Спасоносниот плач на душата

„Во она време, се случи Исус да оди во градот наречен Наин; и со Него одеа мнозина Негови ученици и многу народ. А кога се приближи до градската порта, ете, изнесуваа мртовец, единствен син на мајка си, а таа беше вдовица; и многу народ од градот одеше со неа.“

И што ако многу народ одеше со неа?

И целиот свет да одел, ниту еден човек или ангел не може да врати во живот мртов човек, т.е. да воскресне човек од мртвите.

Но, сепак има Некој кој може и мртви да воскреснува, па дури и од адот да ги извлече.

Прво, една забелешка:

Понекогаш е добро при толкувањето на Евангелието да се користи и Александриската алегориска школа во комбинација со Македонската аскетско-исихастичка школа.

Така, во оваа евангелие (Лука 7, 11–16), мртовецот го претставува умот на човекот – заробен и умртвен од страстите,

а мајка му е душата човекова;

носилата на кои е положен мртовецот се гревовите, додека пак, носачи се демоните.

Народот, т.е. ангелите сочувствуваат.

Сакајќи да извлечам духовна корист од оваа евангелска парабола, не претендирајќи на единствено можно толкување, ќе речам вака:

мртовецот го носат носачите на носила надвор од градот, т.е. умот е мртов, умртвен од своите страсти лежи во грев, а демоните го носат во правец во кој тие сакаат – надвор од безбедноста на Царството Небесно.

Мајката плаче, т.е. душата сепак плаче и тагува над умот кој нема никаква контрола над страстите и демоните.

Интересна состојба што би ја споредил со состојбата на умот на човек кој се наоѓа во некоја многу тешка зависност.

За оваа духовна состојба добро е да се размисли и да се дискутира:

умот е немоќен да нè извлече од духовното беспатие на кое се наоѓаме, но нашата душа плаче пред Бог поради тоа. Изгледа дека и тогаш имаме надеж.

„Штом ја виде Господ, се сожали на неа, па ѝ рече:

„Не плачи! И кога се приближи, се допре до носилото; носачите застанаа.“

Штом ја виде Господ, се сожали на неа, се приближи (повторно и повторно:

Тој нас прв нѐ возљуби, а не ние Него) и се допре до носилото, т.е. му подари на умот простување на гревовите како исцеление од зависноста.

Во тој момент носачите застанаа, т.е. демоните повеќе не можат слободно да делуваат – кога не се поврзани со страстите.

Богочовекот Христос му рече на мртовецот:

„Момче, тебе ти велам, стани!“

Умот ја добива првата благодат на очистување на неговата енергија, и му се случува првото просветлување, а со тоа добива и власт над гревот – момчето се исправи и седна на носилата.

Воскресението на мртовецот е образ на првото просветлување на умот.

И почна да зборува, а тоа го означува почеток на молитвата.

Единствено постоењето на молитвата во човека е показател дека неговиот ум е жив.

Исус го предаде назад жив единствениот син на мајка му, т.е. душата ја добива назад едната од трите сили, словесната (најважната).

Ако умот, како словесна сила, е жив тогаш лесно ќе ги придвижи и другите две бесловесни сили на душата – волјата и желбата кон добро.

„И страв ги опфати сите, и Го славеа Бог и велеа:

’Голем пророк се јави меѓу нас‘; и: ’Бог го посети Својот народ‘“ – што е нормално.

Господи Исусе Христе, обрати ми се и мене, без личен подвиг и умртвен од страстите, и само поради тагата на мојата душа по Тебе воскресни ме, та да бидам жив за Отецот мој Небесен, а мртов за гревот, во Црквата на Светиот Дух.

Амин!
Пресвета Богородице, спаси нас!

Митрополит Наум

Претходна статијаСвети Мина, испроси мир на светот и голема милост за нашите души!
Следна статијаЗАДУШНИЦА (Tропари мртвени)