КАКО ТРЕБА ДА ГИ ПРАЗНУВАМЕ ПРАВОСЛАВНИТЕ ПРАЗНИЦИ

Митрополит Брегалнички г . Иларион (извадок од беседа)

….
. Зашто , вака вели Господ :

„ Дојдете , благословени од Мојот Отец ; наследете го царството, приготвено за вас од почетокот на светот;

оти гладен бев и ми дадовте да јадам;

жеден бев и Ме напоивте,

странец бев и Ме примивте;

необлечен бев и Ме облековте; болен бев и Ме посетивте;

во затвор бев и дојдовте при Мене. Тогаш праведниците ќе Му одговорат и речат: ’

Господи, кога Те видовме гладен и Те нахранивме, или жеден и Те напоивме? Кога Те видовме странец и Те прибравме, или необлечен и Те облековме? Кога Те видовме болен, или во затвор и Те посетивме?’

 

… Вистина, ви велам: доколку сте го направиле тоа на еден од овие најмали браќа, Мене сте Ми го направиле “ ( Мт . 25, 34 – 40).

Ноќта пред празникот, не смееме да си дозволиме да ја поминеме раскалашано и гревовно, „ не во срамни гоштавки и пијанство, не во блуд и нечистотија, ниту, пак, во препирка и завист “ ( Рим . 13, 13), туку да се потрудиме да се подготвиме достојно за најсвечениот и најторжествениот чин, кога на самиот ден и на самиот празник, на Светата Литургија изобилно се излева благодатта Божја, која како река ги напојува сите присутни во храмот, а ние, по претходната подготовка преку покајание и исповед , се причестуваме со Пречистото Тело и Божествената Крв на нашиот Господ Исус Христос .

 

Неискажливо голема е радоста и благодатта која што ја чувствуваме кога се причестуваме, и само на тој единствен начин вистински го празнуваме празникот, со неискажлива радост поради нашето соединување со Господа.

Според заповедите Христови и според богословието на Светите Отци , вистинскиот христијански живот е возможен единствено преку реалното заедничарење со Господ Исус Христос во Светата Тајна Евхаристија , а преку оваа сеспасителна Тајна и заедничариме и со сите луѓе.

Доколку сме однеле во храмот панагија или славски колач, треба трпеливо да го почекаме свештеникот Божји, кој по завршувањето на Светата Литургија, ќе го пресече колачот или панагиата, кои таинствено и символички представуваат жртва на благодарност кон Бога, што преку Господ Исус Христос и Неговото страдање сме спасени од пропаста, смртта и пеколот, кои праведно сме ги заслужиле како плата за нашите гревови.

Пред пресечениот и со црвено вино полиениот колач, треба да се потсетиме на големата Жртва, која нашиот Господ ја даде за нас, за Неговите страдања и распнувањето на Крст, па да се испитаме самите себе, дали нашиот живот е достоен за таа Жртва?

Дали живееме според Евангелието Христово? Дали ги помагаме сиромашните и своите ближни, како што сме должни да постапуваме? Дали гладниот го нахранивме, голиот го облековме, дали жедниот го напоивме? Дали во Бога веруваме и се трудиме според верата да живееме?

– Ако не сме постапиле така, тогаш да се потрудиме уште истиот ден таа грешка да ја поправиме, бидејќи верата без добри дела е мртва. Заедно со славскиот колач треба да однесеме и пченица која сме ја подготвиле како благодарствена жртва кон Бога за сите земни добра, кои што Тој како Човекољубив Отец секојдневно ни ги дарува.

И така, возљубени христијани, ова свето заедничарење со сите наши ближни, продолжува и надвор од храмот, во семејниот дом, кога исполнети со радост и веселба во нашето срце, сме собрани сите заедно околу скромната празнична трпеза, вознесувајќи му слава на Бога за си. Да не ги забораваме зборовите на св . апостол Павле, кој вели :

„ Не опивајте се со вино , од кое произлегува блуд , но исполнувајте се со Дух “ ( Ефес . 5, 18).

Пријателите и ближните собрани во нашите домови на празникот, со самото свое присуство нѐ поучуваат дека сме должни да бидеме ревносни во исполнувањето на Божјите заповеди и во задобивањето на добродетелите, па збогатени со нетрулежно богатство, да бидеме вброени и да бидеме сожители со апостолите, пророците, мачениците и со сите светии.

Ако на овој начин ги славиме празниците, и ако достоинствено се подготвуваме за нив, тогаш навистина прославуваме духовна слава и празнуваме заедно со ангелите.

