Дејството на Божјата благодат ја осенува душата по мерата на верата кај секого.
Меѓутоа, иако душата добива помош одозгора, благодатта го посетува делумно.
Немој да мислиш дека (кому било) му е осветлена целата душа, затоа што во неа сѐ уште останува големо пасиште за злобата.
За да се очисти, на човекот му е потребен уште поголем труд и напор, кој е согласен со благодатта што делува во него.
Иако и во еден миг може да биде очистен човекот, и да биде направен совршен, Божјата благодат почнува постепено да ја проветлува душата со цел да ја испита човечката настроеност, односно дали целосно Го љуби Бога, дали постојано го избегнува лукавиот и дали потполно ѝ се предава на благодатта.
На тој начин, со текот на времето и многу години, душата станува искусна.
Тогаш самата небесна благодат завладува со пасиштето на душата, пушта корења во нејзините најдлабоки делови и помисли, сѐ додека целосно не ја преземе и не се зацари во неа.
Меѓутоа многу биле доведени во заблуда поради самото дејство на благодатта, мислејќи дека достигнале совршенство, велејќи:
„Доволно ни е. Повеќе не ни е потребно“.
Но, Господ е бесконечен и недостижен.
Христијаните не смеат да кажат дека здобиле совршенство, туку треба да се смируваат деноноќно.
Душата поседува многу делови и голема длабочина.
Влегувајќи во неа, гревот завладеал со сите нејзини делови и пасиштата на срцето. Меѓутоа, благодатта која доаѓа на барање на човекот, завладува над, може да се рече, два дела од душата, а неискусниот, тешен од благодатта, мисли дека таа ги зазела сите нејзини состави и дека гревот е искоренет.
Но, поголемиот дел од душата е во власт на гревот, а само неколку делови се под благодатта. И човекот е измамен, иако не е ни свесен за тоа.
И болниот има некои здрави делови, како на пример, окото, иако останатите му болуваат. Така е и во духовното.
Некој може да има три здрави духовни делови, а сепак да не е совршен.
Гледаш ли колку духовни степени и мери има, и како постепено, а не одеднаш, се искоренува и чисти злото.
Зачнатото во мајчината утроба веднаш не станува човек, туку постепено прима човечки облик.
Исто така, детето не се раѓа во совршен облик, туку потребно е многу години да расте за да стане човек.
И семето од јачмен или пченица, штом ќе биде фрлено на земјата, веднаш не оживува, туку после зимата.
Во одредено време, пак, тоа пушта стебло. И оној што сади круша нема веднаш да бере плодови.
Исто е и во духовниот живот, каде има огромна мудрост и таинственост.
Човекот постепено духовно расте и станува совршен човек, достигнувајќи ја според растот Христовата полнота.
Значи, не е точно, она што некои го тврдат, имено, дека духовниот напредок е исто што и соблекување или облекување облека.
Како што пчелата тајно прави восок во кошницата, така и благодатта тајно ја спроведува својата љубов во срцата, претворајќи ја горчината во благост, и суровоста во сладост.
Како што кујунџијата или копаничарот потепено изобразуваат разни животински ликови, така и вистинскиот Уметник работи во нашите срца и тајно ги обновува, сѐ додека не се преселиме од телото.