СЛУЖБА НА СВЕТИТЕ И СПАСИТЕЛНИ СТРАДАЊА НА
НАШИОТ ГОСПОД ИСУС ХРИСТОС

ВО СВЕТИОТ И ВЕЛИКИ ЧЕТВРТОК НАВЕЧЕР

По Шестопсалмие и големата ектенија: Алилуја: на глас 8, и тропарот.

Кога славните ученици, при миењето на нозете на Вечерата, се просветлуваа, тогаш злочестивиот Јуда, болен од среброљубие, се помрачуваше и на беззаконите судии, Тебе – праведниот судија – Те предава. Душо среброљубива, гледај каде оди да се обеси таквата душа; одврати се од среброљубието на Јуда, кој се осмели да Му направи такви работи на Својот Учител; Господи, Кој си добар за сите, Слава Ти (3-пати).

По тропарот мала ектенија и се чита првото Евангелие, според Јован, зачало 46 (13, 31-38; 14, 1-31; 15, 1-27; 16, 1-33; 17, 1-26; 18,1) по кое се пее: Слава на Твоето долготрпение, Господи. Потоа ги пееме антифоните, повторувајќи ги сите тропари.

Прв антифон.

Глас 8: Кнезовите народни се собраа против Господа и против Неговиот Христос.

Тие изнесоа против Мене законопрестапни зборови: Господи, Господи, не оставај ме.

Нашите чувства чисти да Му ги понудиме на Христа и, како Негови пријатели, за Него да ги жртвуваме нашите души и да не се задушуваме со животните грижи како Јуда, но тајно да повикаме: Отче наш, Кој си на небесата, избави нѐ од лукавиот.

Слава: Богородичен: Како девојка си родила и пак девојка си останала, Мајко безневестна, Богородице Марие, Христа, нашиот Бог, моли Го да нѐ спаси.

И сега: истиот.

Втор антифон.

Глас 8: Јуда потрча да им каже на беззаконите книжници: Што ќе ми дадете за да ви го предадам (Исуса)? Ти, пак, Самиот си стоел невидливо меѓу оние што се договараа: Господи, Кој ги знаеш срцата наши, поштеди ги душите наши.

Со љубов да Му послужиме на Бога, како Марија на вечерата, и да не бидеме среброљупци како Јуда, но да бидеме секогаш со Христа Бога.

Слава: Богородичен: Оној Кого си Го родила неискажливо, Дево, никогаш не престанувај да Го молиш како Човекољубец, да ги спасува од неволи сите оние што бараат помош од тебе.

И сега: истиот.

Трет антифон.

Глас 8: Поради воскресението на Лазара, еврејските деца Ти пееја: Осана, Господи – Човекољупче: но беззакониот Јуда не сакаше да разбере.

На Твојата вечера, Христе Боже, на Твоите ученици си им претскажал: Еден од вас ќе ме предаде: но беззакониот Јуда не сакаше да разбере.

Кога Јован запраша: Господи, кој е тој што ќе Те предаде? – беззакониот, пак, Јуда не сакаше да разбере.

За триесет сребреника, Господи, и со лажен целив, Јудеите бараа да Те убијат, но беззакониот Јуда не сакаше да разбере.

За време на миењето на нозете, Христе Боже, на Твоите ученици си им заповедал: Вака правете, како што гледате; беззакониот, пак, Јуда не сакаше да разбере.

Бидете будни и молете се, за да не паднете во искушение, – си им говорел на Твоите ученици, Христе Боже наш, но беззакониот Јуда не сакаше да разбере.

Слава: Богородичен: Спаси ги од беди твоите слуги, Богородице, бидејќи, после Бога, сите приоѓаме кон тебе, како неразрушлив ѕид и застапништво.

