Умно-срдечната молитва – критериум за вистинско мачеништво (24.06.2020 15:44)

Слушнавте уште еднаш, како и многупати досега, што вели Богочовекот Исус Христос: „Ако светот ве мрази, знајте дека Мене светот уште пред вас Ме замрази“ (Јован 15, 18).

Еве уште една можност да се потсетиме дека подвигот на христијанството во овој свет е неразделно поврзан со подвигот на мачеништвото. Всушност, тоа е еден и ист подвиг. Единствено маченикот има целосно право да биде наречен христијанин, а „нема никакви други права“.

Што подразбираме ние, христијаните, под поимот свет?

Свет се, пред сѐ, непреобразените страсти што постојат во нас; свет се гревовите што ги правиме; свет се демоните поврзани со непреобразените страсти и свет се луѓето кои, заробени од своите страсти, свесно или несвесно, им служат на демоните.

Внатрешната или (и) надворешната војна што постојано ја водиме со светот или светот ја води против нас, односно напорот, страдањата и болките што ги претрпуваме притоа, за да останеме во љубовта на децата Божји кон својот Отец Небесен и кон своите ближни, нас нѐ прават маченици.

Знаеме дека Бог не допушта искушение поголемо од нашите сили. Тоа значи дека на различните нивоа од духовниот раст ни се случуваат соодветни искушенија, но не заради пад (иако таа можност е секогаш многу реална; и се случува), туку заради наше покајание и духовно восовршување.

На првото ниво – очистување на срцето, кога нашето срце е сè уште заробено од страстите, на демонот му е допуштено да напаѓа однатре, затоа што има слободен пристап преку страстите, но само со интензитет на предизвикување помисли, чувства и желби.

Секогаш кога нема да ги исполнуваме страстите и гревовите, односно секогаш кога се бориме да се ослободиме од помислите и желбите за нив, и кога страдаме во таа борба, стануваме соодветни маченици.

На второто ниво – просветлување на умот со дарот на умно-срдечната молитва, кога нашето срце е доволно очистено од страстите, демонот не може да нападне однатре, односно поради чистотата на срцето таквиот вид напад не му е доволен за да предизвика пад, и затоа тогаш нападот се случува преку луѓе што се робови на страстите, а под негова контрола. На ова ниво повеќе не сме дел од светот.

„Да бевте од овој свет, тогаш светот ќе го љубеше своето [немаше да ве напаѓа]; но бидејќи не сте од светот, туку Јас ве избрав од светот – затоа светот и ве мрази“ (Јован 15, 19).

Нападот преку луѓе е пореален и доволно силен за да го разбуди и поттикне недопреобразениот дел од страстите на срцето и да создаде услови за наш пад. Видливиот напад преку луѓе, иако на почетокот е насочен кон поттикнување на сите недопреобразени страсти во нас, на крајот, откако нема да успее, обично се сведува на јавно непријателство и омраза.

И секогаш, значи, кога демонот ќе нѐ нападне однадвор, преку луѓето што се негови слуги, затоа што не ќе има можност и сила да нападне однатре преку непреобразените страсти, и кога ние страдаме во таа борба, стануваме маченици.

Што е најчудно, најчесто тие што нѐ напаѓаат не нѐ ни знаат – не нѐ ни сретнале во животот, никогаш зло лично не сме им направиле – ниту кому било, а често не им е ни јасно зошто нѐ мразат или чувствуваат одбојност, или зошто се обземени од некаква предрасуда кон нас.

Настрана тоа, туку не ни оставаат простор дека можеби негде грешат во врска со нас – што е, патолошки, најсимптоматично. Но, како што рече Господ: „нека се изврши словото, напишано во нивниот Закон, дека Ме замразија без вина“ (Јован 15, 25).

Ова е неопходен стадиум низ кој мора да помине секој подвижник на умно-срдечната молитва, кој одговарајќи со љубов на секое непријателство, се удостојува со дарот на премин од просветлување кон обожение, а неговата молитва од аскетска станува непрестајна или благодатна умно-срдечна.

Овде говориме за делотворна љубов што ги преобразува луѓето, внатре од конкретната заедница, што може да имаат секаков однос кон нас – од симпатија до омраза, а не за некоја само теоретска, љубов од далеку, кон оние што веќе сме ги отфрлиле и од кои сме се одделиле – затоа што се чувствуваме повредени од нив, а наводно многу ни е грижа за нив и нивното спасение.

Веќе се наѕира што произлегува од досега кажаното – во една реченица: секогаш кога ќе успееме начинот на нашиот живот да го восогласиме со степенот на духовниот развој на кој се наоѓаме, ние стануваме маченици. Тоа значи дека мачеништвото е, исто така, духовен подвиг, чија вистинитост може да се провери според плодовите што ги носи.

Ако Бог преку Својата Промисла не ги дозираше на овој начин искушенијата, никој немаше да види ни восовршување, ни спасение.

Да заклучиме: оној што ќе пострада маченички на првиот степен од духовниот развој – очистување на срцето, во внатрешната борба со своите непреобразени страсти и демоните поврзани со нив, и ќе победи, ќе го стекне плодот на дарот Божји на аскетската умно-срдечна молитва.

А оној што ќе пострада маченички на вториот степен – просветлување на умот, во надворешниот напад од страна на луѓето – демонските слуги, и ќе победи со љубов, ќе го стекне плодот на дарот Божји на непрестајната умно-срдечна молитва и гледањето на божествената светлина.

„А ако, пак, некој војува, сепак венец не добива, бидејќи не се борел според правилата“ (2 Тим. 2, 5).

Нормално, оној што нема да го восогласи начинот на својот живот и подвиг со степенот на духовниот развој на кој се наоѓа, нема ни да ги види плодовите на Светиот Дух, ниту пак, може да се смета за маченик. Може само да импровизира.

На пример, доколку некој, од параноидна егзистенционална позиција, тврди за себе дека е маченик, само врз основа на тоа дека луѓето судски го гонат или одлежал затвор, а истовремено ги нема соодветните дарови на Светиот Дух – како што е, барем, умно-срдечната молитва, односно просветленоста на умот, таквиот подобро да си го признае непромислениот грев или направениот криминал, на очиглед на црковната заедница или на општеството, отколку да негува таква делузивна идеја на величина за самиот себе, односно јавно да се самопромовира како таков; или, како таков, да го промовираат неговите заблудени следбеници.

Но, вообичаено, патолошкото однесување на таквите, како јавно клеветење, уценување, заканување, лажење, осветољубивост, агресивност, потценување, самооправдување, осудување, исмевање итн., како и општото пастирско промашување, е видливо за сите, освен за нив самите.

Овој вид отцепеност од реалноста, оваа прелест, во зависност од позицијата на болниот во Црквата, се нарекува религиозна социопатија или психопатија, т.е. религиозно растројство на образот Божји во човекот. Онолку, пак, колку што болната состојба свесно се одржува и продолжува, толку се работи за демонизираност.

Наравоучение:

православната психотерапија прави разлика меѓу искушенија што ни се случуваат затоа што душевно оздравуваме (очистување на срцето од страстите) или сме доволно здрави (просветлување на умот), од искушенија што самите си ги предизвикуваме додека душевно се разболуваме (религиозна невроза) или кога сме веќе душевно болни (религиозно растројство на личноста); меѓу искушенијата што им се случуваат на светите и искушенијата што ги прават демоноопседнатите.

Пресвета Богородице, спаси нас!

Митрополит Струмички Наум

 

Претходна статијаСветиот Дух, исто така е капитал…! (Св. Серафим Саровски)
Следна статијаПразнување на чудотворната икона Достојно ест