НЕДЕЛАТА – ДЕНОТ НА ХРИСТОВОТО ВОСКРЕСЕНИЕ

Некои секти, посебно адвентистите, ја прекоруваат Црквата дека ја променила четвртата заповед на Синајскиот Декалог – онтолошката, непроменлива основа на догматиката и на моралноста на Стариот и Новиот Завет, кој во Библијата е наречен “Вечен Закон”.

Според мислењето на секташите, празнувањето на првиот ден во неделата наместо седмиот, претставува нелегално и неоправдано нарушување на директната Божја заповед, која не дозволува било какви отстапувања или измени.

Секташите празнувањето на неделата наместо саботата го толкуваат co потчинување на Црквата на државната власт, која ја претставувал цар Константин, кој во 324 година издал закон co кој целото царство мора да ја празнува неделата (како ден на Воскресението Господово).

Знаеме дека старозаветните пророштва во Новиот Завет не се укинати, туку се исполнети.

Старозаветната симболика не е уништена, туку е овоплотена и добила нова, подлабока смисла во обредите, свештените симболи и тајни на новозаветната Црква.

Co еден збор, Стариот Завет се открил и се остварил во Новиот Завет. Зборот сабота означува спокој.

Тоа е ден кога е завршен циклусот на создавање, тој симболички укажува на вечност, но вистински спокој е мир на душата co Бога, и затоа старозаветната сабота била само праслика на очекуваниот небесен спокој.

Дури и душите на мртвите праведници го очекувале своето искупение и спасение.

Нивниот спокој бил одмор од маките, но не спокој на средбата co Бога, кога душата се успокојува во царството на благодатта како дете во рацете на мајката.

Тоа бил спокој сличен на одмор по долга работа.

Старозаветниот праведник не го осудувала совеста и законот кој казнувал, но тој бил препуштен самиот на себе и немал сили да излезе од своето ограничено создадено битие во мистичка слобода преку учествување во Божествениот живот.

Стариот Завет забранувал да се прави грев и зло, но сѐ уште не давал сила на човекот да прави вистинско добро, и затоа саботата
во Стариот Завет била одмор од сите дела.

Вистински спокој на душата е Господ, за одовде, вистинската сабота можела да настапи само по Голготската жртва, слегувањето во адот и Воскресението на Христа Спасителот.

Значи, саботата му давала форма на спокојот, но немала внатрешна содржина, таа била празен сад од алабастер, кој сѐ уште не бил исполнет co миомирис.

Пасхата на страданието и Пасхата на Воскресението биле центар на свештената историја, почеток на Новиот Завет и основа на Црквата.

Воскресението му дало содржина на саботниот спокој: мир co Бога, повторно воспоставување на образот и подобието Божјо во човекот, богоопштење и спокој во Светиот Дух.

Саботата била пророштво за спокојот, пророштво за Воскресението, и во таа смисла – слика на вечноста.

Воскресението е почеток на животот на земјата. Старозаветната Пасха се овоплотила во Новозаветната Пасха, а саботата во неделата.

По Христовото Воскресение од мртвите, старозаветната Пасха станала еврејска пасха, пасха на оние кои не Го прифатиле Христа како Спасител и Месија.

Саботата во староеврејската свест преставувала очекување на Месијата.

Сега празнувањето на саботата, како и старозаветната Пасха се во мистичка смисла неверување во Христа и очекување на друг Месија.

На денот на Велика Сабота, кога Христос лежел во гробот, завршува Стариот Завет.

Co Христовото воскресение од мртвите почнал нов живот – Новиот Завет. Во Стариот Завет седмицата завршувала co саботата, а во Новиот Завет седмицата почнува co неделата.

Празникот сабота претставувал благодарност кон Бога за создавање на видливиот свет, очекување на Месијата и подготовка за вечност.

Воскресението Христово е залог на нашето сеопшто воскресение.

Празнувајќи ја неделата, ние My благодариме на Бога за вечниот живот. За создавање на светот била доволна само волјата Божја, за искупување и спасување на човекот, послужиле крвта и страданијата на Синот Божји.

Ако зрното фрлено во земја не никнало, ако саботата е над неделата и тоа значи дека нејзината смисла на праслика и пророштво не се исполниле, тоа би значело дека сѐ уште не е
завршено времето на Стариот Завет.

Вистинскиот спокој не е спокој на мртво тело, тоа не е спокој кога ништо не се работи и спокој на празнина; вистински спокој на душата е спокој од гревовите и од страстите, спокој од демонските сили.

Некои отци не ja сметаат неделата за прв ден од седмицата, туку осми.

Осум е слика на вечноста. Ритамот на неделата останал ист:

6 и 1. Симболички единицата (1) е почеток, вечност и апсолут;

6 е рамнотежа, симетрија и хармонија меѓу духовното и материјалното;

7 е дејството на Божествените сили во светот;

8 е вечен живот.

Саботата била дадена во Стариот Завет, бидејќи до Христовото Воскресение не можело да се слави настанот што сѐ уште не се случил.

Саботата е наречена Вечен Завет, но и принесувањето на жртви во старозаветниот храм, исто така се нарекувани “вечни”, бидејќи претставувале пророштво за Голготската Жртва.

Нивната таинствена смисла се остварила во распнатиот Христос, во вечната Христова Жртва за спасение на светот.

Пренесено од книгата “Како да живееме во Христа” од Архимандрит Рафаил Карелин

Претходна статијаВЕЛИКА САБОТА – Попусто го чуваш гробот, стражо….
Следна статијаПОКЛОНУВАЊЕ НА ХРИСТОВИОТ КРСТ!