И сега: истиот.
Мала ектенија, потоа:

Седален, глас 7: Хранејќи ги учениците на Тајната вечера, и знаејќи ја намерата за предавство, на неа си го изобличил Јуда, иако знаеше дека е тој непоправлив, бидејќи сакаше да знаат сите дека си се предал доброволно, за да го избавиш светот од непријателот: долготрпелив Господи, слава Ти.

Слава: Долготрпелив Господи, слава Ти.

И сега: истиот седален.
Свештеникот го чита второто Евангелие според Јован,
зачало 58 (18, 1-28), по ова се пее:

Четврти антифон.

Глас 5: Денес Јуда Го напушта Учителот, а го прима ѓаволот; се ослепува од страста на среброљубието; помрачениот отпаѓа од Светлината. Како ли можеше да гледа јасно оној што за триесет сребреника ја продаде Светлината? Но нам ни засветли Оној што пострада за светот, затоа кон Него да повикаме: Господи, Ти, Кој си пострадал за луѓето, слава Ти.

Денес Јуда се преправа дека е благочестив, а ја губи благодатта; од ученик – станува предавник; во обичниот целив ја прикрива лагата; наместо љубовта кон Господа, претпочита да му служи на среброљубието и станува водач на соборот на нечестивите; а ние, пак, имајќи го спасението – Христа, Него да Го прославиме.

Глас 1: Да го сочуваме братољубието, како браќа во Христа, и да не бидеме немилостиви кон нашите ближни; да не бидеме осудени како немилостивиот слуга заради стоте пенези; и по примерот на Јуда, откако ќе се покаеме, да не ни биде тоа од никаква полза.

Слава: Богородичен: За твојата слава се зборува насекаде, зашто си Го родила по тело Творецот на сите, Богородице Марие, севоспеана и неискусобрачна.

И сега: истиот.

Петти антифон.

Глас 6: Ученикот ја договараше цената на Учителот, и за триесет сребреника Го продаде Господа, со лажен целив предавајќи Го на смрт на беззакониците.

Денес Творецот на небото и на земјата им зборуваше на Своите ученици: Часот се приближи, и предавникот Јуда пристигна; никој да не се одрече од Мене, гледајќи Ме на крстот среде двајца разбојници: бидејќи ќе страдам како човек, и ќе ги спасам како Човекољубец оние што веруваат во Мене.

Слава: Богородичен: Богородице Дево, Која во овие последни времиња Го зачна и Го роди Твојот Создател, Него моли Го да ги спаси душите наши.

И сега: истиот.

Шести антифон.

Глас 7: Денес Јуда бдее за да Го предаде Господа, предвечниот Спасител на светот, Кој со пет леба насити мнозина: денес беззаконикот се откажува од Учителот па, иако ученик, Го предаде Господа: за сребро Го продаде Оној што со мана го насити човекот.

Денес на крст Јудеите Го приковаа Господа, Кој со жезол го раздели морето и ги проведе во пустината: денес со копје ги прободоа ребрата на Оној, Кој заради нив го погоди Египет со рани: и со жолчка Го напоија Оној, што за храна им пушти мана.

Господи, кога одеше на доброволно страдање, на Твоите ученици им велеше: Ако не можете ниту еден час да бдеете со Мене, како ветувате дека ќе умрете заради мене. Гледајте го Јуда, како не спие, но брза на беззакониците да Ме предаде. Станете, молете се, та некој да не се одрече од Мене, на крстот гледајќи Ме: Долготрпеливе, слава Ти.

Слава: Богородичен: Радувај се, Богородице, Која во својата утроба го смести Оној што не може да Го сместат ни небесата; радувај се, Дево, која беше навестена од пророците, од која ни засветли Емануил: радувај се, Мајко на Христа Бога.

И сега: истиот.
Мала ектенија, потоа:

Седален, глас 7: Која причина, Јудо, те направи предавник на Спасителот? Дали од соборот на апостолите те оддели? Дали те лиши од исцелителните дарови? Дали, кога вечераше со нив, од трпезата те отфрли? Дали кога нозете нивни ги изми, твоите ги презре? Колку ли добрина ти заборави, што Он ти направи? Твојот, пак, неблагодарен карактер се открива, а Неговото безмерно долготрпение и голема милост се проповеда.

