УТРЕНА

Тропар, глас 1.

Пустински жител, и во тело ангел, и чудотворец се покажа, преподобен и богоносен отче наш Прохоре; откако со пост, бдеење и молитва, прими небесни дарови, ги исцелуваш болните и душите на оние што ти приоѓаат со вераː Слава Му на Оној што ти дава крепкост, слава на Оној што те овенча, слава на Оној што преку тебе дава исцеленија.

Седален, глас 1.

Гробот твој, преподобни отче Прохоре, навистина стана извор, кој точи благодат на исцеленија на сите оние што со вера приоѓаат кон гробот на твоите мошти. Затоа ти викамеː Со твоите молитви, дај ни телесно и душевно исцеление.

Седален, глас 5.

Со песни го величаме големиот испосник, зашто ги умртви нападите на страстите; со трајно воздржување и трпение, навистина го посрами непријателот противник, и сета горделивост негова ја порази; и сега моли се за спасение на душите наши.

Седален, глас 8.

Откако ја прими мудроста пастирска, стана столб и основа на монасите, многуславен Прохоре, ги засака Христовите божествени учења, во кои се просветли. Затоа, имајќи ревност за ангелскиот живот, срдечно и непрестајно, деноноќно си го прославувал Бога. Кога прими дар од Него, моли се за нас да им даде прошка на гревовите, на оние што со љубов го почитуваат твојот свет спомен.

По 50-ти псалмː Слава, и сега, стихира, глас 6.

Преподобен отче, проповедта за твоите совршени дела се рашири по целата земја!

Затоа на небесата си примил награда за твоите подвизи, си ги погубил демонските полкови и си ги достигнал ангелските чинови, чиј живот без порок ревносно си го подражавалː Имајќи смелост пред Христа Бога, испроси мир за душите наши.

Канон на светиот, глас 1.

Песна 1.

Ирмосː Кога Израилот се ослободи од горчливото ропство, непреодното море го мина како по суво. Гледајќи го непријателот потопуван, Му пее песни на Бога како Добротвор, Кој прави чуда со својата моќ, зашто се прослави.

Држан и совладуван од тешки и необични болести кутриот јас, Те молам Христе Боже, избави ме од нив, за да можам достојно да го воспеам Твојот угодник – свети Прохор.

Од лутите вознемирувања ослободи ме, отче, та воден од твоите молитви, светло да го воспеам твоето торжество.

Му испеавме достојни похвали на Бога, Кој ни дава исцеление изобилно, преку својот светител Прохор, кого што го просветли, откако го прослави.

Богородиченː Од лутите напади и мноштвото прегрешенија ослободи ме, Владичице, и прошка дај ми, зашто се осмелив да го напишам, со мојата нечиста десница, твоето свето име.

Друга канон, истиот ирмос.

Ирмосː Кога Израилот се ослободи од горчливото ропство, непреодното море го мина како по суво. Гледајќи го непријателот потопуван, Му пее песни на Бога како Добротвор, Кој прави чуда со својата моќ, зашто се прослави.

Незнаејќи како да го исполнам словото на твојата похвала, преподобен отче Прохоре, но величајќи го твојот чесен спомен, ти се моламː Дај ми мисла да те воспеам достојно.

Кога го слушна гласот евангелски, чудесен отче, ревносно побрза да ги исполниш зборовите Господовиː оти, откако го зеде Крстот на рамо, се всели во непреодната пустина.

Славаː Кога стана пустиножител уште од твојата младост, отче, ништо не те најде. Те најде од Бога водениот ловец, кога срна влезе во пештерата. И, кога те виде, престрашен сакаше надвор да побегнеː а ти отче, му се јави и познат му стана, преку твоите зборови.

И сегаː Твојот слуга, кој боледува по душа и тело, исцели го, Владичице, по молитвите на блажениот Прохор, бидејќи сите ние кои сме натажени, те имаме како застапница која Го роди нашето Спасение.

Катавасијаː Ќе ја отворам устата моја, и со Дух ќе се исполни, и збор ќе ѝ кажам на Мајката Царица, и ќе се покажам светло торжествувајќи и, радувајќи се, ќе ги воспеам нејзините чудеса.

Песна 3.

