Недела на Светите отци на Првиот Вселенски собор

„А животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе, Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исус Христoс.“

 

Познанието на Бог не е вера, не е фантазија, не е размислување, не е идеја, не е читање, не е интелектуално знаење, не е световно образование, не е добро воспитување, не е обичај, итн.

И се фаќа човек самиот себе како одречно толкува чисто потврдна појава – нешто што е достапно и може од опит да се познае. Арно ама, го нема опитот – па затоа така.

Познанието на Бог во Православната Црква значи благодатен опит на Бог во очистеното срце, преку православен духовен живот под надзор и во послушание на духовен отец, пројавено како умно-срдечна молитва и освестено од просветлениот ум. Само такво познание на Бог сигурно значи и живот вечен.

Од денешното евангелско четиво (Јован 17, 1–13) посебно внимание ќе обрнеме на следниот пасус:

„Сега разбраа дека сè што си Ми дал е од Тебе; зашто зборовите што си Ми ги дал, им ги предадов, и тие ги примија и разбраа навистина оти од Тебе сум излегол, и поверуваа дека Ти си Ме пратил“.

Во зборовите примија, разбраа и поверуваа можеме да го забележиме описот на трите степени од духовниот развој:

очистување на срцето од страстите,

просветлување на умот – со дарот на умно-срдечната молитва, и обожение.

Примија ја означува – самата пракса при очистувањето на срцето од страстите. Оти, по што друго можеш да познаеш дека некој ги примил твоите зборови, ако не по послушанието во нивното извршување?

Да разбереш, односно да сфатиш – во духовно православна смисла, го означува просветлувањето на умот – со дарот на умно-срдечната молитва.

Оти, какво е тоа сфаќање и разбирање без просветленост на умот?

Обично субјективно гледиште, кое може да биде и многу ретроградно и разградувачко во црковната заедница; и насекаде.

Просветлувањето на умот може да се случи само ако успееме енергијата на нашиот ум – расеана преку сетилата, молитвено да ја собереме и соединиме со нејзината суштина во срцето и во Бог.

Затоа и велиме: просветлување – со дарот на аскетската умно-срдечна молитва.

Зборот поверуваа, посебно на степенот од обожение, е исто што и познаа;

затоа што она што го поминуваш на дело, од опит го знаеш и познаваш, а во новиот хоризонт што се отворил пред тебе – кој го гледаш а уште не си го достигнал, почнуваш да веруваш.

Зборовите прослави Ме се кажани и напишани исклучиво за наша поука и за наше спасение, како и многу други евангелски зборови на Богочовекот Христос, а не за некоја Негова потреба.

Со што повеќе да биде прославен едносушниот Син на Отецот Кој од моментот на воплотувањето во Себе ја носи сета Божествена слава и телесно?

„Јас Те прославив на Земјата; го извршив делото, што си Ми го дал да го извршам.“

Со кое дело Богочовекот Христос Го прослави Својот Отец Небесен, ако не со Воскресението од мртвите?

Откако е светот и човекот, нема ништо ново освен победата над смртта преку Воскресението на нашиот Господ Исус Христос. Ниту ќе има.

А, зборовите запази ги во Твоето име подобро се сфаќаат во контекст на зборовите Јас ги пазев во Твое име.

Гледате, Богочовекот Христос – во ништо помал од Својот Отец, целата слава Му ја оддава на Отецот; и ова е неискажливо.

А, зборовите да бидат едно како што сме и Ние, иако искажливи, нема да ги толкувам – јасни ни се отприлика, ама далеку сме ние од тоа.

Пресвета Богородице, спаси нè!

Митрополит Струмички Наум

Претходна статијаСВЕТИТЕЛОТ – АРХЕТИП НА ПРАВОСЛАВИЕТО
Следна статијаПЕДЕСЕТНИЦА – Роденденот на Црквата! (Го славиме најголемото чудо на овој свет!)