Слава, и сега: истиот.
Свештеникот го чита третото Евангелие според Матеј,
зачало 109 (26, 57-75), потоа пееме:
Седми антифон.

Глас 8: На беззакониците што Те фатија, Господи, трпејќи, вака си им зборувал: Иако Го поразивте Пастирот и ги распрснавте дванаесетте овци – моите ученици, можев да повикам дванаесет легиони ангели; но долго трпам, за да се исполнат тајните непознати, што ви ги јавив преку Моите пророци: Господи, слава Ти.

Кога Петар се одрече трипати, веднаш го разбра она што му беше речено, но Ти принесе солзи на покајание: Боже, очисти ме и спаси ме.

Слава: богородичен: Како врата спаителна, и красен рај, и облак на Вечната Светлина, сите да ја воспееме Света Дева, велејќи ѝ: Радувај се.

И сега: истиот.
Осми антифон.

Глас 2: Кажете, беззаконици, што слушнавте од нашиот Спасител? Зар не го исполни законот и учењето на пророците? Како помисливте да му го предадете на Пилата, Бога Словото, Кој е од Бога, и Избавителот на душите наши?

Нека биде распнат, – викаа оние што секогаш се насладуваа со Твоите дарови, и бараа да биде ослободен еден злосторник, наместо Добротворот, убијците на праведниците: а Ти молчеше, Христе, трпејќи ја нивната свирепост, бидејќи сакаше да пострадаш и да нѐ спасиш нас, како Човекољубец.

Слава: Богородичен: Бидејќи немаме смелост, поради мноштвото наши гревови, Ти, Богородице Дево, моли Го Оној што се роди од тебе, зашто молитвата на Мајката може да ја придобие наклоноста на Господа: не презирај ги молбите на грешните, Сечиста, зашто е милостив и може да спаси, Оној што прифати за нас и да страда.

И сега: истиот.
Деветти антифон.

Глас 3: Цената на Бесценетиот синовите Израилеви ја одредија на триесет сребреника. Бидете будни и молете се, да не паднете во искушение, зашто духот е бодар, а телото е немоќно: поради тоа бидете будни.

Наместо храна, ми дадоа жолчка, а во жедта моја Ме напоија со оцет: Ти, пак, Господи, крени ме и јас ќе им вратам.

Слава: Богородичен: Од сите народи, те воспеваме, Богородице чиста, зашто си Го родила Христа, нашиот Бог, Кој преку тебе ги ослободи луѓето од клетвата.

И сега: истиот.
Мала ектенија, потоа:
Седален, глас 8: О, како Јуда, Твојот некогашен ученик, размислуваше за Твоето предавство: лукавиот предавник и неправедник, од Тајната Вечера појде кај свештениците и им рече: Што ќе ми дадете и јас ќе ви Го предадам Оној што го разурна законот и ја оскверни саботата? Долготрпелив Господи, слава Ти.

Слава, и сега: истиот.
Свештеникот го чита четвртото Евангелие според Јован,
зачало 59 (18, 28 -40; 19, 1-16) и потоа:
Десетти антифон.

Глас 6: Оној што се облекува со Светлина како со риза, необлечен стоеше на студот и по образите прими удари од рацете што ги создаде: беззконите луѓе на крст го приковаа Господа на славата: тогаш црковната завеса се раздра, сонцето се помрачи, не можејќи да го гледа понижувањето на Бога, пред Кого трепери сѐ што е создадено: Нему да Му се поклониме.

Ученикот се одрече, а разбојникот повика: Спомени ме Господи, во Царството Твое.

Слава: богородичен: Дај му мир на светот, Господи, Кој благоволи од Дева да носиш тело заради Твоите слуги, та едногласно да Те славиме, Човекољупче.

