Светите маченици Кирик и Јулита

Светителката беше од благороден род. Рано остана вдовица со новороденото дете Кирик.

Живееше во Ликаонскиот град Иконија и наполно беше предадена на живот во Христа.

Нејзиниот син го крсти веднаш по раѓањето, а кога имаше три години, го научи на верата и на молитва онолку колку што може да прими дете на таа возраст.

Кога Диоклецијан нареди да се гонат христијаните, невина крв беше пролеана во градот Иконија во изобилство.

Јулита го зеде својот син и се засолни од гневот на незнабожците во градот Селевкија. Но ни таму не беше подобро.

Ја фатија како христијанка и ја изведоа на суд. Откако таа ја изјави храбро својата вера во Господ Исус, судијата, за да ја нажали и поколеба, го зеде детето на своите раце и почна да го милува. Но Кирик викаше на сиот глас:

„Пушти ме кај мајка ми, јас сум христијанин!“

И почна да го гребе судијата со рачињата, одвраќајќи го своето лице од него.

Судијата се разжести, го тресна детето од земја, го турна со ногата, а тоа се стркала по камените скали и Му ја предаде својата света душа на Господ.

Кога виде како Кирик пострада пред неа, Света Јулита радосно Му заблагодари на Бога Којшто и синот ѝ го удостои со маченички венец.

По многу маки беше убиена со меч, во 304 година.

Моштите на Светите Кирик и Јулита до денешен ден се чудотворни.

Дел од нив се наоѓа во Охрид, во црквата на Пресвета Богородица Болничка.

Слава, глас 6.

Дојдете сите и видете преславна и необична глетка! Кој видел дете тригодишно, кое го посрамило мачителот? О чудо! Доенчето ѝ викаше на својата мајка: Не бој се, Мајко, од болките што може да ги нанесе лутиот кнез на овој свет, зашто Христос е силата на оние што веруваат во Него.

Тропар, глас 3.

Мачениците Твои, Господи, во страдањата свои примија венци нераспадливи од Тебе – нашиот Бог; имајќи ја, пак, Твојата поткрепа, ги поразија мачителите и ја скршија немоќната дрскост на демоните. По нивните молитви, спаси ги душите наши.

Кондак, глас 4.

Христовата маченица Јулита, носејќи го Кирика во прегратките, во подвигот храбро веселејќи се, викаше: Христос е пофалба на мачениците.

Икос: Умот мој просветли го, Христе, со светлината на Твоите заповеди, за да можам да ги воспеам светите маченици, и да ги искажам нивните подвизи; оти, кој јазик може да ги изговори страдањата што тие ги претрпеа? Затоа паѓам пред Тебе, Човекољупче; дај ѝ прошка на мојата кутра душа; даруј ми време за покајание, зашто на Себе си примил тело, за да ги возведеш во живот сите. Откако го примија (тој живот), страдалниците непрестајно пеат: Христос е пофалба на мачениците.

Слава, глас 4:

Радувај се, краси се, и весели се, икониски граде, зашто еден славен плод излезе од тебе, прекрасната и добропобедна маченица Јулита, и од неа чесното дете Кирик, кое го носи името на Господа, бидејќи тие, откако сето лукавство на мачителот храбро го уништија, венци на победата достојно примија, проповедајќи им на луѓето да ја почитуваат и да ѝ се поклонуваат на Пресвета Троица.

Затоа и ние со смелост Му викаме на Христа нашиот Бог, Кој нив ги прослави, да го смири светот и да ги спаси нашите души.

Подготви С. Трајчева

Претходна статијаО, велики Архангеле Гаврил!
Следна статијаИДНИОТ СУД – СВ. НИФОНТ