Човекот по самата своја природа сака да биде совршен, а тоа му е зададено и како задача: Бидете совршени, вели нашиот Спасител, – како што е совршен вашиот отец Небесен (Матеј 5,48).
Во што се содржи таа совршеност?
Постојат луѓе кои веруваат дека таа се содржи во постот, бдението, поклонувањето, спиењето на гола земја, во извршувањето на многубројните молитви дома и стоењето со духот во богослужбите во храмот.
Други пак веруваат дека таа се состои во таканаречената – умна молитва, oсамеништво, пустиножителство и монаштво.
Всушност сите наброени добродетели и сите тие подвизи самите по себе не преставуваат совршенство, туку се само средства за неговото достигнување.
Совршенството се содржи во приближувањето кон Бога и живот во единство со Него.
А дека добродетелите и подвизите се само средства тоа е несомнено така. Светите луѓе со нив се користат за да ја совладаат својата грешна природа и за да им одолеат на своите главни непријатели : телото, светот и духот на злото.
Постат, за да го скротат телото, бдеат, за да го изоштрат духовниот вид, спијат на голата земја, за да не се разнежат со сонот, го поминуваат времето во молчење и се предаваат на осменички живот, за да го одбегнат и најмалиот повод за да не сторат било што со кое би Го навредиле Бога, се молат, стојат долго на богослужбите и прават други побожни дела само со цел вниманието никако да не се оддалечи од мислите Небесни.
Не смее никако да се заборави дека на оние што полагаат голема надеж на тие добродетели, може да им биде нанесена исто така, голема штета. Не самите по себе, зашто тие се свети, туку заради вината токму на оние луѓе кои што со нив неправилно се користат.
Обрнувајќи внимание само на надворешните дела, тие го оставаат срцето да се движи по своите желби и според желбите на лошиот дух кој гледајќи дека тие скршнале од правиот пат, не им брани, не само со задоволство да се подвизуваат, туку телесните подвизи по сопствената суета, уште повеќе да се намножуваат.
Чувствувајќи духовна утеха, таквите луѓе започнуваат да мислат за себе дека се воздигнати до ангелите, неретко дури вдлабочувајќи се во размислувањата за некои виши, вонземнио вистини, умислуваат дека сосема излегле од овој свет и дека се воздигнале до третото небо.
Но колку ли тие грешат и колку далеку од нив стои вистинското совршенство може секој да види доколку го набљудува нивниот живот и нивното однесување.
Тие обично милуваат пред останатите луѓе во сите прилики да се гледаат како повозвишени од останатиот свет, сакаат да живеат по сопствената волја и секогаш се упорни во своите одлуки, слепи се за да ги видат сопствените грешки, но затоа пак се исклучително островидни и ревносни во анализирањето на зборовите и делата на другите.
Не можат да поднесат кога луѓето укажуваат некому почитување, зошто мислат дека тоа им припаѓа единствено, ним.
Ако било кој им попречува во побожните занимања и подвизи, веднаш се вознемируваат, киптат од гнев и толку се изменуваат така што дури не личат на себеси.
Ако Бог сакајќи да им помогне за да се запознаат себеси и да ги упати на правиот пат, им испрати страдање и болести или допушти да бидат гонети, преку кое Тој обично испитува кои се Неговите вистински слуги, тогаш ке се докаже што се криело во нивните срца и колку тие луѓе се длабоко заробени во гордоста.
Зашто и каква несреќа да им се случи, тие нема да ја приклонат глават под волјата Божја и да се препуштат во Неговите праведни судови, ниту сакаат по примерот на Оној што се понизил и кој што пострадал заради нас да се понижат себе си и да ги примат своите гонители за добротвори како орудие на Божјата наклоност и како наши помошници на патот на спасението.
Тие луѓе се наоѓаат во голема опасност.
Бидејќи имаат помрачен ум, погрешно судат за себеси. Анализирајќи ги своите надворешно побожни дела, заклучуваат дека се добри и веруваат дека веќе го достигнале совршенството, горделиви се и почнуваат да ги осудуваат другите.
Тука веќе не постои можност некој да може да ги упати на вистинскиот пат, освен помошта Божја. Полесно ке се обратат кон доброто јавните грешници, отколку оној кој што се затскрива зад надворешните добри дела.
Духовниот живот и совршенството значи, не се состои само во надворешните добри дела, туку, како што е веќе речено во приближувањето кон Бога и кон Единството со Него.
Со тоа непрестајно е врзано сознанието за сопственото ништавило и својата склоност кон секакво зло, љубов спрема Бога смирување не само кон себеси туку кон сите твари, потполно одрекување од сопствената волја и совршена покорност кон Божјата волја..
Можеби ќе посакаш да се потрудиш да постигнеш совршенство?
Нека е благословена твојата намера. Но уште на првите чекори, подготви се на труд, пот и борба.
Мораш се да принесеш како жртва на Бога и да ја чиниш единствено Неговата волја.
Во себеси ќе наидеш на многу желби кои ќе бараат да бидат задоволени, независно дали е тоа согласно со Божјата волја или не.
За да ја постигнеш целта која себеси си ја поставил, потребно е уште на почетокот на подвигот да ги загушуваш своите желби за на крајот сосема да ги загушиш.
Подготви се за таква борба и биди сигурен дека венецот се дарува само и единствено на храбрите борци!
Токму затоа таа борба е потешка од било која друга, бидејќи кога стануваме против себе, го пронаоѓаме непријателот во самите себе си – дотолку победата е пославна од сите останати победи, и што е најважно – таа Му е најугодна на Бога.
Ако сакаш од таа борба да излезеш како победник, неопходнo е строго да се придржуваш до следниве правила
Никогаш и во ништо не се потпирај на себe!
Имај во срцето многу надеж во Бога! Непрестајно – подвизувај се.
Непрекидно, моли се!
Извадок од НЕВИДЛИВА БОРБА – Свети Никодим Агиорит
– Превод: Мина Даниловска