ЗА ПОСЛУШАНИЕТО

 

Најсигурниот, наједноставниот и најбрзиот пат до спасението води низ послушанието. Вистинското послушание ги надминува сите физички сили на човекот, но Господ е Тој, Кој помага. Тој на нашата сила ја додава Својата сила.

Тој, на самиот почеток на нашата решеност да чекориме по тесниот монашки пат на послушанието, ќе нѐ поддржи и ќе ни даде сила да истраеме на патот по кој сме тргнале.

И сѐ додека сме решени да го следиме овој животен пат, Бог во изобилие ќе ни помага. Тој ќе ни даде сила да истраеме. На тој начин Самиот Бог потврдува дека послушанието е Негова света волја.

Должни сме, имајќи ја надежта во Божјата помош, да го прифатиме секое послушание кое ни го даваат, при тоа верувајќи дека сѐ што правиме во слава на Бога правиме.

Послушанието е компас за монахот, но и за секој христијанин.

Колку повеќе сме трудољубиви во послушанието, толку повеќе наликуваме на нашиот божествен архетип Христос. Тој ни ја дал вистинската мерка во послушанието, а тоа е послушност до смрт.

Не дојдовме во манастир за да навлегуваме во длабочините на теологијата, ниту да се учиме во молитвата, а не дојдовме ни само за спасение на нашите души.

Ако непрестајно се вежбаме во послушноста, тогаш и молитвата и познавањето на теологијата и спасението ќе дојдат како пратен дар од Горе.

Бог нѐ спасува според мерката на нашата послушност!

Свети Варсануфиј Оптински