Утрената на Великиот петок обично се служи во четврток навечер.
Главната особеност на оваа служба е читање на така виканите Дванаесет Евангелија, т.е. дванаесет евангелски делови, кои раскажуваат за Христовите страдања и се сместени меѓу разни делови од службата.
Првото и најдолгото од нив е евангелието од Јована, во кое Господ се открива себеси како пат, вистина и живот, како драгоцен дар на Божјата Љубов, која ги соединува луѓето со Него и еден со друг.
Нема поголема љубов од таа, кога некој ќе ја положи душата своја за своите пријатели. И целиот разговор на Христа со апостолите е обележен со радоста од спасувањето и искупувањето среде мракот и тагата на светот:
Во светот ќе имате неволји, но бидете храбри зашто Јас го победив светот.
Ова евангелско читање се завршува со така наречената Првосвештеничка молитва, која ни ја објавува целата смисла на доаѓањето на Спасителот:
…Не се молам само за нив, туку и за оние што ќе поверуваат во Мене поради нивните зборови, за сите да бидат едно, како што си Ти Оче во Мене, и Јас во Тебе, така и плие да се едно во Нас…
Читањето на Страдањата Господови се завршува со приказот за запечатување на гробот и поставувањето на стража, од Евангелието на Матеја.
Во Великиот петок, кога Спасителот умре на крстот, Божествената Литургија не се извршува, но на Часовните служби, во петок наутро, повторно се чита Евангелието за Неговите страдања.
Вечерната на Велики петок, Изнесувањето на Плаштаницата е посветена на погребувањето на Спасителот и се извршува обично во средината на денот, но по својата смисла таа веќе се однесува на Великата сабота и како да станува нејзина прва служба.
Пред нејзиниот почеток, во средината на Црквата, се поставува гроб, украсен со цвеќа, а на престолот се сместува Плаштаницата на која е нацртан или навезан ликот на Спасителот положен во гроб.
Вечерните песнопеења се посветени на страдањата и смртта Христови.
По влегувањето со Евангелието и пеењето Свете тихи се читаат делови од Книгите на Излезот, на Јов и 52. глава од Книгата на пророкот Исаија.
Од Апостолот се чита првото Послание до Коринтјаните и Евангелието повторно составено од четирите прикази за Христовата смрт и погребување. Прокимените и Алилуиите се позајмени од пророчките псалми што веќе сме гислушале порано.
Ги разделија меѓу себе алиштата мои и за облеката моја фрлија жрепка (Пс. 21, 18). Боже, Боже мој, зошто ме остави? (Пс. 21,1)
Ме ставија во јама најдолна, во мрак и во бездна (Пс. 87, 6).
По додатните песнопеења за Христовата смрт, додека се пее молитвата на св. Симеон Богопримец, свештеникот се облекува во полно облечение (најтемно) и ја кади Плаштаницата која се уште се наоѓа на престолот.
Потоа, по Отче наш, кога се пее тропарот, тој ја подига Плаштаницата над главата, го обиколува престолот, излегува на средината на црквата и ја сместува врз гробот.
Благообразниот Јосиф, откако го симна од крстот Твоето Тело, го обви со чиста плаштаница, го помаза со мириси и во нов гроб го положи (Тропар на Велика сабота) Во некои цркви по Вечерната се пее Повечерието или така нареченото Оплакување на Пресвета Богородица.