И сега: истиот.
Единаесетти антифон.

Глас 6: За добрата што си му ги направил, Христе, на еврејскиот род, Те осудија на распнување и Те напоија со жолчка и оцет; но дај им, Господи, според нивните дела, зашто не го разбраа Твоето понижување.

Незадоволен со предавството, Христе, народот еврејски мавташе со главите свои и Ти се потсмеваше: но дај им, Господи, според нивните дела, зашто не го разбраа Твоето провидение.

Ниту земјата што се потресе, ниту карпите што се распаднаа, ниту црковната завеса, ниту воскреснувањето на мртвите, не можеа да ги уверат Евреите, зашто не го разбраа Твоето понижување. Но, дај им, Господи, според нивните дела.

Слава: богородичен: Го познавме Бога Кој се воплоти од тебе, Богоридеце Дево, единствена чиста, единствена благословена, затоа непрестајно пеејќи те величаме.

И сега: истиот.
Дванаесетти антифон.

Глас 8: Ова им го вели Господ на Јудеите: Луѓе мои, што ви направив, или со што ви здодеав? На слепците ваши вид им дадов, лепрозните ги очистив, човекот на одарот го кренав; луѓе мои, што ви направив, или што Ми вративте: за маната – жолчка, за – водата – оцет; наместо да Ме љубите, на крст Ме приковавте. Нема повеќе да трпам; ќе ги повикам Моите народи и тие ќе Ме прослават со Отецот и Духот, а Јас ќе им дарувам живот вечен.

Денес црковната завеса се раздерува, за да ги изобличи беззакониците, и сонцето своите лачи ги скрива, гледајќи како Господ е распнуван.

Законоположниците израилеви, Јудеи и фарисеи, соборот апостолски ви вика: Ете го храмот што вие го разурнавте, ете Го Јагнето што вие Го распнавте и на гробот му Го предадовте. Но Он со својата власт воскресна. Затоа, не мамете се, Јудеи, зашто е Тој оној што во (Црвеното) Море ве спаси и во пустината ве хранеше. Тој е Животот, и Светлината и мирот на светот.

Слава: богородичен: Радувај се, врато на Царот на славата, низ која само Вишниот мина, и пак запечатена ја остави, за спасение на душите наши.

И сега: истиот.

Седален, глас 8: Кога си застанал пред Кајафа, Боже, и кога си му се предал на Пилата, Судијо, небесните сили од страв затреперија; а кога си се искачил на крстот, среде двајца разбојници, си се нашол меѓу беззакониците, Безгрешен, за да го спасиш човекот: незлобив Господи, слава Ти.

Слава, и сега: истиот.
Свештеникот го чита петтото Евангелие според Матеј,
Зачало 111 (27, 3-32), потоа пееме:
Тринаесетти антифон.

Глас 6: Собранието јудејско од Пилата испроси да Те распнат, Господи; иако не најдоа вина во Тебе, виновникот Варава го ослободија, а Тебе правениот Те осудија, и го наследија гревот на скверното убиство: крвта Негова врз нас и врз нашите деца.

Оној од Кого се плаши и трепери сѐ, и секој народ Го пее Христа, Божјата сила и Божјата Премудрост, свештениците го удираа по образите и Му дадоа жолчка, но Он прифати да страда за да нѐ спаси од нашите беззаконија со Својата крв, како Човекољубец.

Слава: богородичен: Богородице Дево, која Го роди Својот Создател, неискажливо примајќи Го Словото; Него моли Го да ги спаси душите наши.

И сега: истиот.
Четиринаесетти антифон.

Глас 8: Господи, Кој за сопатник го зеде разбојникот што своите раце ги извалка со крв, и нас придружи нѐ со него, како добар и Човекољубец.

