ЗА ЛАЖНАТА МОЛИТВА
Често лажната фарисејска молитва развива во човекот особена гордост, тој почнува да ги прекорува и да ги учи другите, како да стекнал право на тоа.
Во својот живот таквите лицемерни „ молитвеници “ знаат да се навредат, да бидат раздразливи и зли, поради што, гледајќи го тоа, неверните зборуваат:
„ Оди во црква, а живее полошо од нас “.
Тие луѓе не разбираат дека тие одамна престанале вистински да присуствуваат во црква.
Во храмот стојат само нивните тела како гроб на душата, а умот е закопан, погребен во светски грижи.
Тие се оптоварени со своите мечти и планови, глуви се и слепи за тоа што навистина се случува во храмот, срцето на таквите луѓе е сокриено од благодатта,која снисходи за време на богослужбата.
Поточно, тие само ја гледаат обвивката на храмот: како е храмот исчистен, кој од нивните познаници дошол на служба, како се облечени; одат да се поздрават со нив, соопштуваат и дознаваат вести, ги разгледуваат лицата на луѓето, се вознемируваат ако некој ги турне, негодуваат дека пеачите немаат добар слух, а потоа излегуваат од храмот, уверени дека се помолиле и му платоле данок на Бога.
Таа состојба на духовно самоздоволство и лицемерие може да се нарече малограѓанско фарисејство.
Но има и друг тип на луѓе, кои сакаат да се молат, но нивната молитва се растура како куќа од песок, тие напрегаат сили, но не ја слушаат сопствената молитва, слично на тоа како што не продираат звуците на гласовите зад железната врата на затворот.
Тие се луѓе што ја наполниле својата душа со надворешното, како што со предмети се исполнува просторот на одаите, така што станува тешко човек во нив да се движи и да дише.
Тоа е – култот на знаењата, тоа е неизмерно голтање информации, кога умот станува дебел и млитав, како тело на лаком човек, како стомакот на Гартантуа, кој голтал се што се наоѓало во негова близина.
Таквите луѓе живеат во свет преполн со информации, ненужни и несистематизирани, како Пљушкин среде старудиите, кои самиот ги насобрал.
Умот ги губи своите сили, обидувајќи се да го обработи тој матетијал, што ја исполнува паметта на човекот и ги задушува неговите творечки способности, но тој речиси сиот станува мртва руда.
Душата, задушувајќи се од купот надворешни знаења, не може да се возвиси над земјата. Земјата е стихија на учените, тие можат да расудуваат за Бога, но никогаш нема да се обидат да се молат, па најчесто се претвораат во беспомошни астматичари.
Вториот култ е– култот на емоции и преживувања.
Тука припаѓаат оние луѓе што се занесени од уметноста; тие живеат во свои мечти и вообразби.
Нивното срце, исполнето со страсти, исто така е глуво за молитва.
Во храмот тие се потонати во своите мечти. Тие се жалат дека во богослужбата има малку ефикасност. Службата им се чини туѓа и многу досадна…
Третиот култ – е култот на наслади на ниво на осет, во таа област доминираат жедта за секс и крв. Таквите луѓе не само што го губат духовниот облик туку и душевниот. За таа сорта луѓе тука нема што да се зборува.
Очите на свињата се секогаш насочени надолу. Но бедата е во тоа што таквите луѓе често се сметаат за христијани.
Извадок од книгата „ Тајната на спасението “ од архимандрит Рафаил ( Карелин )