СПОМЕН НА СВЕТИОТ ПРАВЕДЕН ПРЕЗВИТЕР ЈОВАН КРОНШТАДСКИ ЧУДОТВОРЕЦ
ГОЛЕМА ВЕЧЕРНА На Господи, повикав, стихири, глас 6.
Ти си Го возљубил Единородниот Син Божји, и си пожелал само да Му служиш Нему, свети Јоване, и Му се довери, говорејќиː
Мојот живот е во Христа. Поради тоа си побрзал да правиш сѐ, за да Му угодиш на Господаː и да мудруваш, и да твориш.
Ние те гледаме како топол молитвеник и благодатен пастир, отче Јоване, бидејќи на мнозина луѓе, кои прибегнуваат кон тебе, им даваш утеха и исцеление од разновидни болести, и постојана помош на оние што страдаат и се во неволји, и до сега изобилуваш со чудеса.
Качувајќи се по скалата на добродетелите, ти се покажа како ревносен работник во градината Господова, отче Јоване, и од утрото на животот дури до последниот час добро се потруди.
Така и нас поткрепи нѐ , да Му служиме на Господа.
Праведен Јоване, благодатен лекару, со силата на твојата молитва си лекувал ближни и далечни.
Прегрнувајќи ги со љубовта во Христа, си ги учел да Му се обраќаат на Господа, давајќи им на сите помош според верата.
Различен е примерот на милување, и оваа заповед е широка, рече Златоустиот Јован.
А ти, милостив пастиру, кој во овие добродетели се подвизуваше разновидно, и создаде дом на трудољубие, научи нѐ да ѝ бидеме туѓи на мрзливоста.
Подражавајќи го осамениот пустиножител, преподобниот Јован Рилски, чиешто име си го добил при светото Крштение, праведен Јоване, ти се оддалечи од секаква приврзаност светска, и твојот живот го утврди само во Христа.
Научи нѐ и нас на благочестивото живеење.
Слава, истиот гласː
Ти си ги наследил живеалиштата на светите, праведен отче Јоване, и во светлината на лицето Божјо ги гледаш потребите на оние што прибегнуваат кон тебе, давајќи го секому она што му е потребно за спасение.
Поради тоа и ние, надевајќи се на твојата помош, се молимеː Моли Го Христа Бога, да се спасат душите наши.
Стиховни стихири, глас 5ː
Разгорен со ревност за славата Божја, си ја поучувал твојата паства да го пази своето срце од страстите, кои ја расипуваат душата, и ја одвојуваат од Бога.
Моли се за нас, отче свети Јоване, да го насочиме нашиот живот кон славата на името Божјо, и кон спасението.
Стихː Светлината засветли над праведникот, а за правите по срце – радост.
Подражавајќи ги апостолските подвизи, чудесен отче Јоване, душата си ја полагал за спасение на ближните, барајќи го не она што е твое, туку да ги обземе нив љубовта Божја.
И сега, стоејќи пред престолот на Света Троица, моли се, за оние што го почитуваат твојот спомен непрестајно.
Стихː
Неговото срце е подготвено да се надева на Господа.
Ти ми го откри сето богатство на верата, Господи, благодарствено си извикувал кон Бога, Изворот на љубовта и на премудроста, праведен Јоване, од Когошто си ги дознал спасителните зборови.
Со нив загреј ги нашите ладни срца, и упати ги кон спасение.
Слава, глас 8ː
Со љубов приврзувајќи се кон единствениот Бог, свети Јјоване, и имајќи постојана грижа за оние што страдаат и за отфрлените, како брз помошник им се покажа.
Поради тоа, силата на благодатта Божја преку тебе прави големи чудеса, обраќајќи ги неверните кон верата во Христа, и кон животот во славата Божја.
Тропар, гласː
На православната вера – бранителу, на руската земја – старателу, на пастирите – правило, и на верните – образецу, на покајанието и на животот во Христа – проповеднику, на божествените тајни – набожен служителу, и за луѓето – смел молитвенику, праведен отче Јоване, исцелителу и прекрасен чудотворецу на градот Кронштад – пофалбо, и на црквата наша – украсу, моли Го Себлагиот Бог, да го смири светот и да ги спаси душите наши.
Друг тропар, глас 4ː
Богомудар отче Јоване, ти се покажа како добар пастир на руската земја, откако се здоби со живот во Христа, во презвитерското служење.
Ти си примил изобилна благодат од Господа Христа, да исцелуваш болести, да утешуваш малодушни, да ги соединуваш верните со Христа, во тајната на Неговото пречисто тело и крв.
Поради тоа те фалиме, како молитвеник за душите наши.