Достојно е навистина Блажена, Тебе да Те нарекуваме, Богородице! 

Божествената Литургија ја принесуваме за сите свети, а особено за Пресветата Богородица. Како прво за да им укажеме чест, а второ, да Му се заблагодариме на Бога што ни ги подари да се застапуваат за нашето спасение.

Сите светители, а особено Богородица, е Самата по Себе човечко благодарење на Бога за Неговите добрини. Заради тоа на Неа особено Ѝ укажуваме чест и Ја нарекуваме Блажена.

Владетелката Богородица претставува врвно Создание на Божјата љубов.

Таа претставува исклучително и крајно совршено Божествено исполнување на созданието со Божјата Премудрост.

Пресвета Богородица „е единствена, Таа самата е граница помеѓу создадената и несоздадената природа.

Никој не може да Му се приближи на Бога, освен и единствено преку Неа и Застапникот Кој е роден од Неа.

И ниту еден од Божјите дарови не може да се даде ни на ангелите, ни на луѓето, освен и единствено преку Неа“ (Св. Григориј Палама).

Значи, со право се вознесува заедничка пофална песна од ангелите и луѓето и Таа праведно, и на небото и на земјата, се величи во песни.

Тоа ни го открива и химната Достојно е… упатена кон Богомајката, која се пее токму во овој свет час. Нејзиниот прв дел е плод на видението на архангелот Гаврил од страна на еден светогорски монах.

Архангелот тогаш за првпат ја запеал, заедно со веќе познатиот ирмос Почесна од Херувимите…

Достојно е и праведно Тебе да Ти пееме… изговарале литургот и верниот народ, заедно обраќајќи Му се на Бог Отецот.

Достојно е навистина Блажена, Тебе да Те нарекуваме, Богородице, пеат верните, обраќајќи Ѝ се на Пресветата Богородица.

Бидејќи Таа е „после Бога, единствена Божествена и втора по преемство после Света Троица“ (Богородичен, гл. 1, недела, Вечерна, Изобразителна).

Ангелите и луѓето се соединуваат во единствен заеднички хор за да Ја величаат Вистинската Богородица.

Многубројни имиња Ѝ придаваме на Пресветата Богородица, но првото од нив е Богородица и така Ја именуваме, бидејќи „тоа име во себе ја содржи целокупната Тајна на Божествениот домострој.

Зашто ако Таа, Која родила, е Богородица, тогаш секако, Бог е Оној Кој е роден од Неа; меѓутоа, секако дека е и човек.

Затоа што, како на друг начин, би можел да биде роден Бог од жена, Кој предвечно постои, а да не станал човек?“ (Св. Јован Дамаскин).

Давајќи Ѝ на Пресветата име Богородица, истовремено ја исповедаме и Тајната за Христос, која се извршува на Божествената Литургија.

Јеромонах Григориј Светогорец

Претходна статијаСвети Кирил, архиепископ Александриски ( Tој ја составил „Богородице Дево, радувај се!)
Следна статијаМРТВА ВЕРА ИЛИ ВЕРА СО ДЕЛА? (Кој од овие двајца е помил на Бога?)