…Само преку носењето на Крстот можеме да се удостоиме со радоста на заедничарењето. На секоја неделна Утрена, после читањето на Евангелието велиме:
Со Крстот радоста дојде за сиот свет. Само преку Крстот можеме да се здобиеме со радоста на заедништво во Верата.
А што можеме јас и вие да сториме лично, како можеме да придонесеме кон оваа победа на Православието, кон оваа победа на заедницата?
Што може секој од нас да стори за да се намали насилството, да се создаде мир и заедница?
Го наоѓаме одговорот во Посланието на св. апостол Јаков:
Раздорите и расправиите меѓу вас од каде потекнуваат? Нели потекнуваат од виењето на страстите што војуваат внатре во вас?
Она што Апостолот го вели тука е дека надворешното зависи од внатрешното.
Надворешните конфликти во парохијата, во целата Православната Црква, во меѓународната политика, ги имаат како извор внатрешните конфликти во срцата на секој од нас.
И следствено, надворешниот мир во парохијата, во целата Црква и во сиот свет го има својот извор во внатрешниот мир во срцата на секој од нас.
Ако јас, или вие, војуваме со себе си, внатрешно поделени, тогаш ние ја пренесуваме таа војна и самоподеленост и на заедницата на која ѝ припаѓаме, на семејството, работното место, парохијата и епархијата.
Од друга страна, ако јас и вие можеме да бидеме внатрешно единствени секој со себеси, ако јас можам да бидам со полнотата на моето битие жива Икона на Светата Троица тогаш, со Божја помош и милост, јас можам да бидам жив, динамичен, креативен центар на помирување, донесувајќи полнота на секоја заедница или група на која ѝ припаѓам.
Само ако успеам низ Христос и Светиот Дух да ги составам скршените делчиња внатре во мене, тогаш ќе го подготвам внатре во мене составувањето, реинтегрирањето на потресениот космос.
Од тоа таинствено и неискажливо единство внатре во мене, ќе може да произлезе, по молитвите на Мајката Божја и сите Светии, видливо и манифестирано единство во мојата парохиска заедница, во целата Црква и меѓународната политика.
Ние мораме да го собереме внатре во нас поделениот свет и на тој начин да го надминеме во Христа. Тоа е длабоката порака за денес, Победата на Православието.
Да си спомнеме за двајца светители кои точно го илустрираат она што се обидувам да го споделам со вас вечерва.
Прво од св. Серафим Саровски:
„Стекни внатрешен мир и илјадници околу тебе ќе се спасат“.
А пак св. Исак Сирин вели:
„Биди помирен со себеси, и небото и земјата ќе се во мир со тебе“.
Надворешното зависи од внатрешното. Мирот мора да дојде од срцето на секој од нас, и тогаш ќе можеме да ја потврдиме, со убавина и чудесност што ја надминува нашата свест, вистинската заедница на Православната Црква. Да се насочиме умствено нанапред, кон Пасхалната ноќ.
Да си спомнеме за зборовите кои ги пееме таа ноќ: Ден е на Воскресението, да засветлиме со мир и да се прегрнеме еден со друг велејќи:
Брате, Сестро, да си простиме сѐ во Воскресението и да воскликнеме силно: Христос Воскресна од мртвите!
Ако од денес па низ целиот Голем пост сѐ до Пасха, почнеме да простуваме сѐ пошироко и пошироко, како што почнавме на Прочка минатата недела, ако можеме да речеме со нова искреност на Пасхалната Ноќ:
да им простиме на сите на Воскресението, тогаш тоа навистина ќе биде вистински триумф на Православието.