Пасивна социопатија
Беспричинско творење на зло со збор и на дело, а проследено од бесчувствителност, е најпрепознатливиот белег на луѓето со растројство на Божествениот лик во себе, т.е. со растројство на личноста.
Таквите лица се општопознати како психопати и социопати.
Но, се појавува поголема опасност и од ваквото активно растројство на личноста, а тоа е пасивната социопатија.
Што, накратко, значи пасивна социопатија?
Тоа е кога човек активно не прави никакво зло никому, но истовремено е бесчувствителен за страдањето на луѓето околу себе и за сите останати за кои слуша дека многу страдаат; и истовремено не помага никому.
Пасивната социопатија е пандемијата на новото време.
Ама баш нема човек кој, помалку или повеќе, не е зафатен од оваа болест.
Јас би ја класифицирал според концептот дискаунт матрица – како највисоко ниво на дискаунт, односно игнорирање како заштитен психолошки механизам кој, од друга страна, всушност е потиснување; а тоа, пак, е сигурна основа за други психосоматски болести – само прашање е на време кога ќе се појават.
Добрата вест не е вест.
Модерниот човек е просто нападнат од информации, преку електронските медиуми, за многу и најразновидни несреќи, најчесто со смртни последици, а тој, нема ни време, ни знаење како тоа да го процесуира во себе, без притоа да претрпи поголеми негативни последици.
Бесчувствителноста е една од лошите последици, која кај модерниот човек, поради ваквиот начин на информирање, се профилира како пасивна социопатија.
Но, вината не е само на страна на медиумите, оти и тие се однесуваат согласно потребите на пазарот.
Секој од нас мора и самиот да се запраша зошто повеќе го интересираат лошите вести, отколку добрите?
А, јасно е дека тоа се случува поради страстите што сѐ уште живеат во нас, а пред сѐ, самољубието.
Што, пак, да кажам за оние што шират зло по социјалните мрежи…
Исто така, на пример, не треба да гледаме и филмски проекции и информативни емисии кои содржат насилство, затоа што несвесно ја зафаќаме ко божем страната на „доброто“, а последицата е повторно иста – пасивна социопатија.
Истото се случува и кога безрасудно ги прифаќаме колективните несвесни шеми и ја заземаме личната, семејната, политичката, националната, „црковната“ и која било друга страна, наместо Христовата. Итн., итн.
Единствен лек против оваа модерна пандемија е, пред сѐ, молитвата за целиот свет.
Времето е такво што сите треба да се префрлиме на постојана молитва за цел свет, и тоа треба да ни биде единствената идеја секогаш кога ќе застанеме на молитва;
и тоа, со молитва за секоја поединечно чуена несреќа.
Само тогаш нашата молитва ќе добие сериозност и покајание.
Само таква молитва Бог слуша.
Само на тој начин ќе развиеме лична сострадалност.
Кога застануваме на молитва со свесноста дека Христос ни е покајание и сѐ, тогаш сериозноста и покајанието произлегуваат од таа свесност, а кога се молиме за целиот свет, а посебно за оние кои конкретно страдаат, тогаш сериозноста, покајанието и концентрацијата ни доаѓаат, покрај од Богочовекот Христос, и некако природно, од нашата човечност – што е најдобра варијанта.
Исто така, битна е и конкретната помош на дело.
Сум ви напишал, ако меѓу две одења во црква не сте нашле некого да му помогнете, според своите сили, конкретно – а сте можеле, немојте ни да се причестувате со Телото и Крвта Христови.