,,Наутро ќе се помолам и ќе прочитам нешто, така малку ќе ја згреам душата, но потоа, тргнуваат работите една по друга, и се` исчезнува, па повторно сум како камен. Како да ја сочувам утринската собраност и топлината?”.

Собраноста и топлината самите по себе неразделно ќе престојуваат во душата, при сите дела кога тие ќе постанат суштински квалитет на вашиот внатрешен живот. А, на тој степен тие ќе се искачат кога во душата ќе се разгори молитвено оганче, за кое порано ви пишував (писмо 10).

Но, и дотогаш можат да се употребуваат некои начини, за при тие дела и средби помалку да се расејувате.

Прво – никогаш не брзајте и не се вознемирувајте. Се правете не брзајќи, како кога носите чаша вода плашејќи се да не ја истурите, но без непотребната тромост и грижејќи се се да направите на најдобар начин.

За притоа вашата душа секогаш да остане на место, седнете и разгледајте ги сите ваши работи кои обично ги правите, како и средбите, и однапред определете во кој случај како да се однесувате, за да не се опуштите.

Ако искуството потврди дека она што сте го замислиле води кон некоја цел, секогаш постапувајте според замисленото, а ако се покаже неприлично, смислете нешто друго наместо тоа.

Така постапувајќи, вие наскоро ќе најдете начин како да се однесувате за мислите да не се расејуваат и да се сочува топлината на срцето.

Второ – ништо не правете опуштено, туку со внимателност, како на вас да гледа некој кој е овластен за истиот час да ви повика на секоја грешка.

А, всушност, навистина е така. Постои севидечкото око Божјо, кое е кон вас свртено, а постои и вашиот Ангел Чувар кој ви е секогаш сопатник; светителите Божји нас, исто така, не` гледаат.

Трето – какви работи и да морате да правите, повеќето од нив нека се и световни, знајте дека можат да бидат извршувани така што ќе бидат морални и на Бога угодни.

Ништо не правете за угодување на себеси, туку секогаш за помош и задоволство на вашата околина; така ќе искажувате самоодрекување и љубов.

Ако при ова и при секое дело успеете да ја додадете и заповедта која му одговара, и потоа го правите тоа од покорност на Божјата волја, љубов спрема Бога и желба за богоугодување, тоа истото ќе го извршувате како да сте на служба кај Бога. Таквата мисла посилно од се` останато ќе ја чува вашата душа во нерасеано внимание.

Јас мислам дека ова е доволно за повеќе да не ви се случува она за кое се жалите. Но, секако, се` зависи од тоа со колкава ревност се зафаќате на Божјото дело.

Млитавото дејствување е слично на преместување од нога на нога, тоа никаде не прилега и не приведува кон никаков добар крај.

Св.Теофан Затворник: Писмо

 

Претходна статијаПробивање низ темнината!
Следна статијаНемам Човек…! I have not a man…