Молитва за цел свет (05.09.2020 15:38)Еднаш порано ви реков: доколку веруваме и знаеме дека ние сме никој и немаме ништо, а дека Господ Исус Христос ни е сѐ – и што сме и што имаме, тогаш свесноста за оваа наша состојба ја покажуваме единствено со подвигот на постојано собирање и држење на умот во зборовите на молитвата, односно со концентрација на Неговото име во молитвата.Нема друг начин, освен овој молитвен подвиг, да покажеме дека сме свесни дека Господ Христос ни е сѐ – и покајание, и сострадална болка, и божествена љубов при молитвата, а дека ние немаме ништо и сме ништо. Плод на собраноста на умот во молитвата, со таа свесност, е дарот на солзите.Што точно значи ова што ви го кажав, само молитвата може да ви покаже.Затоа и свети Григориј Палама нѐ поттикнува во подвигот на молитвата како единствен учител на молитвата. Колку сме никој и ништо, можеме да видиме само молитвено стоејќи пред Богочовекот Исус Христос и Неговата Мајка. Исто така, ќе дознаеме и колку сме љубени…Но, тоа не е доволно. За молитвата да биде, колку што може, посовршена, таа не смее да биде кажувана само за себе, туку треба да го опфати целиот свет – секој човек; и од сегашноста, и од минатото, и од иднината.Всушност, ние не треба никогаш нешто посебно да се молиме за нас, освен за покајание, иако самиот начин на молитва за целиот свет е покајание на дело.Затоа уште и ви објаснив дека еден и единствен лек против пасивната социопатија – оваа модерна пандемија, е молитвата за целиот свет.Времето е такво што сите треба да се префрлиме на постојана молитва за цел свет, и тоа треба да ни биде единствената идеја секогаш кога ќе застанеме на молитва.Само тогаш нашата молитва ќе добие потполна сериозност и покајание. Само таква молитва Бог слуша. Само на тој начин ќе развиеме лична сострадалност.Кога застануваме на молитва со свесноста дека Христос ни е покајание и сѐ, тогаш сериозноста и покајанието произлегуваат од таа свесност, а кога се молиме за целиот свет, а посебно за оние кои конкретно страдаат, тогаш сериозноста, покајанието и концентрацијата ни доаѓаат, покрај од Богочовекот Христос, и некако природно, од нашата човечност – што е најдобра комбинација.Со ваквиот начин на молитва ние ги восогласуваме Божјиот и нашиот поглед на светот; ја градиме нашата лично-соборна свест.Значи, секогаш кога се молиме, треба да се молиме за сите луѓе – посебно за непријателите, и за целиот свет, и за нивно спасение, зашто Му се молиме на Оној Кој ги создал и Кој промислува за секој човек и за целиот свет.Нашата молитва, во тие мигови, се восогласува со Неговата промисла и со Христовиот Домострој за спасение на секој човек и на целиот свет („Оче, прости им, не знаат што прават“).
Но, нашата молитва се восогласува и со дејството на Божјата несоздадена благодат; и со молитвата на Пресветата Владичица наша Богородица и Секогашдева Марија; и со неискажливите воздишки на Светиот Дух во нашето срце – Ава, Оче! – за целата твар (Гал. 4, 6).Плод на ваквата молитва е дарот на солзите за целиот свет.Кога цел на молитвата (се мисли на молитвата во која постојано го повикуваме името на Богочовекот Исус Христос) е Бог, односно заедницата на секој човек и на сè создадено во Бог, тогаш молитвата, проземена од Духот, се кажува во покајание; и го чисти, го отвора и духовно го проширува нашето срце.Молитвата за целиот свет исцелува, и нас и сите луѓе. И обратно, ако цел на молитвата сме самите ние и нашите потреби, тогаш молитвата на почетокот се кажува со распалена крв, потоа механички, и на крајот згаснува – откако ќе остане без одговор.Кога нашиот поглед и животен подвиг ќе ги восогласиме со Божјиот поглед и Домострој – со крсната жртва на Неговиот Единороден Син, тогаш ќе влеземе во Духот – на молитвата „Оче наш“, во просторите на Царството, внатре во нас, и ќе го добиеме дарот на умно-срдечната молитва.И еден практичен совет: покрај тоа што секогаш кога ќе се молиме, ќе се молиме за доброто и за спасението на целиот свет, и секогаш кога ќе чуеме некоја вест за некое зло и нечие страдање, секогаш таа информација треба да ја примиме, правилно обработиме (јас сум виновен за сѐ) и испратиме со молитва за добро, Божја утеха и исцелување на конкретните страдалници.Се подразбира дека ваквиот начин на молитва треба да е поддржан и со конкретно помагање на дело – според силите.А за редовно учество во Светите Тајни на Црквата и да не зборуваме.Пресвета Богородице, спаси нас!Митрополит Струмички Наум |
||
дедо