Св. Теофан Затворник: ОСУДУВАЊЕТО

Не судете, да не ви се суди (Мт. 7, 1).

 

Каква е тоа болест – осудувањето!

Сите знаат дека е во прашање грев, но во нашите зборови ништо не е повообичаено од осудување.

Некој ќе се огради: „да не ми го смета Господ за осудување“, но своето осудување сепак ќе го доведе до крај.

Друг се оправдува со тоа што разумниот човек треба да има свој поглед на настаните што се случуваат и дека се труди во судовите да проценува ладнокрвно; но дури и просто уво не може во неговите зборови да не забележи присуство на злонамерно осудување.

Меѓутоа, ставот Господов кон тој грев строг е и одлучен. Оној кој осудува други, нема оправдување.

Што да се   прави?  Како да се избегне несреќата?

Клучното средство против осудувањето се состои во следното:

самиот себе да се сметаш за осуден.

Кој себеси се смета за таков, никогаш нема да им суди на другите.

Неговите зборови ќе бидат: „Господи, помилуј!

Господи, прости ми ги моите гревови!“

… Да би се избавиле од гревот на осудување, треба да задобиеме милостиво срце.

Милостиво срце – тоа не е само да не се осуди тогаш кога ќе ни се причини дека постои нарушување на законите, туку ни тогаш кога (нарушувањето) е сосема очигледно.

Наместо со суд, таквото срце се исполнува со сожалување, и побргу би било спремно да заплаче, отколку да прекорува.

Гревот на осудување е навистина плод на немилостиво, злонамерно срце, кое пронаоѓа наслада во понижувањето на ближниот,

во оцрнувањето на неговото име,

во газењето на неговата чест.

Тоа е човекоубиствено дело и се извршува по духот на оној кој е човекоубиец од искона.

Во него има и многу клеветништва, кои потекнуваат од истиот извор;

зашто ѓаволот и е ѓавол затоа што клевети и шири клевети на сите страни.

Побрзај да разбудиш во себе сожалување секогаш кога ќе се појави зол повик за осудуваање.

Со жалостиво срце обрати Му се на Господа, молејќи Го сите да нè помилува – не само оној кого што сме сакале да го осудиме,

туку и нас самите, па можеби и повеќе нас отколку него; така злобниот повик ќе замре.

… Не треба да донесуваме суд за нашите браќа дури ни кога се во прашање нивните очигледни гревови; зашто не знаеме што им се случува во срцето.

Додека по нашиот суд заслужуваат не знам каква небесна казна,

тие можеби со своето покајание и скрушеност гневот Божји веќе го промениле во милост!

Осудувањето навистина е навика од која е тешко да се одвикнеме.

Свесни виновници, секој пат осудувајте се и кајте се пред Господа;

а што се однесува на другите кои грешат, навикнувајте се да ги жалите и да се молите за нив на Бога; Бог ќе даде, па ќе се навикнете да не осудувате.

… Гревот на осудување е навистина плод на немилостиво, злонамерно срце, кое пронаоѓа наслада во понижувањето на ближниот,

во оцрнувањето на неговото име, во газењето на неговата чест.

Треба сепак да се разликува просудувањето од осудувањето.

Гревот почнува кога во срцето ќе се зачне презир кон некого, заради било што.

А може просто и да се суди, без никаква пресуда кон оној кому се суди. Ако при тоа во срцето има постојано сожалување кон него, ако би му се посакувало да се поправи и ако би постоела молитва за тоа, тогаш тука нема да има грев на осудување, туку ќе се направи дело на љубовта, кое во тој случај е можно.

Гревот на осудување е повеќе во срцето отколку на јазикот.

… Но подобро е на секој начин да се воздржуваме од судење, како не би паднале во осудување… и што побрзо да се преминува на осудување и укорување на самите себе.

Потрудете се да пресечете… околу занимавањето со пресудите.

Сами не започнувајте, а ако почне некој друг – заќутете, молејќи Му се на Господа во срцето.

Осудувањето не се извршува само со зборови, туку и во внатрешните движења на срцето. Тоа веќе постоии кога душата за некого ќе помисли неблагонаклоно.

Осудувањето се раѓа од самозадоволство и го храни самозадоволството.

И едното и другото покажуваат дека егоизмот е жив и јак..

.

… Скоро никој и не помислува на тоа, дали со своите дела или зборови ќе ги соблазне оние кои го опкружуваат.

Два грева, големи во очите Божји, луѓето ги сметаат за неважни:

соблазната и осудувањето.

За оној кој соблазнува, по зборовите Господови, подобро е да не живее;

оној што осудува, веќе е осуден.

Но ни едниот ни другиот на тоа помислуваат, и дури не можат ни да кажат дали се грешни во нешто такво.

Со каква всушност заслепеност сме опкружени и како безгрижно одиме среде смртта!

…. Осудувањето тешко се простува, зашто тешко и се чувствува дека претставвува грев.

Не судете и секогаш Бога барајте го за свој заштитник.

Да не би осудувале други, треба длабоко да ја почувствуваме

сопствената грешност,

да тагуваме над неа и да ја оплакуваме душата како да е мртва.

Некој рекол: кога имаш свој мртовец во куќата, нема да се грижиш за мртовците во соседството.

Од оној кој осудува, се оддалечува милоста Божја.

Оној кој осудува самиот себеси си е непријател.