СОБОР НА СВЕТИОТ АРХИСТРАТИГ МИХАИЛ И НА ДРУГИТЕ БЕСПЛОТНИ СИЛИ
ВЕЧЕРНА
На Господи, повикав, стихири на 8. Глас 4.
Јавувајќи се како најсветол застапник на Трисолнечното Божество, Михаиле архистратиже, викаш со горните сили, радувајќи се: Свет си Отче, свет си собеспочетно Слово, свет си и Душе Свети: една слава, едно царство и природа, едно божество и сила.
Михаиле првоангелу, и твојот изглед е огнен, и твојата убавина е чудесна, бидејќи со невештествената природа ги обиколуваш краиштата (на вселената), извршувајќи ги сите заповеди на Творецот, покажувајќи ја твојата крепост и сила, и храмот твој правејќи го извор на исцеленија, почитуван заради твоето свето име.
Ти Кој ветровите ги правиш свои весници, и оние што Ти служат – пламен огнен, како што вели Писмото, меѓу Твоите ангелски чинови, Господи, за првенец си го покажал архангелот Михаил, кој им се покорува на Твоите заповеди, Слове, и со страв пее Трисвета песна на Твојата слава.
Други стихири, глас 4.
Предвечниот Ум, Гаврииле, те направи втора светлина која, со божествено заедничарење, ја осветлува целата вселена, и вистински ни ја открива божествената и голема тајна, криена од вековите, на Оној што се воплоти од утробата на Дева, Кој е бестелесен, и Кој стана човек, за да го спаси човекот.
Стоејќи пред престолот на трисолнечното Божество, и богато осветлуван од божествените светлости, оттаму непрестајно испуштани, избави ги од маглата на страстите оние што ликуваат радосно на земјата и добро те слават, и просветли ги, Гаврииле архистратиже, молитвенику за душите наши.
Скрши ја свирепоста агаренска, која често го напаѓа твоето стадо; запри ги расколите во Црквата, скроти ја бурата на безмерните искушенија; избави ги од неволи и несреќи оние што со љубов те почитуваат, и ја бараат твојата заштита, Гаврииле архистратиже, молитвенику за душите наши.
Слава, глас 6.
Византиевоː Радувајте се со нас, сите ангелски чинови, бидејќи вашиот началник и наш застапник, великиот архистратиг, во денешниот ден, преславно јавувајќи се во својот чесен храм, го осветува. Затоа, пеејќи како што прилега, да повикамеː Заштити нѐ под покровот на твоите крилја, велики архангеле Михаиле.
И сега, богородиченː
Радувајте се со нас, сите девствени чинови, зашто нашата застапница и посредница, и покров, и големо прибежиште, во денешен ден, во нејзиниот чесен и божествен храм ги утешува нажалените. Поради тоа, воспевајќи ја неа како што прилега, викамеː Покриј нѐ со твоето божествено застапништво, Пречиста Богородице Владичице.
Литиски стихири, глас 1. (Кипријанова)
Архистратизи на духовните сили, стоејќи непрестајно пред Владичниот престол, молете Му се на Господа, мир на светот да му дарува, а на душите наши – милост голема.
Арсениеваː Чиноначалникот на вишните сили, Михаил, првиот меѓу божествените чинови, кој оди со нас постојано и сите нас нѐ штити од ѓаволските напади, денес нѐ повика на торжество. Затоа, дојдете празникољупци и Христољупци, со цвеќе на добродетели, со чисти мисли, и добра совест, да го прославиме соборот на архангелите, бидејќи тој непрестајно стоејќи пред Бога, и пеејќи ја Трисветата песна, се моли да се спасат душите наши.
Глас 2.
Студитоваː Архистратизи – водачи на духовните сили, кои ја осветлувате вселената со зраците на Трисолнечната слава, вие со непрестаен глас ја пеете Трисветата песна; затоа, молете се, да се спасат душите наши.
