Св. Јован Златоуст за љубовта кон жената

Како што Црквата Му се покорува на Христа, така и жените да им се покоруваат на своите мажи во се`

. Вие мажите, сакајте ги жените своите како што и Христос ја засака Црквата и се предаде Себеси за неа.” (Ефес. 5, 24-25).

Видовте колкава е цената на верноста. А сега послушајте колку треба да жртвуваме за љубовта.

Дали сакате жената да ви биде послушна како што и Црквата Му е послушна на Христа?

 

Тогаш превземете ја на себе истата грижа за неа, каква што на Себе ја превзеде и Христос за Црквата.

И, ако би било потребно за неа да го дадете и својот живот, да претрпите било какви страдања – немојте тоа да го одбиете.

Ако бидете подложени дури и на сето тоа, ниту тогаш нема да направите ништо слично на она што Христос го направи.

Зашто, вие навистина го правите тоа за некој со кого веќе сте биле блиски.
А Христос го направи тоа за некој кој Му го сврте грбот и кој Го мразеше.

И на истиот начин како што Христос ја почитуваше таквата Црква, ставајќи ја покрај Своите нозе, неа која Му го заврте грбот, која Го мразеше и презираше, не поради закани или принуди, туку токму поради Неговата неизмерна љубов, така, значи, и вие треба да се владеете кон своите сопруги.

Ако сопругата дури и ве омаловажува и ве презира и исмејува, и тогаш поради големата почит кон неа, со својата љубов и љубезност ќе можете да ја ставите покрај своите нозе.

Зашто, ништо не влијае посилно од овие спони на љубов и љубезност, а особено помеѓу мажот и жената. Навистина, можеби човекот со страв и ќе го приврзе својот слуга; но не, нема ниту него, зашто и тој ќе бара начин да избега и замине.

Но ти, својот животен другар, мајката на своите деца, изворот на сите свои радости, не би требало да ја врзуваш со страв и закани, туку со љубов и благ однос.

Зашто, какво е тоа единство каде што жената се плаши од својот маж?

 

И какво задоволство ќе има мажот ако со својата жена општи како со робинка, а не како со сопруга која го љуби по своја слободна волја?

Дури и ако во нешто пострадаш поради неа, не ја казнувај, зашто ни Христос така не направи.

Не го барајте од својата жена она што таа не може да го има. Гледате ли дека Црквата се` што има, го доби од рацете на својот Господар?

Он ја направи славна, Он ја направи чиста,

Он ја направи непорочна. Не и` го врти грбот на својата жена поради нејзините недостатоци. Твојата жена ја создал Бог.

Ти не ја осудуваш неа, туку Оној Кој ја создал.

Што може да направи жената?

Не ја фали поради нејзината убавина. Пофалбата, омразата и љубовта засновани на надворешната убавина извираат од нечистите души.
Трагај по убавината на нејзината душа.

Подражавај Му на Женикот на Црквата. Надворешната убавина е полна со измама и разврат и ги наведува луѓето на љубомора, а честопати и на мечтаење за лоши работи.

А дали дава некакво задоволство? Можеби за месец или два, или во најдобар случај за една година, но не за подолго. Одушевувањето исчезнува по блискоста.

Меѓутоа, злото кое настанува од надворешната убавина останува: гордоста, лудоста, злобата.

Љубовта која започнала на здрава почва останува верна и огнена зашто е загледана во убавината на душата, а не на телото.

Кажи ми што има поубаво од небото?

Што има поубаво од ѕвездите? Опиши го кое сакаш тело, па ниту едно не е толку убаво.

Зборувај ми за било чии очи, нема ниедни кои така блескаат. Кога ѕвездите биле создадени, самите ангели ги гледале со воодушевување, а и ние со чудење ги гледаме но не со онакво како некогаш.

Тоа е поради лошата навика.

Работите не не` возбудуваат со истиот степен.

А колку е тоа поточно во однос на жената!

Па дури и ако по некоја случајност наиде болест, се` одеднаш пропаѓа.

Барај во жената нежност, смиреност и благост. Тоа се знаците на убавината. А не треба да бараш во неа само телесна љупкост, ниту пак да ја казнуваш што ја нема, зашто таа за тоа воопшто не е виновна.

Зарем не гледате како многу луѓе, живеејќи со убавици, недостојно го завршиле својот живот, а колку ги има што живееле со жени со не толку голема убавина, па доживеале значително длабока старост во голема радост?

Да ја избришеме “маната” за која е пишано, да ги измазниме “брчките” кои одвнатре ја нагрдиле,да ги отфрлиме “дамките” кои се на душата.

Тоа е убавината која Бог ја бара.

Да се потрудиме жената да биде убава во очите Божји, а не во нашите.“

Превод: Братство на ман. Св. Гаврил Лесновски

Извор:ТРОИЧНИК

Претходна статијаВселенскиот Патријарх Вартоломеј: Европа не може без своите христијански корени
Следна статијаТајната во ќупот…!