Ако не славиме на овој начин и ако самите себе си не се трудиме да се изградиме на начинот за кој што говоревме, тогаш каква полза ќе имаме од празникот?

Навистина, има меѓу нас и некои кои не се подготвуваат христијански за празникот, туку, за жал, повеќе наликуваат на незнабожци и пагани отколку на христијани.

Не се угледувајте на тие неразумни и слепи, кои кога ќе дојде некој поголем Господов или Богородичен празник, или пак именден или домашна слава, наместо да отидат в црква и да го прослават Бога или да се помолат на Пресветата Владичица наша Богородица или на светителот чие што име го носат или пак на оној кој го избрале за свој семеен заштитник, наместо тоа тие прават раскошни гозби, изобилни трпези, невнимавајќи дали е време на пост, но свесно го нарушуваат, се опиваат, по цела ноќ седат, пијат и пеат, блудствуваат и со тоа не го измолуваат светителот да им го благослови домот и семејството, туку го навлекуваат на себе и на своето семејство гневот Божји, Кој праведно ги казнува оние кои вака гордо и изопачено постапуваат.

За нив Господ вели : „ Ќе ги претворам празниците ваши во тага и сите ваши песни – во плач “ ( Амос 8, 10).

Тие ги забораваат и на зборовите на св . Јован Лествичник кој вели :

„ Слугата на стомакот мисли со какво јадење да го прослави празникот, а слугата Божји мисли со какви добродетели да се збогати!“.

Наместо тоа, ние сме должни со христијанска ревност и љубов кон нашиот Господ Исус Христос , Пресвета Богородица, светителите и кон сите наши браќа и сестри, да ги повикаме сите кои што го љубат Бога и благочестието , да ги отвориме портите на нашите домови и срца, за сите добронамерници кои сакаат со своето присуство уште повеќе да ни го разубават празникот и домот, и со скромна христијанска трпеза, а особено со христијанска љубов, да ги нагостиме сите: и роднини и пријатели, и браќа и сестри во Христа, познати и непознати, сиромашни и бедни, просјаци, гладни и жедни, сите кои го слават Бога.

На тој начин, славата која тие на Бога ќе ја вознесат, нам ќе ни се забележи како заслуга, и ќе се покажеме угодни пред Бога. Затоа да празнуваме благочестиво и достоинствено, за да добиеме милост од Бога, по молитвите на светителите кои што ги празнуваме.

Но, богослужението не започнува и не завршува само во храмот, туку тоа секојдневно треба да се извршува во најважниот и најсветиот храм, а тоа е човечката душа, во која ние христијаните секојдневно се трудиме да вршиме служба Божја, преку постојана молитва и труд во исполнувањето на евангелските заповеди. Св . Апостол Павле вели :

„Не знаете ли вие дека сте храм Божји, и Духот Божји живее во вас ?“ (1. Кор . 3, 16).

 

Овој наш труд и подвиг треба да е голем и ревносен , особено кога празнуваме некој празник, зашто непријателот на нашето спасение не спие, туку само чека погоден миг и час, кога не сме будни и не внимаваме доволно на себе, да нѐ завлече во своите пеколни мрежи и да нѐ оддалечи од Бога и од Небесното Царство.

Како што велат Светите Отци:

„ Голем празник, големи искушенија !“

Затоа да внимаваме и да бидеме будни, бидејќи не го знаеме ни времето ни часот кога ќе треба да застанеме пред Бога и да дадеме одговор за нашето христијанско однесување.

Наместо многу народ, играње и недолични веселби, со нас нека бидат војските на светите Ангели кои ќе го прославуваат Бога за нашите добри дела и ќе се радуваат за спасението и воздигнувањето на нашите души.

Наместо мноштвото роднини, пријатели, видни и угледни лица, со нас нека празнуваат Светителите, кои како најљубени и најискрени наши пријатели, по преминувањето од овој живот во небесниот, ќе ја примат нашата душа во вечните живеалишта, како што Авраам го прими Лазара, така и тие да нѐ удостојат да живееме заедно со нив, вечно празнувајќи со небесни песни и славословија, посветени на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, сега и секогаш, и во вечни векови, амин!

Целиот текст:

ИЗВОРПравославни вести и патувања
Претходна статијаТоа го прави совеста! (Свети Јован Златоуст)
Следна статијаПостот има подлабоки корени од новогодишните лумпувања!