Ирмосː Нека се утврди срцето мое во Твојата волја, Христе Боже, како што Ти самиот го утврди врз водите второто небо и на водите си ја основал земјата, сесилен.
Нека се утврди срцето мое, со молитвите твои, светителу, и мене недостојниот научи ме, достојно да го славам твојот преславен спомен, богоносен отче Прохоре.

Тебе, преподобен отче, Христос те дарува за помош на Своите луѓе, кои се фрлени во големи неволји. Кога сега ги видовме даровите на исцеленија, чудесно се восхитуваме и викамеː Никој не е посвет од Оној што ти ја дал силата.

Кога го прими од Бога дарот пророчки, си кажал дека Диоген ќе биде цар и си му заповедал да оди во градот Константинов. А тој, кога виде дека се исполнија твоите зборови, чудејќи се многу, повикаː Слава Му на Оној што те прослави, светителу.

Кога Диоген беше поставен на царскиот престол, му се јави на сон, Светителу, укорувајќи го поради заборавената облека. А тој, кога се разбуди, чудејќи се, повика кон Христаː Слава Му, Прохоре, на Оној што те прослави.

Сите ние те придобивме за прибежиште и закрила наша, Богородице Дево и, како верни христијани, те славиме непрестајно, Незаневестена.

Друг канон, истиот ирмос.

Ирмосː Нека се утврди срцето мое во Твојата волја, Христе Боже, како што Ти самиот го утврди врз водите второто небо и на водите си ја основал земјата, сесилен.

Да нѐ утврдиш, богомудри, против бесплотните врази, за да ги прогонуваме, да го величаме твојот спомен, и да Го славиме Христа, Кој тебе те прослави, отче наш Прохоре.

Разгорен од ревност набожна, царот стана и дојде во жеглинската пустина, каде што изгради храм на свети Георгиј, сакајќи да ти направи живеалиште, оти не знаеше дека нема таму да престојуваш, светителу.

Славаː А ти пак му се јави на Диогена, јавувајќи му, твоето пречесно тело да го побара во козјачката пустина, преподобни.

И сегаː Поведи ме по патот на покајанието, оти Го разгневив преблагиот Господ, неискусобрачна и благословена Марие, како прибежиште на луѓето очајни, бидејќи си Божјо живеалиште.

Седален, глас 1.

Мудро испитан во воздржување, како злато во огнена печка, се покажа уште посветол, преподобен Прохоре. Затоа премина во Небесното царство. Поради ова, со вера славејќи те, викамеː Отче, испроси за нас благодат, милост и очистување на нашите гревови.

Слава, и сега, богородиченː

Прими ги молитвите на твоите слуги, Богородице, застапнице наша и прибежиште; оти, кому да прибегнеме, освен при тебе, Владичицеː ти си нашиот покров и застапница. И сега не оставај нѐ до крај да изгинеме, со твоите молитви од неволи да се запазиме, зашто нашата надеж ја положивме на тебе, Богородице.

Песна 4.

Ирмосː Ја разбрав, Сесилен, Твојата промисла, и со страв Те прославив, Спасителу.

Го разбрав моето недостоинство, преподобни, и со страв ја почнав твојата пофалба. Но ти, светителу, прими ја со вера принесената ти пофалба, како двете лепти на бедната (жена), сефален отче Прохоре.

Кога царот разбра дека си во далечната пустина, побрза да те побара и, кога стигна до врвот на пустината, од срце кон Бога повикаː откриј ни го, Господи, Прохора кој Тебе Те прослави.

Ги разбра подмолностите на лукавиот, отче преподобен, и него до крај храбро го победи. Нас, пак, денес покрени нѐ на молитва, со вера да го величаме твојот спомен, преблажен Прохоре.

Богородиченː Си го разбрала, Владичице, воплотениот од тебе – Христа нашиот Бог. Него моли Го, богоблажена, со твоите молитви да нѐ запази од секаков напад на лажливецот.

Друг канон, истиот ирмос.

Ирмосː Ја разбрав, Сесилен, Твојата промисла, и со страв Те прославив, Спасителу.

Душата твоја, отче, се јави како голем орел над пештерата, каде што постеше многу години. Војниците што те бараа, видоа и на царот му јавија. А тој, кога дојде, ги најде твоите пречесни мошти и радосен викашеː Радувај се, отче, пустинска убавино и новозапален светилнику.

Откако ангелски поживеа на земјата, достојно прими чест рамноангелска. Стоејќи пред Бога со сите ангели, не престанувај да се молиш за сите нас, преподобни.

