„Откако ги укори сите присутни поради маловерие, Господ заповеда да му го доведат болниот:

„Доведете Ми го тука! И му нареди Исус на бесот, и тој излезе од момчето, и тоа оздраве во тој час!”

Така раскажува евангелистот Матеј.

Другите двајца евангелисти раскажуваат и други поединости, што се случија непосредно пред исцелението на момчето.

Тоа се главно три поединости: прво, Христос го прашува таткото од кога синот e болен од таа болест; второ, Христос ја истакнува верата како услов за исцеление; трето, при самото приведување на синот до Христа, исплашениот ѓавол co тешки маки го остава детето и бега.

„Колку време има откако станува тоа co него?” го прашува Господ таткото на болното момче.

Тој тоа не го прашува поради себеси, но поради оние околу себе. Тој сѐ јасно провидувал и знаел дека болеста во момчето е стара.

A таткото одговори:

„Од детинството”.

Сите да слушнат и да разберат каков ужас поднесуваат луѓето од злите духови и колку е моќна Божјата заштита на човекот, без која многу одамна злите духови сосема би ги упропастиле и телото и душата на момчето.

И најпосле, колкава моќ има Синот Божји и над најсвирепите зли духови.

„Смили се над нас!” му вели на Христа таткото на болниот син.

Вели над нас, а не само над детето. Оти страдањето на синот е страдање за таткото, и за целата куќа, и за целото семејство.

Ако оздрави момчето, товарот ќе се симне од многу човечки души.

А Исус му рече: “Ако можеш да поверуваш? Cѐ e можно за оној што верува.”

Спрема секојдневниот начин на Божјото постапување, Господ Исус Христос и тука сака наеднаш да направи што е можно повеќе добрини.

Една добрина е тоа што ќе му го врати здравјето на момчето.

Но зошто да не направи и друга добрина? Зошто да не ја утврди и верата во таткото на момчето?

Но зошто едновремено не направи и трета добрина: што посилно да ја искаже својата моќ, за да поверуваат луѓето во Heго?

И зошто да не направи и четврта добрина:

зошто да не го разобличи неверувањето и расипаноста и дволичното однесување на луѓето спрема злото, спрема злите духови и гревот?

И зошто да не направи и петта и шеста и седма добрина, и сите оние добрини воопшто, кои ги повлекува само едната добрина?“

Пренесено од книгата “Омилии”, Недела десетта по Духовден

Матеј 17.

14. Кога дојдоа при народот, пристапи кон Него еден човек, кој падна на колена

15. и рече: „Господи, смилувај се на мојот син, зашто при нов месец го фаќа бес и се мачи многу; често паѓа во оган и често – во вода;

16. го одведов при Твоите ученици, но тие не можеа да го излекуваат.”

17. А Исус одговори и рече: „О, роде неверен и развратен! До кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам?
Доведете Ми го тука!”

18. И му нареди Исус на бесот и тој излезе од момчето; и тоа оздраве во тој час.

19. Тогаш учениците пристапија кон Исуса насамо и Му рекоа: „Зошто не можевме ние да го истераме?”

20. А Исус им рече: „Заради вашето неверие: зашто, вистина, ви велам, ако имате вера колку синапово зрно, ќе ѝ речете ли на оваа планина: »Премести се одовде таму?« и таа ќе се премести, и ништо нема да биде за вас неможно.

21. Овој, пак, род се истерува само со молитва и пост.”

22. А кога беа во Галилеја, Исус им рече: „Синот Човечки ќе биде предаден во раце човечки,

23. и ќе Го убијат, и на третиот ден ќе воскресне.” И тие многу се нажалија.

Подготви М.Д.

Претходна статијаРанохристијански икони – Образ на Православието како целина!
Следна статијаПастир, овци и кучиња!