КРСТОПОКЛОНА НЕДЕЛА

„Ако некој сака да оди по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе крстот свој и нека врви по Мене!“ (Марко 8, 34).

Крст Христов се нашите волни и неволни страдања, кои со смирение и благодарност ги трпиме заради заедницата со Богочовекот Христос. Само овие страдања, не – кои било.

Кога ни вели да се одречеме од себе, да го земеме својот крст и да врвиме по Него, Господ Исус Христос нè повикува доброволно да ги поминеме трите степени од нашиот духовен развој:

чистењето на срцето од страстите, просветлувањето на умот и обожението на личноста.

Одрекувањето од себе го покажува првиот степен од духовниот развој – чистење на срцето од страстите.

Крстот, т.е. страдањето на овој степен, се состои во одрекување од нашето болно јас, кое поради гревовната навика се поистоветува со своите страсти:

сластољубие, среброљубие и славољубие; и тоа не е лесно.

Но, Крстот Христов ни е прва љубов; и последна.

Одрекувањето започнува од моментот кога ќе се покаеме, ќе ги исповедаме своите гревови и ќе почнеме да живееме во Црквата, под раководство на духовен отец – во послушание.

Земањето на крстот е посебно поврзано со вториот степен од духовниот развој – просветленоста на умот со дарот на умно-срдечната молитва.

Крстот се состои во молитвениот подвиг, т.е. љубов кон Бог и кон сите луѓе, а истовремено и во страдањето поради некои луѓе коишто, водени од демонот, нè напаѓаат и мразат, без ништо лошо да сме им сториле.

Одењето по Христос, во вистинска смисла на зборот, се однесува на третиот степен на духовниот живот – обожение. За тоа, во свое време… на дело. Тоа е Воскресение.

Значи, Господ нѐ повикува на освестен и волев подвиг – страдање на децата Божји…

Ако не, секако нѐ чекаат неволните страдања на „наемниците“ и „робовите“.

Страдањето е дар Божји што ни го открива нашиот внатрешен свет.

Знак дека страдањето го прифаќаме како дар Божји е кога без тоа самото воопшто да се промени – освен нашиот став кон него, истото ни станува извор на радост, утеха и Божја благодат.

Како е тоа можно?

Во секое наше лично страдање Го препознаваме првенствено Христос и го надградуваме нашиот личносен однос со Него.

Самото страдање е реално, но тоа останува во втор план, затоа што преку прифаќањето и благодарењето истото станува извор на радост од новоостварениот и надградениот однос со нашиот Господ.

Секое друго страдање е бесмислено.

Треба да го прифатиме начинот на кој Бог решил да комуницира со нас – па колку тоа и да ни изгледа лошо, а не да го одбиеме.

Прво прифаќаме, а потоа гледаме дали тука нешто може да се промени. Љубовно се бунтуваме само кога нешто бараме за друг или за Црквата.

Нашиот однос со Бог е жив однос:

едно прифаќаме со благодарност,

со друго недвојбено се согласуваме,

за трето љубовно се бунтуваме и бараме да се промени – сѐ зависи од тоа колку е изграден нашиот личен однос со Него; на кој степен сме и каква слобода имаме пред Него.

Нема боголикост и богоподобност на човекот, нема вистинска слобода и љубов во односот меѓу човекот и Бог, нема вистински однос меѓу човекот и Бог ако човекот нема можност да ја промени и Божјата волја.

Нема човек и нема Бог – нема Богочовек. Нема Крст. Толку.

Пресвета Богородице, спаси нѐ!

Митрополит Струмички Наум

Претходна статијаДоколку сакаме да стекнеме мир со тоа што ќе ги смируваме другите, никогаш нема да живееме во мир.
Следна статијаНебото е мало за Неговите дланки…Свети Ефрем Сирин