Молитвата – патот кон Бог

На просјаците им е својствено да просат, а на човекот, кој со падот во грев е доведен до просјачки стап, му е својствено да се моли.

Молитвата е обраќање на паднатиот покајник кон Бог. Молитвата претставува излевање пред Бог на срдечни барања и воздивнувања на човекот, паднат и убиен од гревот.

Првото пројавување, првото движење на покајанието е плачот на срцето.

Тоа е молитвениот глас на срцето, кој ѝ претходи на молитвата на умот. И набргу умот, повлечен од молитвата на срцето, почнува да раѓа молитвени мисли.

Бог е единствениот Источник на сите вистински добра. Молитвата е мајка и глава на сите добродетели, како средство и состојба на човековото општење со Бог.

Таа ги позајмува добродетелите од Источникот на добрата – Бог, и ги прави своина на човекот, кој со молитвата настојува да пребива во општење (заедница) со Бог.

Патот кон Бог е молитвата.

Мера за поминатиот пат се различните молитвени состојби, во кои постепено влегува оној што постојано и правилно се моли.

 

Научи се пред Бог да се молиш правилно. Научувајќи се да се молиш правилно, моли се постојано и лесно ќе наследиш спасение.

Спасението ќе се јави од Бог во свое време, недвосмислено објавувајќи се во срцето на човекот што се моли правилно и постојано.

За молитвата да биде правилна, потребно е таа да се произнесува од срце исполнето со ништожност на духот, од срце скрушено и смирено.

Сите други состојби на срцето, до неговото обновување од Светиот Дух, сметај ги за такви какви што навистина се – односно несвојствени за покајниот грешник, кој Го моли Бог за простување на гревовите свои и за ослободување, како од темница и од окови, од робувањето на страстите.

Со Мојсеевиот закон на Израилците им било пропишано на Бог да Му ги принесуваат сите свои жртви само на едно место.

И со духовниот закон на христијаните им е назначено место за принесување на сите нивни жртви, а особено жртвата над жртвите – молитвата. (…) Тоа место е смирението.

На Бог не му се потребни нашите молитви! Он знае што ни треба и без нашите молења.

Он, Премилосрдниот, Својата обилна милост ја излева и на тие што не просат од Него.

Молитвата ни е потребна: таа го сродува човекот со Бог.

Без неа човекот е отуѓен од Бог, а колку повеќе се вежба во молитвата, толку повеќе Му се приближува на Бог.

свети Игнатиј Брјанчанинов

Претходна статијаСлово на авва Амон за оние кои сакаат да безмолвуваат!
Следна статијаНЕДЕЛА НА СВЕТА ПЕДЕСЕТНИЦА!