Свети Нектариј Егински
Свети Нектариј е роден на 1 октомври 1846 година, во Силвира, регионот на Траки (Грција), како петто од вкупно шест деца во сиромашно семејство.
Неговото име било Анастасиос Кафалас.
На возраст од 14 години се преселува во Константинопол (Истанбул), каде што почнува да работи за да може да го продолжи образованието.
Во 1866 година се преселува на островот Киос, каде што наредните години го надополнува своето образование.
Бидејќи беше од сиромашно семејство, кога сакаше да замине од својот дом, немаше пари за да го плати билетот на бродот, а капетанот не сакаше да го пушти да влезе без билет. И неколку дена бродот не можеше воопшто да се помрдне.
Дојдоа најдобрите мајстори, но не можеа да откријат зошто бродот не може да исплови.
Свети Нектариј целото тоа време седеше спроти бродот нажален, и дури кога капетанот му го фати погледот, сфати зошто бродот не може да тргне. Во моментот кога го пушти свети Нектариј да се качи, во тој час бродот исплови.
Во 1876 година, на возраст од 30 години се замонаши и го доби името Нектариј.
Во 1885 година дипломираше на Универзитетот во Атина.
За време на своето студирање, напиша многу книги и даде многу свои коментари на Библијата.
По дипломирањето, заминува во Александрија, Египет, каде што е ракоположен за јеромонах и служи во црквата во Каиро.
Заради неговата побожност и дарба за проповед на Евангелието, во 1889 година е назначен за Митрополит на Пентаполи од Патријархот Софрониј.
Остана во Каиро една година, и неправедно и без објаснување беше преместен далеку од Египет, како резултат на клевети и лаги кажани за него.
Во 1891 година се враќа во Грција, и две години служи на Евија.
Во 1894 година именуван е за директор на Црковното училиште, каде неговите служби оставаат длабок траг и печат.
Напиша многу студии и книги, за сето време додека служеше во Атина.
Во 1904 година, на барање на неколку монахињи основа женски манастир на островот Егина.
Манастирот го посвети на Света Троица, а изградбата заврши во 1910 година.
Исто така, основа и многу цркви и параклиси низ целиот остров.
Во декември 1908 година, на возраст од 62 години, ја напушти функцијата директор, и се пресели во манастирот, каде што остана до крајот на својот живот, во длабоко тихување како монах.
Додека се градеше манастирот, секогаш им помагаше на работниците, работејќи заедно со нив. Многу сакаше цвеќиња и дрвја.
Се претстави пред Господ на 21 ноември 1920 година (во 22 часот), на 74-годишна возраст.
Последните неколку години свети Нектариј боледуваше, и последните денови ги помина во болницата во Атина.
Кога го пренесуваа од Атина во Егина, мирото непрестајно течеше од неговото чело.
Сите беа вчудоневидени.
Преблагиот мирис најпрвин се разлеа низ целата болница, па потоа и низ цела Егина.
Во болницата, кога докторите дојдоа да го пресоблечат, случајно неговата кошула ја фрлија на соседниот кревет на кој лежеше парализиран човек.
Во истиот момент кога тој се допре до кошулата на свети Нектариј, се излекува.
На неговиот погреб присуствуваше многуброен народ. Пристигнуваа од секаде, за да се допрат до свети Нектариј.
За Свететител е прогласен на 20 април 1961 година.
Секој 22 ноември мноштво народ доаѓа во манастирот на свети Нектариј за да се поклони на неговите мошти.
Тропар, глас 1:
Верни да го прославиме Нектариј, чедо на Селиврија и заштитник на Егина; вистински пријател на добродетелта, кој се појави во последните времиња како благочестив слуга Христов: зашто точеше обилно исцеленија врз оние кои со почит извикуваа: Слава на Христа Кој те прослави; слава на Оној Кој те возвелича; слава на Оној Кој преку тебе сите ги исцелува.
Слава, друг тропар, глас 4:
Си живеел свето како епископ богат со мудрост; си го прославил Господа преку твојот добродетелен живот светителу Нектариј. Затоа, прославен од силата на Утешителот, ти ги прогонуваш лошите духови и ги исцелуваш болните кои со вера доаѓаат кај твоите свети мошти.
