Почитуван отец Горан, ве молам малку објаснете што да направиме, кои ни се должностите и предуслови како кумови.

Ќе бидеме кумови и би сакала објаснување за значењето на кумството според правилата на  нашата православна црква.

Благодарам

+++

Одговор на отец Горан Стојчевски:

Има многу накалемени пишани и непишани правила за тоа што значи кум или како што и во учебниците се наведува, тој е духовен родител.

 

Школски објаснето тој е сведок на крштевањето и со грижливост се труди околу православното воспитување на оној/онаа што се крштева.

Но, за кумот така се грижи, треба прво и најосновно да е православен христијанин, тој да има духовен отец, да се исповеда, согласно на благословот да има правило за пост и молитва, да го чита Светото Писмо, и секако согласно тоа, во исполнување да води литургиски живот, да учествува на Литургијата во неделите и да се причестува.

 

Со такво едно православно искуство може да биде сведок на крштевањето.

Ова е основното и треба да размислиме сериозно да се потрудиме да го исполниме, а потоа доаѓа она држење свеќи, превземање и држење на детето, дар за храмот, како што и ќе ви кажат во најблискиот парохиски храм.

Крштевањето е најзначајна света тајна, преку која ја добиваме благодатта Божја и стануваме членови на Црквата преку причестување со Телото и Крвта Христови како печат на секоја света тајна во Црквата.

На родителите им паѓа најголемата одговорност како ќе се воспитува детето, како детето ќе гледа од своите родители, така и ќе расте, а кумовите тоа треба да го поддржуваат, и ако нешто недостасува да опоменуваат, но треба како што спомнавме и родителите и кумовите да водат литургиски живот и тие да имаат духовен родител, отец.

Тоа нека биде најголемиот подарок за оној кој се крштева.

 

Поздрав и секое добро во Бога.

Претходна статијаДарувај ни Господе наш…! (псалтир) – Преподобен Ефрем Сирин
Следна статијаЦелиот наш живот е дар Божји!