„Да живеевме ние во времето на апостолите и да Го имавме видено Господ Исус, и ние ќе бевме светители како нив“.
Така си замислуваат во своето незнаење. Бидејќи Оној Кој беседеше во времето на апостолите и сега му беседи на целиот свет.
Не само во зборови, туку и преку Своите дела Тој е ист како и во апостолското време, зашто нè уверува велејќи ни:
„Отецот е секогаш во Синот и Синот е секогаш во Отецот, и како што Отецот секогаш дејствува така и Синот секогаш е делотворен“.
Можеби некој ќе рече дека е голема разликата да Го гледаш Господ телесно и само да ги слушаш Неговите зборови – како што сега ние слушаме од други и читаме во Евангелието.
И јас кажувам дека има разлика и додавам дека денешниот начин на спознавање на Христос е неспоредливо попогоден од првобитниот.
Бидејќи, тогаш Господ им се покажал на луѓето во облик на обичен човек, смирен и понижен – тоа и самите Евреи ги збунувало – додека денес Тој нам ни Се проповеда како вистински Бог.
Тогаш им приоѓал на луѓето како човек, седел на трпеза со грешници и митници додека денес Тој седи од десната страна на Бога Отецот и го храни целиот свет, и без Него ништо не се случува.
Во времето на апостолите дури и простите Го понижувале и велеле:
„Нели е овој дрведелецот, синот на Марија?!“ (Мар. 6, 3) додека сега Му се поклонуваат кнезови и цареви како на Божји Син и Бог.
А Тој ги прославува оние кои вистински Му се поклонуваат со духот…“