Браќа, ве молам, во името на нашиот Господ Исус Христос, сите вие да зборувате едно и исто, и помеѓу вас да нема делење, туку да бидете соединети во еден дух и во една мисла.
Оти од домашните на Хлој чув за вас, браќа мои, дека помеѓу вас имало карање.
А ова ви го велам, затоа што еден од вас вели: „Јас сум Павлов“, друг: „А јас сум Аполосов“, трет: „Јас сум на Кифа“, а друг: „Јас, пак, Христов“.
Па зарем Христос се раздели? Дали Павле беше распнат за вас? Или, пак, во името Павлово се крстивте? (1 Кор. 1, 10–13).
Ајде накратко и јасно за секташкото однесување во Црквата.
Духовното чедо не смее со духовниот отец или исповедникот, од кој и да било свештенички ранг, да гради посебен однос, одвоено и наспроти односот со Епископот на локалната Црква. Тоа е душевност и секташки однос што одвојува од благодатта Божја.
Духовниот отец или исповедник, од кој и да било ранг, не смее со духовното чедо да гради посебен однос, одвоено и наспроти односот со Епископот на локалната Црква. Тоа е душевност и секташки однос што одвојува од благодатта Божја.
Епископот на локалната Црква, исто така, не ги привлекува и не ги насочува духовните чеда кон себе, туку ги насочува кон Господ Христос и Му ги принесува Нему.
Спротивното однесување од претходно опишаното е душевност и секташко дејствување, засновано на суета и гордост, коe одвојува од благодатта Божја.
Од друга страна, Епископот не смее да одредува кој кај кого ќе се исповеда и со кого духовно ќе се советува. Антиномично, ама вистинито.
Секој Епископ на локалната Црква треба да има смирен, своевиден однос на послушание кон првиот по Чест на помесната црква; а сите Епископи заедно треба да имаат смирение и своевидно послушание кон соборните одлуки на Светиот Синод на помесната црква.
Спротивното однесување е секташко дејствување.
Сите помесни цркви (Епископи) треба да имаат соодветен однос на почит кон Првиот по Чест на Православната Црква, односно кон Вселенскиот Патријарх.
Тоа првенство по чест не е без духовни права и обврски – и од двете страни.
Односот без почит кон Првиот по чест е секташко дејствување.
Паралелните односи во црковната заедница се, исто така, секташки односи.
Со некои луѓе, со кои секојдневно сме заедно, градиме душевен, сентиментален однос, а со други – хиерархиски поставени над нас од Епископот, градиме службен (најчесто заснован на страв или одбивност – исто така, душевен однос).
И двата вида односи не се исправни. Сите ние сме повикани со сите наши ближни, преку себепреобразување, да градиме духовен, љубовен и личносен однос.
Јас сум свесен дека секој однос на почетокот е душевен и телесен – барем во едната насока, но исто така, тие односи мора постепено да се преобразуваат, преку аскетско-исихастичкиот и светотаинскиот живот на Црквата, сѐ до своето потполно совршенство, според единството и заедницата на Отецот и Синот и Светиот Дух:
за да бидат сите едно, како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе; па така и тие да бидат во Нас едно (Јован 17, 21).
Гарант за правилно и вистинско градење на личносните односи во Црквата е правилниот личносен однос кон својот Епископ, т.е. Епископот на локалната Црква.
Затоа што, Црквата воопшто не е старецоцентрична, ниту игуменоцентрична, ниту презвитероцентрична, ниту духовникоцентрична, ниту исповедникоцентрична, туку е Епископоцентрична, т.е Христоцентрична.
Богочовекот Исус Христос е единствената Глава на Црквата.
Епископот на локалната Црква е икона Христова, седи на место Христово и претставува обличје Негово.
Тој не е Самиот Христос, туку е икона Христова; а почитта кон иконата се пренесува на оригиналот.
Послушноста се подразбира – потврдена е и од Самиот Христос во Светото Евангелие:
„Кој ве слуша вас [значи Апостолите или, денес, Епископите], Мене Ме слуша; и кој се откажува од вас, од Мене се откажува; а кој се откажува од Мене, се откажува од Оној Кој Ме пратил“ (Лука 10, 16).
Од вака воспоставениот цврст однос може и да се отстапи.
Да ве потсетам:
Само заедничкиот принос на дарови и заедничкото причестување со друговерни, како и очигледното намерно отстапување од догмите на православната вера, е оправдана причина за бунт против вака воспоставениот поредок на односи кон епископот и тие што го следат – и без просветленост.
Значи, не патријарх или архиепископ, туку и ангел од небото ако падне во ерес – не го следиме!
Ги спомнав исклучиво овие два случаја, затоа што за толкување на каноните на Црквата, сепак, е потребна барем просветленост на умот.
Така што и ве поттикнувам да внимавате првите две работи да не се случат, а за третата – спроведување на светите канони во пракса, има кој да внимава – Светиот Дух и соборот на Епископите.
Од својот епископ отстапуваме, освен за ерес, и во случај правосилно да биде осуден од црковен суд надлежен за него и за други дела предвидени од светите канони на Црквата.
Што, исто така, не значи дека не треба да сострадуваме и да се молиме за него. Секој може да згреши.
Затоа, не се исклучувајте од несоздадената благодат Божја со погрешен однос кон Епископот на локалната Црква, односно градејќи погрешни односи со кого било друг, на штета на односот со Епископот на локалната Црква, сѐ додека е тој официјално ваш надлежен, правоверен Епископ.
Погрешните односи – со кого било друг, а на суштинска штета на односот со Епископот на локалната Црква, можат трагично да завршат. Имате доволно примери и кај нас; и доволно сте паметни и сами да ги препознаете, согласно описот што ви го дадов.
Ништо од ова што го напишав немаше да биде потребно ако секој Епископ имаше внатрешно духовно покритие за чинот со којшто е украсен.
Но, за својата работа секој Епископ ќе си одговара пред Бог, додека пак, вие ќе одговарате пред Бог за вашиот однос кон својот Епископ.
Јасно е, полесно се следи Епископ со духовен авторитет, отколку некој што живее немарно.
Наша задача е само да го зачуваме нашето единство во Христос, во Црквата, а сè друго однапред ни е дадено со Христовата победа над ѓаволот, смртта и злото, и сè друго ќе ни се додаде и оствари, и на личен, и на црковен, и на државен план.
Верен е Бог, не е неверен. Почитувањето на хиерархиската поставеност на Црквата е многу важно во моментите на колебање на заедницата. Товарот на одржувањето на единството ќе падне на сите, но најмногу на духовните (силните).
Зборот ми е, не ширете паника непотребно, со нагаѓања што ќе се случи.
Немојте да поттикнувате раздор во црковната заедница. Затоа што, ништо од тоа што нагаѓате нема да се случи.
Нашата црковна состојба е неспоредлива со чија било друга, за оттаму да извлекувате заклучоци.
Лажните информации и неосновани тврдења се како вирус.
Кај здравото ткиво на црковниот организам, преку нив, само се создава имунитет – што е добро. Но, номиналните христијани се доразболуваат до сеедност за сѐ, што е многу лошо; а тие се многу повеќе.
А да не зборуваме за некаква мисија, што ни е основна задача. Просто, не личиме на ништо сериозно.
Времињата се сложени.
Ни се случува специјална војна. Се изнесуваат многу лажни и збунувачки информации.
Да застанеме смирено, да стоиме со страв, околу својот Епископ.
Да стоиме со љубов околу нашата света Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија, односно Јустинијана Прима. И да си ги чуваме душите.