РАЃАЊЕТО НА ЧЕСНИОТ СЛАВЕН ПРОРОК, ПРЕТЕЧА И КРСТИТЕЛ ЈОВАН

УТРЕНА

Тропар, глас 4.

Пророче и Претечо на пришествието Христово, не умееме достојно да те пофалиме, ние што со љубов те почитуваме, бидејќи со твоето чесно и славно раѓање се разреши неплодството на онаа што роди, и немоста на таткото, и на светот му се проповеда воплотувањето на Синот Божји.

По првата катизма, седален, глас 4.

Сега ни процвета плодот на Захарија, украсот на пустината и најголемиот меѓу пророците, и разумно ги весели мислите на верните; затоа се јави Христовиот Претеча, и вистински сведок на Неговото доаѓање. Поради тоа, со духовни песни, согласно да му запееме на Крстителот: Пророче и проповеднику на Вистината, моли да се спасиме.

По втората катизма, седален, глас 8.

Сеславен Јоване, како врв на пророците и првина на доаѓањето Христово, навистина се роди преславно и, како глас на Словото, викаше: Покајте се, зашто се приближи Царството небесно. Затоа, ти се јави за сите како Претеча на благодатта, кој го подготви патот на Господа.

Крстителу и апостоле, моли Го Христа Бога, да им дарува прошка на гревовите, на оние што со љубов го празнуваат твојот свет спомен.

Седален, глас 8.

Кога се роди ( Јован ) Претеча, гласот на Словото, светло го одврза гласот на Захарија, и неплодноста на законот на сите им ја покажа. Тој вика:

Покајте се, вие кои сте на земјата, бидејќи дојде и се јави Исус, Кој сака да ги избави сите од првата клетва, просветлувајќи со крштението. Навистина чудо преславно!

Кондак, глас 3.

Порано неплодната, денес го раѓа Христовиот Претеча, и тој е исполнувањето на сите пророштва. Во (реката) Јордан, тој ја положи раката врз Оној што Го навестуваа пророците; се јави пророкот на Божјото Слово, истовремено проповедник и претеча.

Икос: Да го прославиме сега Господовиот Претеча, кого што го роди Елисавета од неплодната утроба, но не бессемено, бидејќи само Христос го мина непроодниот предел бессемено.

Јована го роди неродна (жена), но не го роди без маж.

Исуса, пак, Го роди Чиста Дева, со осенувањето на Отецот и на Духот Божји. Родениот од неплодната, се јави како пророк, проповедник и Претеча на Родениот бессемено (од Дева).

Канон, творба на Јован Монах, глас 4.

Песна 9.

Икос: Во тебе, Дево, Пречиста, јасно се извршува скриената и неискажлива Божја тајна, бидејќи од тебе се воплоти Бог поради милосрдие. Затоа те величаме како Богородица.

Ете, гласот Претечин застана пред неплодните и пусти срца, викајќи: Подгответе Му сега пат на Христа, оти доаѓа во слава; затоа Му се поклонуваме и Го величаме.

Како што во она време, Претечо, научен од Пресветиот Дух, јасно си Го проповедал Синот, Јагнето Божјо, Кој ги зема гревовите на светот, сега испроси за твоето стадо прошка на гревовите.

Троичен: Пеејќи православно, верни, да Ја прославиме Троица едносуштна во една природа, Која благодатно нѐ озарува, и со зраците на незаодната Светлина ги исполнува душите наши.

Богородичен: Ти, која владееш со сето создание, дај им надмоќ и победа, и покори го непријателот на Црквата, за да те величаме како Богородица.

Светилен.

Денес радоснотворното раѓање Претечево стави крај на татковата тага, поради онеменоста, и на неплодноста мајкина, а ја навестува идната радост и веселие; затоа и сета твар светло го празнува.

Слава, глас 6:

Денес, од неплодна утроба, на земјата се раѓа ѕвезда над ѕвездите – од Бога возљубениот Јован Претеча, кој ја покажува светлината Христова, Истокот од висините, за да им го покажува патот на верните.

И сега, богородичен:

Богородице, ти си вистинската лоза која ни Го израсна Плодот на животот. Тебе ти се молиме:

Моли се, Владичице, со светите апостоли, да ги помилува душите наши!

Подготви С. ТРајчева

Претходна статијаПреподобен отец наш Наум Охридски Чудотворец моли се да се избавиме од неволи и таги…!
Следна статијаДедо Наум – Преподобен отец Наум, моли Го Бог за нас!