„…Бидејќи смртта е единствениот природен завршеток на човекот, па и на самата вселена, тогаш вистински прогрес во основа е невозможен; не само невозможен, туку и непотребен.
Бидејќи што ќе ми е прогрес кога се состои во тоа свечено да ме испратат од колевката до гробот?
Тоа е како кога ќе те осудат на смрт, па џелатот го премачкува мечот со мед, за да ти биде послатко кога со него ќе ти ја отсече главата…
Што ќе ми е прогрес, што живот, зошто сиот труд, и работа, и должност, и љубов, и омраза, и култура, и цивилизација, кога сиот умирам без остаток?
Сето тоа пред коешто луѓето се поклонуваат: прогрес, култура, цивилизација, работа, должност, морал, татковина, семејство – сѐ се тоа вампири што крвта ми ја цицаат, цицаат, цицаат… Проклети да се!
Господа, мора да се биде искрен: ако смртта е неопходност, тогаш овој живот е – најподбивниот дар, најодвратен потсмев, и главно: ужас, неиздржлив ужас…
За науката неопходноста на смртта е неотстаплива и непобедлива; тоа значи: науката не може ниту да пронајде ниту да му даде смисла на животот.
Пред проблемот на смртта издивнува и самата наука.
Многумина зборуваат: науката е сила, науката е моќ. Но, кажете: зарем е сила онаа што е – бессилна пред смртта, во самата суштина сила?
Зарем е моќ онаа што е немоќна пред смртта, во самата суштина моќ?
Нема сили освен онаа што ја победува смртта.
Велат: науката е човекољубива.
Но какво ми е тоа човекољубие кога таа го остава човекот во смрт?
Кога е немоќна да го одбрани од смртта?
Човекољубие е: да се победи смртта. И нема друго!“