој свет и да ги фрли во пеколната бездна.

Тие според Божјо допуштение се раскомотија по овој свет, нагрнаа на човечкиот род како муви на мрша и мислеа дека овој свет засекогаш е осигурен како нивно седало и нивна трпеза.

Наеднаш пред нив се појавил Носителот на доброто, Господ Исус Христос, и тие од страв затрепереа и возвикнаа „дојде да не измачуваш!”

Никој толку од маки не се плаши како што се плаши мачителот на другите. Злите духови неколку илјади години го измачуваа човештвото, во човечките маки тие го наоѓаа задоволството.

Но
кога го видоа Христа, тие затрепереа како од својот најголем мачител и беа подготвени да отидат од луѓето дури во свињите и во кое било друго создание, само да не бидат сосема протерани од овој свет.

Но Христос не помислувал сосема да ги истера од овој свет.

Овој свет е свет на измешани сили.

Овој свет е мегдан на кој луѓето треба свесно и доброволно да одберат: или да се појде по Христа Победителот или по нечистите и поразените демони.

Христос дојде како човекољубец, да ја покаже моќта на доброто над злото и да ја утврди верата на луѓето во доброто и единствено во доброто.

И денешното евангелие опишува еден пример, помеѓу безброј други, како човекољубивиот Господ уште еднаш ја покажал моќта на доброто над злото и како се погрижил да ја утврди верата на луѓето во доброто, во семоќта на доброто, во победата на доброто.

„Некој човек од народот пристапи кон Исуса, падна на колена и рече: Господи, смилувај се на мојот син, зашто при нова месечина го фаќа бес и се мачи многу. Често паѓа во оган и често во вода. Го одведов при Твоите ученици, но тие не можеа да го излекуваат”.

Овој настан го опишуваат уште двајца евангелисти: Марко (гл. 9) и Лука (гл. 9).

За болеста на момчето тие додаваат уште некои поединости.

Тој бил единец на таткото и во него имало нем дух. Кога ќе го нападне тој зол дух, го крши, момчето вика, и пена фрла, и чкрта co забите и се суши.

Наеднаш стрелите на злиот дух се насочени на три страни, на човекот, на сите Божји созданија и на Самиот Бог.

Што е месечината виновна за човековата болест?

Ако таа (месечината) предизвикува беснило и немоќ кај еден човек, зошто тоа не го предизвикува кaj сите луѓе?

He e злото во месечината, туку е злото во лукавиот зол дух, кој го измамува човекот и самиот се крие: ја обвинува месечината за да не биде тој обвинет.

Co тоа тој уште сака да постигне човекот да помисли дека сета Божја природа е зла и дека од природата доаѓа злото кај човекот, а не од злите духови отпаднати од Бога.

Затоа своите жртви ги напаѓа во времето на месечевите мени, за да помислат луѓето: ете, тоа е зло на месечината!

А бидејќи месечината е од Бога, тоа значи: злото е од Бога. Така овие најлукави и најсвирепи ѕверови ги измамуваат луѓето.

Всушност, Бог сѐ добро создал и сета Божја природа на човекот му служи за корист, а не за пропаст.

И ако има нешто што му пречи на човековата телесна удобност, тоа ѝ служи на човековата душа како средство за јакнење и за збогатување на неговиот дух. Господи,

„Твои се небесата и твоја е земјата, вселената и она, што ја исполнува. Ти си ја основал” (Псал. 88, 11).

Мојата рака сѐ создаде, вели Господ” (Иса. 66, 2).

Па кога е сѐ од Бога, мора сѐ да е добро. Од еден извор може да истекува само тоа што го има во тој извор, а не и тоа што го нема. Во Бога нема зло.

Значи, како може од Бога да произлезе зло, кога Тој е единствениот извор на чистата добрина?

Многу неупатени луѓе секое страдање го нарекуваат зло.

Всушност, секое страдање не е зло, но има страдања кои се дејство на злото, а има страдања кои се лек против злото.

Лудилото и беснилото претставуваат дејство на злото, a злиот дух е самото зло кое дејствува во полудениот и побеснетиот човек.

Многу израилски цареви ги снајдоа маки и неволи, оти правеа она што е зло пред Господа.

Тие маки и неволји се дејство и последица на гревот што го правеа тие цареви.

Маките и неволјите, пак, што на праведниците Господ ги допушта, не се дејство на злото, туку лек, како за самите праведници така и за сите други луѓе околу нив, кои го разбираат нивното страдање како од Бога испратено за утврдување во доброто.

Ho страдањето, кое е од Бога допуштено, има за цел луѓето сосема да ги очисти од гревот, да ги оттргне од власта на ѓаволот и да ги доближи до него.

Тоа очистително страдање не е од злото ниту за зло, туку е од Бога и за добро на луѓето.

“Добро ми е што ме смири, за да се научам на Твоите наредби”, вели видовитиот цар Давид (Псал. 118, 71).

Ѓаволот е зло, a патот кон ѓаволот е гревот. Надвор од ѓаволот и гревот воопшто не постои никакво зло.

Пренесено од книгата “Омилии”, Недела десетта по Духовден

Подготви М. Даниловска

Претходна статијаСепак, умирањата се различни… (“Писмата на валаамскиот старец”)
Следна статијаПРАКТИЧНИ СОВЕТИ И ДУХОВНИ ПОУКИ – Свети Јован Кронштадски