СРЕТЕНИЕ НА ГОСПОД БОГ И СПАСИТЕЛОТ
НАШ ИСУС ХРИСТОС

ГОЛЕМА ВЕЧЕРНА

Блажен е оној човекː првата катизма
Стихири на Господи, повикав, глас 1.

Кажи ни, Симеоне, кого носиш во рацете, та во храмот толку се радуваш? Кому се обраќаш и викашː Сега се ослободив, бидејќи го видов мојот Спасител! Тој е Оној што се роди од Дева. Тој е Бог Словото од Бога, Кој заради нас се воплоти и Кој го спаси човекот. Нему да Му се поклониме.

Прими Го, Симеоне, Оној што некогаш Мојсеј Го виде во мракот на Синај, и Кој стана дете, потчинето на законот! Он е тој што говореше преку законот! Он е тој што беше претскажан од пророците, Кој заради нас се воплоти и Кој го спаси човекот! Нему да Му се поклониме.

Да дојдеме и ние, со песни божествени да Го пресретнеме Христа и да Го примиме Оној чиешто спасение го виде Симеон! Овој е тој што Давид Го предвести! Овој е тој што говореше преку пророците, Кој заради нас се воплоти и преку законот ни говори. Нему да Му се поклониме.

Слава, и сега, глас 6.

(од Јован монах)ː Денес нека се отвори небесната врата, зашто беспочетното Слово на Отецот, откако прими почеток во времето, не отстапи од Своето божество. Како четириесетдневно дете, од Мајката Дева доброволно се принесува во законскиот храм и Него, на своите раце, Го прима старецот кој викаː

Сега отпушти го Својот слуга, Владико, зашто моите очи го видоа Твоето спасение. Господи, Кој дојде во светот за да го спасиш родот човечки, слава Ти!

Литиски стихири, самогласни, глас 1 (Анатолиеви).

Стариот по денови, Кој некогаш на Синај му го даде законот на Мојсеја, денес како младенец се покажува и, како Творец на законот, исполнувајќи го законот, според законот се принесува во храмот, и на старецот му се предава; Симеон, пак, праведниот (старец), откако Го прими и го виде ветувањето исполнето, радосно викашеː

Oчите мои ја видоа тајната, криена со векови, како се јавува на крајот од овие последни деновиː тоа е Светлината која го изгонува мракот од неверните народи, и која на новоизбраниот Израил му дава слава.

Затоа, ослободи го Твојот слуга од врските на ова тело, заради вечната младост и чудниот и бесконечен живот, давајќи му на светот милост голема.

(Од Јован Монах)ː Оној што во она време на Синај му го даде законот на Мојсеја, денес на прописите им се повинува, откако заради нас, од милосрдие, стана како нас. Денес пречистиот Бог како свето дете, откако ја отвори чистата утроба, на Самиот Себе како Бог се принесува, ослободувајќи нѐ од клетвата законска, и просветлувајќи ги душите наши.

Глас 2.

(Од Андреја Пира)ː Оној Кому вишните служители Му се молат со треперење, сега долу Симеон во материјалните раце Го прима, проповедајќи дека Бог се соединува со луѓето и, гледајќи Го небесниот Бог како со луѓето се соединува, разделувајќи се од луѓето на земјата, радосно извикувашеː Слава Ти, Господи, Кој што Незодната Светлина им ја откриваш на оние што се во темнина.

(Германова)ː Денес Симеон Го прима на раце Господа на славата, Кого што Мојсеј порано Го виде под мракот на Синајската Гора, кога му ги даваше таблиците (со Божјите заповеди). Тој е Оној што говореше преку пророците и е Творец на законот. Тој е Оној што Давид Го навестува, Кој е страшен за сите, Кој има милост голема и богата.

Света Дева Го донесе Светиот (Господ Исус) при светиот Симеон, кој Го прими на раце радувајќи се, и повикаː Сега го отпушташ Својот слуга во мир, Владико, според Твоите зборови, Господи!

Создателот на небото и на земјата, денес од старецот Симеон се носеше на раце. А тој, преку Светиот Дух, говорешеː Сега се ослободив, зашто Го видов мојот Спасител.

(Анатолиева)ː Старецот Симеон денес во храмот влегува радувајќи се духовно, за да Го прими на раце Законодавецот на Мојсеја и Исполнителот на законот. Тој, пак, се удостои да Го види Бога низ облакот и да го слушне Неговиот глас.

