Најголема меѓу нив е љубовта
Откако Господ ми даде да ја познаам љубовта Божја преку Светиот Дух, јас ете веќе четириесет години тагувам по народот Божји.
О, браќа, нема ништо подобро од љубовта Божја, кога Господ ја стоплува душата со љубовта спрема Бога и ближниот.
Голема е милоста Господова:
мојата душа Го позна Бога – својот Небесен Отец, и плаче и тагува.
Зошто толку многу Го нажалував Бога?
А Господ ми дава простување на гревовите и радост и веселие, да Го љубам мојот Создател, и да го љубам ближниот, и да плачам за него,
за милостивиот Господ секоја душа да ја земе при Себе, каде што ни приготви место преку Своите страдања на Крстот.
Оној кој ја познал сладоста на Божјата љубов, кога душата стоплена од благодатта Го љуби Бога и ближниот, делумно знае што значат зборовите
„Царството Божјо е внатре во нас” (Лука 17, 21).
Милостив Господи, колку е голема Твојата љубов спрема мене грешниот!
Ти ми даде да те познаам.
Ти ми даде да ја вкусам твојата благодат.
„Вкусете и видете колку е благ Господ” (Пс. 33, 9).
Ти ми даде да ја вкусам Твојата благост и милосрдие, и мојата душа копнее по Тебе дење и ноќе ненаситно.
И не може да го заборави својот возљубен Создател.
Оти Духот Божји ѝ дава сила да Го љуби Љубениот, и душата не знае за ситост, туку копнее по својот Отец Небесен.
Блажена е душата што го возљуби смирението и солзите, и што ги намрази злите помисли.
Блажена е душата што го љуби својот брат, бидејќи нашиот брат е нашиот живот.
Блажена е душата што го љуби братот:
во неа живее Духот Господов, и ѝ дава мир и радост, и таа плаче за сиот свет.
Мојата душа се сети на љубовта Господова, и моето срце се разгоре, и мојата душа му се предаде на длабокиот плач, бидејќи толку многу Го нажалив Господа, мојот Возљубен Создател.
Oн не си спомна за моите гревови.
И тогаш мојата душа му се предаде на најдлабокиот и најжален плач, за Господ да ја помилува секоја душа и да ја земе во Своето Небесно Царство.
И мојата душа плаче за целиот свет.
Не можам а да не зборувам за луѓето што ги љубам до солзи.
Не можам да молчам, затоа што мојата душа секогаш тагува по народот Божји, и со солзи се молам за него.
Не можам а да не ви зборувам, браќа, за милоста Божја и за лукавството на непријателот.
Поминаа четириесет години од времето кога благодатта на Светиот Дух ме научи да го љубам човекот и сета твар, и откако таа ми го откри лукавството на непријателот, кој своето зло во светот го спроведува преку лагата.
Верувајте ми, браќа.
Пишувам пред Лицето на Бога, Кого Го позна мојата душа преку Светиот Дух, заради Неговата голема милост.
Ако душата не Го вкуси Светиот Дух, не може да Го знае Господа, ниту Неговата љубов.
Господ е благ и милостив, но ние не ќе можевме ништо да кажеме за Неговата љубов, освен од Писмото, ако не нè научеше Светиот Дух.
Но ти, брате, не се возмутувај, ако не ја чувствуваш љубовта Божја во себеси, туку размислувај дека Господ е милостив и воздржувај се од грев, и благодатта Божја ќе те научи.