Да застанеме добро, да стоиме со страв!
Во денешното евангелие Господ ни ја објаснува светотаинската хиерархиска структура на подвигот на љубовното послушание во Црквата:
„Кој ве слуша вас [значи Апостолите или денес Епископите], Мене Ме слуша; и кој се откажува од вас, од Мене се откажува; а кој се откажува од Мене, се откажува од Оној Кој Ме пратил“ (Лука 10, 16).
Интересно е што токму ова евангелие, кое се однесува на послушанието, Светата Црква го определила како најсоодветно за денешниот ден, кога го чествуваме светиот архангел Михаил.
Црквата Божја сака да ни каже дека послушанието кон Бог и љубовната посветеност Нему го прават и обичниот ангел – архангел, а дека непослушанието и самољубието и од архангелот можат да направат демон.
Истото важи и за луѓето; и многупати досега сме го виделе тоа.
Борбата против апсолутната гордост, против духовите на злото од поднебесјето, се одвива со апсолутно смирение, т.е. со апсолутно послушание.
Господ Христос со личен пример ни го покажа, го востанови и ни даде сила за подвигот на апсолутното послушание:
„Сам се смири, откако стана послушен дури до самата смрт, и тоа смрт на крст“ (Филип. 2, 8).
Секако, апсолутното послушание не Му беше потребно Нему, туку ни е потребно нам.
„Се вратија пак седумдесеттемина [од подвигот на послушанието] со радост и велеа: ’Господи, во Твое име и бесовите ни се покоруваат‘.
А Он им рече: ’Го видов сатаната кога падна од небото како молња. Еве, ви давам власт да настапувате на змии и скорпии и на секаква демонска сила; и ништо нема да ве повреди; но не радувајте се на тоа дека духовите ви се покоруваат, а радувајте се што имињата ваши се напишани на небесата‘“ (Лука 10, 17–20).
Со други зборови Христос им вели:
„Не радувајте се на Моите дарови, на новостекнатата слава како и власт над демоните, туку радувајте се на Мене, радувајте се на заедницата со Мене и радувајте се што Мојот Небесен Отец ве направи чеда Свои по благодат, а Мои браќа (и сестри).
Зашто и сите дарови на овој свет да ги имате, Мене ако Ме немате, ништо немате и ништо не сте“.
Да, затоа што ние само посветено Му служиме на својот Отец Небесен и ништо друго, а нашата радост произлегува од нашето восиновување, од фактот дека сме Негови чеда, а не од власта за некакво си изгонување на некакви си мизерни бесови; и толку.
Поради таа едноставна вера и доверба во Бог и послушание, обични и непознати луѓе станаа апостоли, станаа маченици, станаа преподобни, станаа јуродиви, станаа учители на Црквата и станаа деца Божји, по благодат.
Но, битно е дека тие тоа не го бараа, им беше доволно и им беше голема чест само тоа:
да Му служат на единствениот вистински Бог – Отецот и Синот и Светиот Дух.
И да не заборавиме: без разлика какви последици ќе трпат од тоа.