Потоа, со покриено лице ги изобличи неверните срца на Евреите; додека Симеон Го понесе предвечното Слово на Отецот, воплотено, и на јазичниците им ја откри Светлината, Крстот и Воскресението. Се покажа и пророчица Ана, проповедајќи Го Спасителот и Избавителот на Израила. На Христа нашиот Бог да Му извикамеː Заради Богородица, помилувај нѐ.

Слава, глас 5.(Од Андреј Критски)ː

Испитајте ги Писмата, како што рече Христос нашиот Бог во евангелијата, зашто во нив наоѓаме како Он се раѓа и во пелени се повива, во јасли се полага и со млеко се храни, како прима обрезание и е носен од Симеона. Тоа не е ниту вообразување, ниту привидение, туку дека на светот вистински му се јави. Затоа кон Него да повикамеː Предвечни Боже, слава Ти.

И сега, истиот гласː

(Германова)ː Стариот по денови, како дете по тело, од Мајка Дева во храм се принесува, исполнувајќи го ветувањето на својот закон. А Симеон, откако Го прими, говорешеː Сега го отпушташ во мир Твојот слуга, (Владико) Свети, според Твојот збор, зашто очите мои го видоа Твоето спасение.

Стиховни стихири, глас 7 (од Козма монах).

Украси ја твојата свадбена одаја, Сионе, и прими Го Царот – Христа! Прегрни ја Марија, небесната врата, оти таа како престол херувимски се покажа; таа Го носи Царот на славата. Дева е облакот на светлината, која на раце Го носи Синот, роден пред ѕвездата Деница. Симеон, пак, откако Го прими во своите раце, на сите луѓе им проповеда дека е Он Господарот на животот и на смртта, и Спасителот на вселената.

Стихː Сега го отпушташ Својот слуга во мир, Владико, според Твоите зборови.

Оној што засветли од Отецот пред вековите, потоа и од девствената утроба, најпосле е однесен во храмот од Неговата неискусобрачна Мајка. И Оној што го даде законот на Синајската Гора, му се покорува на законскиот пропис и се принесе на старецот светител и праведник, кому му беше ветено дека ќе Го види Христа Господа. Откако Симеон Го прими на своите раце, се зарадува викајќиː Овој е Тој едносуштен Бог на Отецот, и Избавителот на душите наши.

Стихː Светлина за просвета на незнабошците и слава на Твојот народ, Израилот.

Оној што е носен на херувимски колесници, и во песни е воспеан од серафимите, Кој неискусобрачно се воплоти од Богородица Марија, Авторот на законот чиј пропис Он го исполнува, носејќи го на раце му Го подаваше на раце на старецот свештеник кој, носејќи Го Животот, бараше разрешување од животот, велејќиː Сега отпушти ме да му јавам на Адама дека Го видов Детето, Кое неизменливо е предвечниот Бог и Спасителот на вселената.

Слава, и сега, глас 8.

(од Андреј Критски)ː Оној што е носен од херувимите и е воспеван од серафимите, денес, според законот е донесен во божественото светилиште и, како на престол, седи на старчевите раце и од Јосифа прима дарови богодолично, како две грлици – Црквата неосквернета и новоизбраните луѓе од незнабошците, две млади гулабици, како началник на Стариот и на Новиот завет. Откако го виде исполнето пророштвото за него, благословувајќи ја Дева Марија – Богородица, Симеон символично ѝ го открива страдањето на нејзиниот Син и од Него бараше ослободување, викајќиː Отпушти ме сега, Владико, како што порано ми предвести, зашто Те видов Тебе – предвечната Светлина, Спасителот и Господ на луѓето што го носат името Христово.

Потоа, Сега го отпушташː Трисвето, и по Оче нашː На благословувањето на лебовите, тропар на празникот трипати, глас 1.

Радувај се, благодатна Богородице Дево, зашто од тебе засветли Сонцето на правдата – Христос нашиот Бог, Кој ги просветлува оние што се во темнина. Весели се и ти, старче праведни, кој Го прими во прегратките Ослободителот на душите наши, Кој ни дарува воскресение.

По Трисвето, тропар на празникот, ектении и отпуст.

Подготви С.Т
М. Д.

Претходна статијаЧОВЕШТВОТО Е СОЗДАДЕНО ЗА ДА БИДЕ РАДОСНО А НЕ ТАЖНО…
Следна статијаВајарот од глина ваја човечки лик – Св. Јован Шангајски (кратка поука)