Преподобен Макариј Велики – Духовни беседи за совршенството

 

Оние што имаат намера да Му благоугодуваат на Бога треба молитвите да ги извршуваат во мир, тихување, кроткост и премудрост, за да не станат соблазна за сите ако се молат со гласни повици.

Во истава беседа се одговара на две прашања:

Дали се престолите и венците материјални творби? И што се дванаесетте Израилеви престоли?

1. Тие што му приоѓаат на Господа треба молитвите да ги извршуваат во тихување и мир, со голема благодушност, и да не Му се одѕиваат на Господа со непристојни и збркани повици, туку со копнеж во срцето и со трезвени мисли.

Некој што страда од некоја болест, кога ќе му ја изгорат раната или ќе го стават под некој друг хируршки третман, болката што ја чувствува ја поднесува мошне храбро и трпеливо, владеејќи со себе без паника и вознемиреност.

Други, пак, трпејќи ја истата болка, додека им ја горат раната или при некој друг хируршки зафат, испуштаат неприлични извици.

А болката е иста и кај двајцата. И кај тој што вика и кај тој што не вика, и кај тој што паничи и кај тој што не паничи.

Значи, едни доживуваат мака и други болни чувства и тоа го поднесуваат благодушно, без паника, владеејќи со помислите на својот ум, а други, имајќи ја истата мака, ја поднесуваат нестрпливо, панично и збркано се молат, со што ги соблазнуваат оние што ги слушаат.

А има и такви коишто не чувствуваат никаква болка, но за да предизвикаат внимание, или поради нивната ќудливост, испуштаат повици коишто не се на место, како да е можно на тој начин да Му се благоугоди на Бога.

2. Слугата Божји не треба да престојува во такво неустројство, туку во секоја кроткост и муцрост, како што рекол пророкот:

„На кого ќе погледам: на смирениот и паднатиот со дух и на оној што трепери пред Моето слово” (Иса. 66, 2).

Исто така, наоѓаме дека во времето на Мојсеј и Илија, кога им се јавувал Бог, пред величеството на Владиката меѓу масите служеле трубите и силите, меѓутоа Господовото доаѓање се одликувало и покажувало преку она што е наброено погоре, т.е. преку мирот, молкот и спокојството.

Зашто кажано е:

„Здив од тих ветер, и таму е Господ” (3. Цар. 19, 12). А со ова се покажува дека Господовото спокојство се состои од мирот и благодушноста.

Но каква основа ќе положи човекот и каков почеток ќе направи, во тоа останува се до крајот. Ако почне да се моли громогласно и збркано, тогаш оваа навика ќе ја задржи до крај. Со оглед на тоа што Господ е човекољубив, во некои случаи тој и на овој човек му укажува помош.

Така, таквите луѓе, осоколувајќи се од дејството на благодатта, остануваат до крај при својата навика.

Но ќе видиме дека така прават лаиците, затоа што и другите ги соблазнуваат, а и самите се молат збркано.

Претходна статијаМОНАСИТЕ СЕ ЕКСПЕРТИ ВО НАУКАТА НА ПОКАЈАНИЕТО!
Следна статија+ ХРИСТОС СЕ РОДИ! – Младоженецот на душата се роди!