Малку зборови кажа разбојникот на крстот, но неговата вера беше голема; за еден миг се спаси и прв влезе низ рајската врата: Господи, Кој го прими неговото покајание, слава Ти.

Слава: богородичен: Радувај се, ти, која преку ангелот ја прими радоста на светот; радувај се, ти, која Го роди Твојот Творец и Господ; Радувај се, ти, која се удостои да бидеш Мајка Божја.

И сега: истиот.
Петнаесетти антифон.

Глас 6: Денес виси на дрво Оној што земјата ја обеси на водите; со венец од трња е крунисан Царот на ангелите; во смешна багреница се облекува Оној што небото го облекува со облаци; шлаканици прима Оној што во Јордан го ослободи Адама; со клинци се прикова црковниот Младоженец; со копје се прободе Синот на Дева: се поклонуваме на Твоите страдања, Христе, се поклонуваме на Твоите страдања Христе покажи ни го и славното Твое воскресение.

Не празнуваме како Јудеите, зашто Христос – нашата Пасха – се жртвува за нас, но да се очистиме себе си од секаква нечистотија и со чисто срце да Му се помолиме: Воскресни, Господи, и спаси нѐ, како Човекољубец.

Крстот Твој, Господи, е живот и застапништво на Твоите луѓе и, надевајќи се на него, Тебе – распнатиот Бог наш – Те пееме, помилуј нѐ.

Слава: богородичен: Гледајќи Те распнат, Христе, Твојата Мајка викаше: Каква чудна тајна гледам, Сине Мој, како умираш на крстот, распнат со тело, Дарителу на животот.

И сега: истиот.
По ова мала ектенија, потоа:

Седален глас 4: Ти си нѐ искупил од клетвата законска, со Твојата чесна крв; на крстот прикован и со копје прободен, на луѓето си им станал извор на бесмртност, Спасителу наш, слава Ти.

Слава, и сега: истиот.
По ова свештеникот го чита шестото Евангелие според
Марко, зачало 67 (15, 16 -32), а по него
блажени, глас 4.

Во царството Твое, спомни нѐ, Господи, кога ќе дојдеш во царството Твое.

Блажени се бедните по дух, зашто е нивно Царството небесно.

Блажени се оние што плачат, зашто ќе се утешат.

Блажени се кротките, зашто тие ќе ја наследат земјата.

Блажени се гладните и жедните за правда, зашто тие ќе се наситат.

Со дрвото Адам беше иселен од рајот, и со крсното дрво разбојникот во рајот се всели: првиот, кога вкуси, ја отфрли заповедта на Творецот; вториот, пак, распнат со Тебе, Те призна за Бог, викајќи: Спомни ме, Господи, во Царството Твое.

Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани.

Беззакониците Го купија од ученикот Творецот на законот и, како престапник на законот, му го предадоа на суд на Пилата, викајќи: Распни го, – оние на кои во пустината им даде мана. А ние, подражавајќи го праведниот разбојник, викаме: Спомни си и за нас, Спасителе, во Царството Твое.

Блажени се чистите по срце, зашто тие ќе Го видат Бога.

Народот јудејски неправеден, собор од богоубијци, на Пилат безумно му вика: Распни го Христа невиниот, а пушти ни го Варава. А ние го подражаваме добриот разбојник и со вера викаме: Спомни си и за нас, Спасителе, во Царството Твое.

Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји.

Како извор од Рајот, Христе, од Твоите живоносни ребра тече река што ја напојува Твојата Црква – духовниот рај, делејќи се како некогаш на четири Евангелија кои го напојуваат светот, и го веселат созданието, учејќи ги народите верно да му се поклонуваат на Царството Твое.

Блажени се гонетите заради правда, бидејќи нивно е Царството небесно!

Си се распнал заради мене, за да ми бидеш извор на спасение; си бил прободен во ребрата, за да ми источиш капки на живот; со клинци си бил прикован та, гледајќи ја длабочината на Твоите страдања, да ја познам висината на Твојата сила и да Ти пеам: Животодавче Христе, слава на твојот крст и на Твоето страдање Спасителу.