Славаː Големата љубов што царот ја имаше кон тебе, преподобни, сакаше со слава да го пренесе твоето свето тело во царскиот град на Константина (Цариград). Но бидејќи тоа остана неподвижно, тој ја разбра твојата волја и заповеди, на местото каде што беше најдено, да биде подигнат прекрасен храм, во кој и ние денеска, празнувајќи торжествено, те славиме тебе, отче Прохоре.

И сега, богородиченː Покрив и застапништво и прибежиште биди ми мене – твојот слуга, Дево, и исцели ме од безвремените зла, за да те воспевам, Пречиста, славејќи го твоето рождество.

Песна 5.

Ирмосː Од ноќта поранувајќи Те воспеваме, Христе Боже, Кој заради нас осиромаши и крст и смрт телесно претрпе.

Просветлен со божествената светлина, сега, отче, престојуваш со ангелите. Со твоите молитви спасувај ги секогаш оние што го слават твојот спомен, и со радост пеатː Да Му пееме на нашиот Господ, зашто се прослави.

Имајќи мудрост Божја, отче, си го оставил земното зарди небесното, непрестајно олеснуван со воздржување.

Си ги раскинал оковите на природата, со натприродниот чист живот, богоносен Прохоре, и си ја примил небесната награда.

Богородиченː Синот твој нѐ изведе од ноќта на подземниот ад, Дево Пречиста, и жители на рајот пак нѐ направи. Поради ова, Нему поклонувајќи Му се, Тебе Дево, те славиме.

Друг канон, истиот ирмос.

Ирмосː Од ноќта поранувајќи Те воспеваме, Христе Боже, Кој заради нас осиромаши и крст и смрт телесно претрпе.

Од младоста побрза чист да го запазиш твојот живот, преподобни, затоа Светиот Дух, кога ја виде твојата чистота, се всели во тебе.

Бидејќи го презре гнилежното, отче, се удостои да го примиш вечното, според нелажните зборовиː Барајте и ќе примите. Поради ова, тоа што си го барал и си го примил, според заслугата.

Славаː Местото што се удостои да ги прими твоите чесни мошти, преподобен, се освети, и на многу страни е прославувано, затоа што во себе ги има твоите свети мошти.

Богородиченː Не престанувај да Го молиш Оној што си Го родила, Богоневесто, како Спасител и Господ да ми даде разрешување од маките и олеснување од болките, та да примам прошка, со песни славејќи те во вековите.

Песна 6.

Ирмосː Си ме отфрлил од бездната на срцето морско, и си ме спасил од ропството на смртта и си ги раскинал врските на моите беззаконија.

Фрлен сум далеку во очајание, јас многустрасниот, но ти, светителу, изведи ме на патот на покајанието, за да ги отфрлам сите мои лоши дела, и да се облечам во светлината на твоите молитви, кој си достоен за блаженство.

Кога ги исполни зборовите Иисусови, отче, со твојата молитва го скрши до крај врагот што се јави во лик на змија, кој сакаше да те престраши, и го уништи сето дејство негово.

Обилно исцеление им даваш, отче, на оние што со вера и љубов приоѓаат и набожно пред твојот гроб се поклонуваат. Затоа те молиме, не одвраќај го од нас твоето лице, но со твоите молитви, за твојата грижа удостој нѐ.

Богородиченː Без да искусиш маж, Дево, од својата девствена крв си го зачнала заради нас воплотеното Слово, неограничено по природа Божество, што надминува секој збор, закон и природа.

Друг канон, истиот ирмос.

Ирмосː Си ме отфрлил од бездната на срцето морско, и си ме спасил од ропството на смртта и си ги раскинал врските на моите беззаконија.

Од длабочината на срцето мое ти се молам, отче, со мирисот на твоите молитви огради ме, та, откако ќе се ослободам од мноштвото мои лоши дела и малодушност, со песни да те прославам, блажени.

Откако твојот ум го запази слободен од страстите, стана свештен сад за Светиот Дух и, кога Го прими Христа во срцето свое, се покажа чудотворец прогонувајќи демони. Поради ова, моли се да се избавиме од ѓаволските замки, со твоите молитви, светителу.

Славаː Откако го возљуби монашкиот живот, блажени, ти си бил пример за монасите, преподобни, и пустината ти беше како град, украсувајќи ја со свети молитви.

