Петта недела по Пасха – на Самрјанката

Свето евангелие според светиот апостол Јован

4:5-42

5. И така, дојде во самарјанскиот град, наречен Сихар, близу до земјиштето, што му го даде Јаков на сина си Јосифа.

6. Таму беше изворот на Јакова. И Исус, изморен од патот, седна покрај изворот; а беше околу шестиот час.

7. Дојде една жена од Самарија, за да полни вода. Исус ѝ рече: „Дај Ми да пијам!”

8. А учениците Негови беа отишле во градот да купат храна.

9. Жената Самарјанка Му рече: „Како Ти, бидејќи Јудеец, бараш од мене, жена Самарјанка, да пиеш?” – Оти Јудејците со Самарјаните не се мешаат.

10. Исус ѝ одговори и рече: „Кога би го знаела дарот Божји и Кој е Оној што ти вели: »Дај Ми да пијам« – ти самата би побарала од Него и Он би ти дал вода жива.”

11. Жената Му рече: „Господи, Ти нема со што да нацрпиш, а кладенецот е длабок; од каде, пак, имаш вода жива?

12. Зар си Ти поголем од нашиот татко Јакова, кој ни го даде овој кладенец! И сам тој пиеше од него, и синовите негови, и добитокот негов!”

13. Исус ѝ одговори и рече: „Секој што пие од оваа вода, пак ќе ожедни;

14. а кој пие од водата, што ќе му ја дадам Јас, нема никогаш да ожедни; таа во него ќе стане извор на вода, што ќе тече во живот вечен.”

15. Жената Му рече: „Господи, дај ми таква вода за да не ожеднувам, ниту да идам овде за полнење!”

16. Исус ѝ рече: „Оди, повикај го мажа си и дојди тука!”

17. Жената одговори и Му рече: „Немам маж.” Исус ? рече: „Право кажа дека немаш маж;

18. зашто петмина мажи си имала и овој, што го имаш сега, не ти е маж; право рече.”

19. Жената Му одговори: „Господи, гледам дека си Ти пророк.

20. Нашите татковци се клањаа во оваа планина, а вие велите дека во Ерусалим е местото каде што треба да се клањаме.”

21. Исус ѝ рече: „Жено, верувај Ми дека иде часот, кога ни во оваа планина, ниту во Ерусалим ќе се поклонувате на Отецот.

22. Вие му се клањате на она, што не го знаете; а ние се клањаме на она што го знаеме; зашто спасението е од Јудејците.

23. Но иде време и дошло веќе, кога вистинските поклоници ќе Му се поклонуваат на Отецот со дух и вистина, зашто Отецот сака такви да бидат оние, кои Му се клањаат.

24. Бог е Дух и оние, што Му се клањаат, треба да се поклонуваат со дух и со вистина.”

25. Жената Му рече: „Знам оти ќе дојде Месија, наречен Христос; кога ќе дојде Он, сe ќе ни каже.”

26. А Исус ѝ рече: „Јас сум, Кој зборувам со тебе.”

27. И тогаш дојдоа учениците Негови и се зачудија дека говореше со жената; но ниеден не Му рече: „Што сакаш?” или „Што зборуваш со неа?”

28. А жената ја остави својата стомна и отиде в град и им рече на луѓето:

29. Дојдете, видете Го човекот, Кој ми кажа сe што сум направила. Да не е Он Христос?

30. Тогаш тие излегоа од градот и тргнаа кон Него.

31. Во тоа време, пак, учениците Го молеа, велејќи: „Рави, јади!”

32. Но Он им рече: „Јас имам храна за јадење, што вие не ја знаете.”

33. Тогаш учениците си проговорија помеѓу себе: „Освен ако Му донел некој да јаде?”

34. А Исус им рече: „Мојата храна е да ја исполнувам волјата на Оној, Кој Ме пратил и да го извршам Неговото дело.

35. Не велите ли вие, дека уште четири месеци, па ќе настане жетва? А Јас, пак, ви кажувам: подигнете ги очите свои и видете ги нивите како побелеле, готови се за жетва.

36. И жетварот веќе добива награда и собира плод за вечен живот, та да се радуваат заедно и сејачот и жетварот.

37. Зашто во ова вистинска е поговорката: »Еден сее, а друг жнее.«

38. Јас ве пратив да жнеете, каде што не сте се труделе; други се трудеа, а вие влеговте во нивниот труд.”

39. И мнозина Самарјани од тој град поверуваа во Него по зборовите на жената, која сведочеше: „Ми кажа сe што сум направила.”

40. Кога дојдоа, пак, Самарјаните при Него, Го помолија да остане кај нив. И Он остана таму два дена.

41. И уште повеќе поверуваа поради словото Негово;

42. а на жената ѝ велеа: „Сега веќе не веруваме од твоето кажување, оти сами чувме и знаеме дека е Он Спасителот на светот, Христос.”