НЕДЕЛА ЧЕТВРТА ОД СВЕТИОТ ПОСТ

УТРЕНА

Тропар, глас 1.

Пустински жител и во тело ангел, и чудотворец си се покажал, богоносен оче наш Јоване. Откако со пост, бдеење и молитва, небесни дарови прими, ги исцелуваш болните и душите на оние што ти приоѓаат со вера. Слава Му на Оној што крепост ти даде, слава Му на Оној што те овенча, слава Му на Оној што, преку тебе, на сите им дарува исцеленија.

Канон на светиот, глас 5.

Песна 1

Ирмосː Откако ја мина водата како по суво и египетското зло го избегна, народот израилски викашеː На Избавителот и наш Бог да Му пееме.

Преподобен Јоване, кој од овдешната беда се искачи кон нематеријалната и духовна светлина, со твоите молитви кон Господа просветли ме.

Откако се напи од сладоста на воздржанието, ја отфрли горчливоста на страстите; затоа, оче, нашите чувства повеќе и од мед и сот ги засладуваш.

Искачен на врвот од добродетелите, си ги поплукал долу ползечките сласти, оче преподобен, а за твоето стадо си станал сладост на спасението.

Богородиченː Ти, која неискажливо ја роди Премудроста и Словото на Отца, раната лута на мојата душа исцели ја и болката на срцето скроти ја.

Катавасијаː Ќе ја отворам устата моја, и со Дух ќе се исполни, и збор ќе ѝ кажам на мајката Царица, и ќе се покажам светло торжествувајќи и, радувајќи се, ќе ги воспеам нејзините чудеса.

Песна 3

Ирмосː Ти си тврдина на оние што приоѓаат кон Тебе, Господи, Ти си Светлина на помрачените и духот мој Те воспева.

Со огнот на подвигот си ги изгорел трњето и страстите, оче свети, а на монасите им ја подгреваш ревноста.

Мирото на светоста од испосничките аромати, преподобен, си му го принесол на Бога како благопријатна духовна миризба.

Вежбајќи се во законите на подвизите, во реките на твоите солзи си ги потопил страстите, како што некогаш беа потопени војските фараонови.

Богородиченː Запри го моето непостојано вознемирување на мислите, чиста Мајко Божја, насочувајќи го кон Синот Твој нивното движење.

Седален, глас 5.

Држејќи го твојот пречист крст како оружје на спасението, Спасителу наш, преку него ти викамеː Спаси нè, Боже, Кој доброволно пострада за сите нас, како многумилостив.

Славаː на преподобниот, глас 4.

Оче Јоване, кој на небесата засветли со добродетели, а засаден на сигурна почва, набожно се искачи до неизмерната длабочина на богосозерцанието; а откако ги победи лукавствата демонски, ги штитиш луѓето од нивните напади, скало на добродетелите; и сега се молиш да се спасат слугите твои.

И сегаː богородичен. Подобен.

Оној што на престолот херувимски седи и во прегратките на Отецот почива, во твојата утроба седи како на свој свет престол, Владичице! Он е Бог Кој така се зацари над сите народи, а ние сега разумно Му пееме. Него и ти, Чиста, моли Го да се спасат слугите твои.

Песна 4

Ирмосː Го слушнав, Господи, Твоето воскресение од гробот и ја прославив Твојата сила непобедлива.

Како цветна градина најблагомирисна, и духовен рај на добродетели, си родил плодови на воздржување, со кои си ги нахранил сите оние што те почитуваат.

Во тебе подвигот има свој законодавец, а монасите – правило најкротко; како Мојсеја и Давида, и тебе, оче, навистина блажен те именуваме.

Насаден на водите на воздржанието, оче блажен, се покажа како лоза доброплодна, која раѓа гроздови на благочестие.

Богородиченː Ти, Богомајко, која си во времето, ни Го роди Оној што вечно светли од Отецот. Него моли Го да се спасат оние што те воспеваат.

Песна 5

Ирмосː Зошто ме отфрли од Твоето лице, Светлино незаодна, и мене бедниот ме покри необична темнина! Но, се молам, обрати ме и, кон светлината на Твоите заповеди, патиштата мои насочи ги.

Откако со росата на твоите подвизи, ги изгаси сите страсти, оче блажен, обилно го разгоре огнот на верата и љубовта, и стана светилник на воздржанието, просвештение на бестрастието и син на денот.

Со твоето божествено земјоделие, оче, ти го потхрани гроздот на верата и, со трудот на аскезата, го исцеди неговиот сок, ја наполни духовната чаша на воздржанието, со која ги веселиш срцата на твоето стадо.

Откако храбро ги поднесе нападите и раните на противничките врагови, се покажа столб на трпението, утврдувајќи го стадото твое со палката божествена, водејќи го на пасиштата на воздржанието и водите на починот, блажене.

Богородиченː Следејќи ги зборовите на твоите усни, Сечесна, ние те именуваме блажена, зашто Господ, Кој со тебе направи навистина чудесни работи, те возвеличи и, Оној што се роди од твојата утроба, вистинска Божја Мајка те покажа.

Песна 6

Ирмосː Очисти ме, Спасе, од многуте мои беззаконија и, се молам, од бездната на злото изведи ме. Кон Тебе повикав, и услиши ме, Боже на моето спасение.

Во душата си ги примилː божественото богатство на Духот, непорочната молитва, чистота, чесност, непрестајно бдеење, подвизи на воздржување, кои од тебе дом Божји направија.

Откако на овие ниски работи долу не се задржа, премудар, на крилјата од молитвата се издигна и наследник на вишниот спокој стана, поради совршенството на животот.

Со пот испосничка жарот на стрелите непријателски вистински го изгасна, а кога огнот на верата го разгоре, горделивоста и неверието на ересите го изгоре.

Богородиченː Од Сиона благолепие на Вишниот засветли, кога од тебе, Неискусобрачна, на неискажлив начин прими тело и светот го просветли.

Кондак, глас 4.

На висина од воздржанието Господ навистина те положи, како ѕвезда вистинска, која ги осветлува краиштата на земјата, наставниче, оче наш Јоване.

Икосː

Со твоите божествени добродетели, оче, самиот себе како дом Божји навистина се направи, откако јасно се украси со вера, надеж и љубов вистинска, како со светло злато; изложувајќи ги божествените заповеди, во постот се извежба како бесплотен, и се здоби со разум, храброст, целомудрие, смирение, со кои и се вознесе.

Затоа и се просветли со молитвите непрестајни и ги прими небеските населби, наставниче, оче наш Јоване.

Претходна статијаВЕЛИКА СРЕДА – Која е жената Го помаза Господа со миро пред страдањата на Спасителот?!
Следна статијаСВЕТИТЕ И СПАСИТЕЛНИ СТРАДАЊА НА НАШИОТ ГОСПОД ИСУС ХРИСТОС