И сега, богородиченː Создателот Адамов од твојата чиста крв се гради, и со млеко се храни Оној Кој сѐ што дише го храни, Дево Богородице. Затоа како Мајка Божја те славиме.

Кондак глас 4.

Храбро си извојувал голема победа; затоа разгорен со љубов божествена, си го презрел распадливиот цар и секоја убавина, кога се насели во Козјак планина. Од неа, пак, се вознесе на небесата при Царот над царевите, Прохоре. За сите нас моли се непрестајно.

Икос: Кога се оддалечи од овчеполското село, се всели во пустината, каде што влезе во пештера. Покажувајќи им го на сите суровиот живот, си восхитил многу жители; поради ова од Христа прими дар за чудеса. Спомнувај нè нас кои го чествуваме твојот спомен, за да ти пееме: Радувај се, отче наш, Прохоре.

Песна 7.

Ирмосː Благословен си, Боже на нашите татковци, Кој во капината се јави во вид на оган, и во неа ги претскажа Законоподавецот и раѓањето на Дева.

Светилник пресветол на Македонија се покажа, отче Прохоре, приведувајќи нѐ кон богопознание, преку Трисолнечната светлина, и учејќи нѐ да пеемеː Благословен си, Боже на нашите татковци.

Со вишната сила на Божјата помош ги победи непријателите, и беше победител, ти кој викашː Највоспеан Господи, Боже на татковците наши, благословен си.

Се покажа како река која ни точи различни исцеленија и со благопријатното миро од твојот гроб нѐ повикуваш да пеемеː Благословен си, Боже на нашите татковци.

Твојот чесен гроб, преподобни, преизобилувајќи со благодат, точи чудеса и здравје им дава на оние што приоѓаат со вера, и кои од душа на Христа Му пеатː Благословен си, Боже на нашите татковци.

Богородиченː Облак разумен те именуваме, Сенепорочна, зашто од тебе засветли Христос, и те покажа поширока од небесата. Него, пак, без маж си Го родила, Пречиста, воплотен поради Неговото неискажливо милосрдие.

Другиот канон, истиот ирмос.

Ирмосː Благословен си, Боже на нашите татковци, Кој во капината се јави во вид на оган, и во неа ги претскажа Законоподавецот и раѓањето на Дева.

Славејќи го твојот пречист спомен, богоносни, моли Го единствениот добротвор да биде милостив; та, откако ќе се удостоиме за прошка, да повикамеː Сите дела Господови, благословете го Господа.

Кога душата си ја ранил со добродетелни убавини, си бил красен по добрина. На Господа Му пееш, радувајќи се и викајќиː Највоспеан Господи, Боже на татковците наши, благословен си.

Славаː Огинот на моите страсти, отче, изгасни го со росата на твоите молитви, та откако ќе добијам ослободување, со песни да те прославам, пеејќиː Благословен си, Господи, Боже на нашите татковци.

И сега, богородиченː Сите ние грешни, те имаме тебе за застапница, о Пресвета Дево, зашто ти, со твоите мајчински молитви, твојот Син бргу кон нас го одоброволи.

Песна 8.

Ирмосː Песна Тебе Ти принесуваме на бесплотните (сили), како момчињата во печката, и пеејќи велимеː Сите дела на Господа, благословувајте Го Господа.

Откако се удостои да го најдеш Царството небесно, вишниот град Божји – рајот, насладата на праведните и несоздадената храна, богатството кое не може да биде украдено и незаодната светлина, преподобни, ти пеешː Сите дела Господови, благословете Го Господа.

Уста разумна ми даруваш, Слово беспочетно, да го воспевам Твојот угодник Прохор, зашто имаш неизмерно богатство на милосрдие, Христе мој – бездната на Твоите судови; та, откако ќе се очистам од душевниот мрак, тргни од мојот ум секаква нечистотија, за да ти пеамː Сите дела Господови, благословете Го Господа.

Песна ти принесувам, богоносен отче Прохоре, со која ги проповедам твоите подвизи и чудеса, и го прославувам твоето величие, викајќиː Сите дела Господови, благословете Го Господа.

Богородиченː Откако ги надмина законите на природата, со твоето божествено зачнување, Дево, натприродно Го роди Бога, поради што викамеː Благословен си, Господи, Боже во вековите.

Другиот канон, истиот ирмос.