Блажени сте вие, кога ќе ве срамат и прогонат и кога ќе говорат против вас секакви лоши зборови лажно – заради Мене!

Гледајќи Те распнуван, Христе, сета твар трепереше, темелите на земјата се тресеа, светилата се скриваа, и црковната завеса се раздра, горите затреперија, и камењата се распаднаа, а верниот разбојник вика со нас: Спасителе, спомни си за нас во Царството Твое.

Радувајте се и веселете се, зашто голема е вашата награда на небесата!

На крстот со копје си го раздрал нашиот список и, вброен меѓу мртвите, си го врзал тамошниот мачител, Господи, Кој од адските окови ги избави сите, со Твоето воскресение.

Слава: Верни, сите еднодушно да се помолиме и да Го прославивме Отца и Сина и Светиот Дух: единство на Божеството, Кое пребива неслиено во три ипостаси, просто, неразделено и непристапно, со Кое се избавуваме од огненото мачење.

И сега: богородичен: Твојата Мајка, Христе, која бессемено Те роди по Тело, и која е вистинска Дева и по раѓањето остана нетлена, неа ја призиваме во молитвата, Владико многумилостиви, дарувај им прошка на прегрешенијата на оние што секогаш Ти пеат: Спомени нѐ и нас во Царството Твое.

Мала ектенија, потоа:
Прокимен (Псалм 21, 19) глас 4: Ризите мои ги разделија меѓу себе, а за облеката моја фрлаа ждрепка. Боже мој, Боже мој, чуј ме, зошто си ме оствил?
Свештеникот го чита седмото Евангелие според Матеј, зачало 113 (27, 33-54), по него Псалм 50. Од овде престанува кадењето пред Евангелие и читањето мала ектенија, по ова Свештеникот го чита осмото Евангелие според Лука, зчало 111 (23, 32-49). Потоа трипеснец на господин Козма, ирмоси по двапати, тропари на 12, глас 6.

Песна 5

Ирмос: Поранувам кон Тебе Кој, поради Твоето милосрдие, си се покажал неизменливо, дури и до страдања, бестрасно Слово Божјо; мир подај ми мене паднатиот, Човекољупче.

Откако им ги изми нозете и се очистија сега со причестувањето со Твојата божествена тајна, Христе, служителите од Сион се искачија со Тебе на Елеонската гора, пеејќи Ти, Човекољупче.

Не плашете се, пријатели, зашто сега наближи часот да бидам фатен и од рацете на беззакониците да бидам убиен: сите вие ќе се разбегате, откако ќе Ме оставите. Но Јас ќе ве соберам, за да Ме проповедате Мене, Човекољубецот.

Кондак, глас 8: Дојдете сите да Го воспееме, заради нас Распнатиот, зашто Марија Го виде Него на крстот и велеше: Иако трпиш и распнување, Ти си мој Син и Бог мој.

Икос: Марија, гледајќи го своето Јагне, водено на колење, го следеше заедно со други жени, викајќи вака: Каде одиш, Чедо? И зошто брзаш? Зар и друга свадба има во Кана галилејска, па таму сега брзаш, од вода вино да направиш? Дај ми збор, Слово (Божјо) и, молчејќи, не одминувај ме, Ти, Кој чиста ме сочува, зашто Ти си Син мој и Бог мој.

СИНАКСАР

Стихови на распнувањето:

О необлечен мртовецу и Слово на живиот Бог,
Ти си, Боже, Кој живееш и на крстот си умртвен.

Стихови за распнатиот со Христа разбојник:

Клучот на покајаниот разбојник ја отклучи рајската врата, кога рече:
Спомни си за мене (Господи, кога ќе дојдеш во Царството Свое).

Извор: ПОСЕН ТРИОД

Подготви: Светланка Трајчева