Како договорени
„Еден човек приготви голема вечера и покани мнозина; и кога беше време за вечерата, го прати слугата свој да им каже на поканетите:
’Дојдете, оти сè е готово!‘ И почнаа сите, како договорени, да откажуваат…“ (Лука 14, 16–24).
Во денешното евангелско четиво гледаме, во суштина, исплашени луѓе кои поради приврзаноста со овој свет се откажуваат од Богочовекот Христос и од Неговата „голема вечера“ – односно од причестувањето со Телото и Крвта Христови.
А што гледаме во житијата на сите свети маченици, на преподобните отци (монасите) и на јуродивите заради Христос?
Гледаме незамолчливо сведоштво на храбро и екстремно одрекување од овој свет – заради Христос.
Ги потенциравме горенаведените крајно спротивставени примери за да ја избегнеме осредноста:
„Ги знам делата твои: ти не си ни студен ни жежок; о, да беше студен или жежок! Така, бидејќи си млак, а не жежок, ниту студен, ќе те изблујам од устата Своја“ (Откр. 3, 15–16).
Но, моето внимание посебно го привлече оваа реченица: „И почнаа сите, како договорени, да откажуваат“.
Замислете, „како договорени“!?
Сигурно овде не се мисли на некаков конкретен и осмислен договор, туку на неосвестено, но воедначено човеково однесување.
И, сигурно не се работи толку за однесувањето, колку за еден и ист дух што го раководи тоа однесување – паднатиот дух.
Оти, кој друг дух би се одрекол од Христос?
И кој друг дух би можел, и денес, толку различни (етнички, партиски) и неповрзани луѓе да ги поврзе во едно те исто однесување – во противење на Христовиот Дух, освен духот на антихристот?
Така и во нашиот случај, луѓе – странци меѓусебно, со различни гревовни навики и индоктринирани од различни колективни несвесни гревовни шеми, ги гледаме дека восогласено дејствуваат како под команда, кога е во прашање поткопувањето на единството на Македонската Православна Црква – ОА, како и кога е во прашање обидот за оневозможување на единствената „голема вечера“ од Богочовекот Христос, преку неа, подготвена.
Пресвета Богородице, спаси нѐ!