Ирмосː Песна Тебе Ти принесуваме на бесплотните (сили), како момчињата во печката, и пеејќи велимеː Сите дела на Господа, благословувајте Го Господа.

Одејќи на колата од твоите добродетели, отче преподобен, се всели во пресветлата палата и во храмот небесен, каде што престојуваш, светителу, и со ангелите, ликувајќи, пеешː Благословен си Господи, Боже на нашите татковци.

Ти минуваше чесен и свет живот, боговдахновени. Се покажа како сигурна ризница, скриена доброта, боговиден украс, викајќиː Благословен си во вековите.

Си ги совладал ѕверските напади на злоначалниот враг, и си примил чест победничка, многучудесен отче, пеејќиː Благословен си Господи, Боже на нашите татковци.

Богородиченː Умртви ги страстите на мојата душа, Сенепорочна, која неискажливо Го роди Животот на сите, и мојот збунет ум смири го, Богородице.

Песна 9.

Ирмосː Изворот што го прими Животот и постојано тече, светлоносниот светилник на благодатта, духовниот храм, пречистата сенка, поширока од небото и земјата – Богородица – ние верните да ја величаме.

Внимавајќи очите да ти бидат вперени кон Бога непрестајно, откако прими зраци, како огледало им испраќаш неизгаслива светлина на оние што пеатː Пејте Му на Господа, дела, и превознесете Го во сите векови.

Твоето срце го направи храм на Света Троица; затоа на монасите си им ја дал потребната грижа, Богоносен (отче) кој викашː Благословен си во храмот на Твојата слава, Господи.

Исполнет со духовни дарови, лекуваш болни, го запираш горењето на душата, прогонуваш лукави (демони), и на сите во жалостите им помагаш, многучудесен (отче).

Богородиченː Песни и пофалби, исплетени од болезливата моја душа, со љубов ти принесевум тебе, која Го роди Христа, Кој е Бог по природа; та, откако благопријатно ќе ги примиш нашите молби, Богородице, исплони ги и, со твоите молитви, и мене недостојниот запази ме.

Другиот канон, истиот ирмос.

Ирмосː Изворот што го прими Животот и постојано тече, светлоносниот светилник на благодатта, духовниот храм, пречистата сенка, поширока од небото и земјата – Богородица – ние верните да ја величаме.

Со добродетелно одење, висок по живот се покажа. Сега на тебе чудо големо се гледаː како твоето тело и по смртта се запази нераспадливо, и од него се излева благомирисно миро, за лекување на болестите наши! Ние, пак, упатувајќи ти песни, пеемеː Сите дела Господови, благословете Го Господа.

Во бездната гревовна сум потонат, преподобни! Поради ова, од срце те молам, блажениː Со твоите топли молитви да ми дадеш избавување, мене којшто те воспевам со песни.

Иако не можев, како што прилега, да ти испеам песна угодна, отче Прохоре, но ти, светителу, прими го ова мое мало и бедно молење, и сметај го за големо; и кога стоиш со ангелите пред престолот на Господа, и мене недостојниот спомнувај ме, та, откако ќе ги избегнам замките на лукавиот, да бидам наследник на царството, и со сите праведници да запеамː Пејте Му на Господа и превозносете Го во сите векови.

Богомудри отче, си Го благословил Бога – Кој е еден по Божество, познаван во Три Лица, пеан во Три Ипостаси и, пеејќи, си викалː Пејте Му на Господа, и превозносете Го во сите векови.

Богородиченː Со песни непрестајни те славиме тебе, Богородице Дево, Која во својата утроба прими Еден од Троица, и во своите божествени раце Го носеше предвечното Слово, непретворливо и неизменливо.

Светилен.

Отче, ти процвета како феникс, и како голем кедар во козјачката пустина, и се јавикако храм на Пресветиот Дух, Кој те покажа славен во вселената. Него непрестајно моли Го, за нас кои со вера го почитуваме твојот пречесен спомен, преподобен Прохоре.

Изворː ИЗБОР на месечни и празнични богослужби. Прв том, Септември – јануари (препев и превод од црковнословенски јазик протојереј – ставрофор Јован Таковски).

– Битолаː Преспанско-пелагониска епархија, 2008.

Подготви: Светланка Трајчева

Претходна статијаЗарем сакате некој да ви мисли лошо? (Дедо Наум)
Следна статијаЗАДАЧА НА ЕПИСКОПОТ – помирување – Дедо Наум