Арсениеваː Духовни суштества, божествени и бестелесни, кои го окружувате нематеријалниот престол на вашиот Господ Бог, со пламени усни Му ја пеете трисветата песнаː Свети Боже – беспочетни Отче; Свети Крепки – собеспочетни Сине; Свети Бесмртни – едносуштен Душе, заедно со Отецот и Синот прославуван.
Анатолиеваː Со нивните бестелесни усни и духовни усти, ангелските чинови Му принесуваат непрестајно пеење на Твоето непристапно божество, Господи, и чистите духови и служители на твојата слава Те фалат, Владико; со нив, пак, бестелесниот Михаил и најчесниот Гаврил – првоначалните на горните сили, архистратизи на ангелите, денес беа наши угостители, заповедајќи ниː На Твојата непристапна слава да ѝ пееме песни над песните, на која ѝ се молат непрестајно за душите наши, Човекољупче.
Слава, глас 4ː
Со огнени усни Те воспеваат херувимите, Христе Боже, а со бестелесни усти гласно Те слави хорот на архангелите; Михаил, пак, водачот на вишните сили, на Твојата слава непрестајно ѝ принесува победничка песна, бидејќи денес тој нѐ озари за ова светло торжество, иако со валкани усни, достојно и псаломски да Ти ја запееме трисветата похвала, бидејќи со Твоето фалење, Господи, се исполни вселената и, преку Него, на светот му даваш милост голема.
И сега, истиот гласː
Од Георгиј Никомидискиː Денес Богородица – храмот кој Го смести Господа – во храмот Господов се приведува, и неа Захарија ја прима; денес Светињата на светите се радува и хорот ангелски торжествува. И ние заедно со нив денес празнувајќи, со Гавриила да повикамеː Радувај се, Благодатна, со тебе е Господ, Кој има милост голема.
Стиховни стихири, глас 1.
Торжествувајќи во светот како ангелите, на Бога, Кој седи на престолот на славата, да Му ја запееме песнаваː Свет си Оче небесни; Свет си Слове, со Него едносушни; Свет си и Духу Свети.
Стихː Ветровите ги правиш Свои гласници, а огнот и пламенот – Свои слуги.
Михаиле архистратиже, очевидцу на неискажливи (тајни), кој началствуваш со небесните (сили) и имаш смелост голема стоејќи пред страшниот престол на славата; се молимеː Со твоите молитви, спаси нѐ од беди и опасности, нас кои сме во неволи.
Стихː Фалете Го, сите ангели Негови, фалете Го, сите војски Негови.
Михаиле архистратиже, ти си првиот меѓу бесплотните ангели, и служител на Онаа светлина, очевидец и тајник; спаси нѐ нас, кои набожно те славиме катагодишно, и верно ја воспеваме (Света) Троица.
Слава, и сега, глас 8ː
Од монахот Јованː
Славен архистратиже, како началник и поборник, и водач на англеите, ослободи нѐ од секаква опасност и невола, болести и тешки гревови, нас кои верно воспеваме и те молиме тебе, кој јасно Го гледаш Невештествениот, и си озаруван од непристапната светлина на славата Господова; зашто Он, човекољубиво, заради нас прими тело од Дева, откако посака да го спаси човештвото.
Тропар, глас 4.
Архистратизи на небесните воинства, ние недостојните постојано ве молимеː со вашите молитви заштитете нѐ, под кровот на крилјата на вашата слава невештествена, пазејќи нѐ нас кои прилежно пред вас се поклонуваме, и кои викамеː Од неволи избавете нѐ, како началници на вишните сили.
Изворː ИЗБОР на месечни и празнични богослужби. Прв том, Септември – јануари (препев и превод од црковнословенски јазик протојереј – ставрофор Јован Таковски).
– Битолаː Преспанско-пелагониска епархија, 2008.
Подготви: Светланка Трајчева