Кондак, глас 8:
Со радосно срце да му испееме пофалби на оној кој се јави како новојавена светлина на вистинската вера, и новоподигнат бедем на Црквата, зашто бивајќи прославен преку дејството на Духот, обилно точеше исцелителна благодат врз оние кои повикуваат: Радувај се отче Нектариј.
Икос: Си се покажал пред светот како човек со небесен ум, Нектариј, епископе Христов: зашто водеше праведен живот, и во сите работи беше искрен и вдахновен. Затоа од нашите усни слушаш:
Радувај се, низ тебе верните се подигнуваат;
Радувај се, низ тебе непријателите се зачудуваат;
Радувај се, зашто си подобен на светите отци;
Радувај се, божествен учителу на Православните Христијани;
Радувај се, најсвет дому што Бог го изградил;
Радувај се, книго на новиот живот, божествено испечатена;
Радувај се, зашто се израмни со светителите;
Радувај се, зашто мудро си ги отфрлил сите светски работи,
Радувај се, светло знаме на верата;
Радувај се, свештен инструменту на благодатта;
Радувај се, низ тебе Црквата се весели;
Радувај се, низ тебе Егина се радува;
Радувај се, отче Нектариј.
Прва молитва
О, мироточива главо, светителу Нектариј, Божји архиереју!
Во времето на големото отстапништво и безбожништво, си засветлил со побожност и си му ја скршил главата на прегордиот ѓавол, кој нè рануваше. Заради тоа, Христос ти дарува да лечиш неизлечиви болести, кои нè спопаднаа поради нашите беззаконија.
Веруваме дека те засака Бог бидејќи си праведен, па заради тебе да нè помилува нас грешните, да нè разреши од проклетството, да нè избави од болестите и во целата вселена да се слави Неговото страшно и преславно име, на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во вечни векови.
Амин.
Втора молитва
О, свет Нектариј, богомудар отче! Прими го, чувару на православната вера, исповедувањето на луѓето со Христовото име, кои денес се собраа во храмот до Божјата благодат која живее во тебе.
Веста се рашири низ целата земја дека ти, голем меѓу светиите, Божји угоднику, се јавуваш на сите страни на светот на оние кои го призиваат твоето име и дека на болните од рак им даруваш исцеление.
Слушнавме за свештеникот Нектариј, кој подигнува храм во твое име, со големи маки, бидејќи боледуваше од рак на градите и секој ден крв му истекуваше од раните и многу страдаше, но не го оставаше светото дело.
А ти, многумилостив светителу, одеднаш се симна од небото и пред него се појави во храмот. Тој, пак, за тебе мислејќи дека си собрат и еден од смртните, од тебе побара да се помолиш и рече:
„Многу сум болен, но сакам да подигнам свет храм, само еднаш во него да отслужам света литургија заедно со парохјаните, а потоа и да умрам, бидејќи не се плашам од смртта“.
А ти отче, иако беше бестелесен, своето лице со солзи го ороси!
И прегрнувајќи го страдалникот, го целиваше и му рече:
„Не тагувај, чедо мое, бидејќи бргу ќе оздравиш, зашто си искушан со болеста. И сите ќе дознаат за ова чудо“.
Овој, пак, исцелувајќи се, разбра со кого зборува, но ти тогаш стана невидлив.
О, голем Христов угоднику, Нектариј!
Тој храм денес е довршен и твоите чудеса се умножија како морето! Ние сфативме дека молитвите на праведникот треба да бидат поддржани од нашата усилба за Божјата служба и со решеност да умреме заради Христа, за да оздравиме.
Отче праведен, те молат твоите болни чеда: со нас да се исполни Божјата волја, добра, угодна и совршена, бидејќи Бог не ја сака смртта на грешникот, туку грешникот да се обрати и да биде жив.
Ти, пак, пророку на Божјата волја, исцели нè со своето благодатно јавување, да биде голем Бог на Небесата и на земјата во сите векови!
Амин.
Подготви Светланка Трајчева